Денеска полнам 35 години

29.08.2015 11:47
Денеска полнам 35 години

Според мене, ова се најубавите години за еден човек. Еве зошто...

Кога имав 15 години се чувствував убаво, но иднината сепак ме плашеше: тоа беа бурните 90-ти... А имав и сиромашно детство.

Кога имав 25, се чувствував исто така несигурно и уплашено. Конечно го привршував факултетот, не знаев што сакам да бидам, кај сакам да живеам, не знаев која е тајната на животот...

Кога си 35 некако сè е поинаку. Конечно многу сегменти си го наоѓаат местото во мозаикот, се поклопуваат едно крај други. Многу нешта ти стануваат појасни, многу енигми се разрешени. Мислам дека кога имаш 35 веќе знаеш сè што треба да знаеш, сè уште си млад но искусен си како диносаурус, веќе си имал доволно порази доволно разочарувања, доволно бродоломи, доволно си видел околу тебе бродоломи. Конечно сето знаење, едукација, икуство си легнува на место, а во исто време сè уште имаш енергија, ентузијазам, амбиција и нагон за успех.

Страв ми е од моите 45, 55 и понатаму... Знам дека нема да ја имам енергијата и еланот и по 10 години. Ќе се јават првите сериозни здравстени проблеми, староста ќе почне да ме кочи, стравот од смрт ќе почне да ги нагризува оптимизмот и еланот, моите родители ќе почнат да покажуваат сериозни старосни тегоби, децата ќе почнат да ми ја цицаат енергијата со своите проблеми кои ќе стануваат сè посериозни...

Мислам дека овие десет години од сега се годините кога сè што сум вложил во себе и сè што моите и општеството вложиле во мене ќе имам шанса да го оплодам во успех, во резултати, во нешто што ќе може да се опипа и измери. Сè досега беше младешко занесување, летање во облаци. Време е да се берат плодови, па макар собирал и по земја презреани или пак берел зелени ситни ниско на гранките. Едноставно, време за мечтаење без акција веќе нема! И тоа сите кои се со 35 би требало да го знаат.

Ви благодарам на сите за честитките за роденденот, ви пожелувам да ви се врати многукратно.

Слика: Свирачиња