Малите луѓе и циганската среќа

02.09.2015 09:42
Малите луѓе и циганската среќа

1.

„Малиот човек“, „граѓанин“, „обичен човек“, „анонимус“, „бројка“ изгледа дека баш никогаш во долгата човечка историја немал можност да биде во фокусот. Како што нема јавен споменик посветен на компирот или оризот (иако компирот и оризот, а не војсководците, го хранат човештвото), така нема споменик подигнат во слава на малиот човек. Малиот човек во историските спектакли бил статист, го положувал својот мал живот за големи победи, за големи кралови, царови и водачи, ги вградувал своите анонимни коски во славните пирамиди и „светлата иднина“. Малиот човек умирал во масата, анонимно, а на историската површина останувале неговите наемодавци, великаните. Дали великаните навистина се великани, е прашање на доминантната машка историска проценка: еден измислил светилка, друг убил илјада луѓе, еден измислил машина за перење алишта, друг гасна комора. Малиот човек останал анонимен и осуден на тоа да биде вечен статист. И бунтовите и револуциите не ја разбудиле свеста кај малиот човек дека човек тоа звучи гордо, не го направил тоа ни Максим Горки, авторот на слоганот, ниту тоа го направила демократијата. Тоа го направи дигиталната револуција: тоа што комунизмот само го сонуваше, го оствари технологијата. Технологијата овозможи и тој, поранешниот статист, конечно да влезе во крупен кадар. Нели тој, црв во човечки облик, се појавил на овој свет за да остави свој белег?! И навистина, малите луѓе побрзаа да ги остават своите белези, притоа развивајќи невиден апетит: едни се соблекуваат голи и ги покажуваат задниците, други гениталиите, едни пејат, други пишуваат, едни танцуваат, други сликаат, додека некои, човечки мултиплекси, го прават сето тоа заедно. Малиот човек најпосле ја освои медиумската власт. Малиот човек држи јавни предавања, на пример, па така Борна Рајиќ, поранешна жена на Лука Рајиќ – поранешен возач на камион во „Дукат“, а денешен припадник на елитата од 300 најбогати Швајцарци (тој, исто така, е мал човек кој преку ноќ го остварил својот сон и станал милионер со швајцарска адреса) – ги посветува своите блогови во толкување на Алберт Ајнштајн, иако притоа не завршила ни физика ни математика. И таа го усвоила слоганот човек тоа звучи гордо. Изгледа дека богатството, животот во Париз, трите синови и двајцата поранешни мажи не ѝ се доволни за чувството на исполнетост. Малиот човек со технологијата ја освои моќта слободно да ги остварува сите свои потенцијали, оние егизибиционистичките и оние садистичките. Една осамена жена од Славонија е уверена дека не можат да преживеат без нејзините мејл извештаи за тоа што мисли таа за луѓето, за светот, за политиката, за мене (иако не се познаваме), за тоа што пишува во весниците и што мисли таа за тоа, и за тоа каква ни е хрватската книжевност. Жената веќе неколку години ме чести со своите мејлови иако другите хрватски писатели ѝ се допаѓаат повеќе од мене, особено Миро Гавран, кој, тврди жената, пишува за обичните, за малите луѓе.

Тој мал човек ги направи своите енциклопедии достапни за секого, своите алтернативни форуми, своите видео творби и својата видео уметност, својот онлајн весник, своите вредности, своите ѕвезди – сè што е негово. Во резултатот на таа колосална самоослободеност, поштата (електронска) веќе не служи за вас испраќачите да ве прашаат како сте, туку да ви подметнат информација за тоа како се тие, кои успеси ги постигнале, што напишале ново, насликале, снимиле, предавале, каде сè биле, и во што учествувале. Малиот човек има сè што и поранешниот голем човек, сопствени медиуми, свои блогови, свои интернет страници, свој Фејсбук, свој Твитер, свои селфи фотографии, свој Инстаграм, свои смс пораки, а големиот човек сè повеќе се труди да влезе во фокусот на малиот човек. А, тие кои навистина владејат со светот можат конечно да здивнат, бидејќи денес секој Нарцис на земјината топка може себеси да си дозволи огледало. Во намерата да го слушнат, видат и запаметат ослободениот мал човек е подготвен на сè, само веќе не на анонимност. Еднаш разбудената глад е толку силна што веќе ништо не може да ја стивне. Комунизмот, кој одамна ветуваше дека луѓето во иднина ќе се занимаваат со слободни активности, не го исполни ветувањето, но тоа место него го направи технологијата. Благодарение на дигиталната технологија, а не на Маркс, малиот човек со една нога зачекори во комунизмот. Технологијата овозможи власта конечно да премине во рацете на народот. Карневалот – кој во преддигиталните епохи се дозволувал само еднаш годишно, и служел за исмејување на институциите на власта, од попови, царови, кралови, диктатори и политичари – во нашето дигитално време трае постојано. Разликата е во тоа што денешниот учесник во карневалот ретко ги исмејува своите авторитети, имено, премногу е заљубен во сопствената слика. Учесниците во карневалот во преддигиталната ера носеле маски, денес секој се труди да го покаже сопственото лице.

А, ако некој мисли дека нашето време е вулгарно, во право е. Не треба да се срамиме гласно да го кажеме тоа, бидејќи тоа што го кажуваме и онака никој не го слуша. Во нашата дигитална ера самиот живот се доживува како карневал, и затоа нема одмор додека трае карневалот. Исцрпените луѓе се китат со селфи фотографии и по милион пати ја репетираат својата среќа. Тие се забавуваат, мошне добро се забавуваат, единствено нема никој кој би се осмелил да ја исклучи прегласната музика, да ја затвори славината со пијалак, да го одбие учеството во самозаборавот. А светот изгледа како некое локално Свирипичино, разголени човечки тела ја репетираат пораката човек тоа звучи гордо, дека сè е кул и дека не може да биде покул, дека забавата ќе трае сè додека ослободените човечки тела не ги смири неизбежната лопата во земјата.

2.

А кога сме веќе кај тоа, погребниот музеј Nederlands Uitvaaer Museum Tot Zover во Амстердам е необично место, каде посетителот може да дознае нешто за погребните ритуали на различни народи. Таму и дознав дека Суринамците во телото на покојникот ставаат кесички со бонбона, паричка или бел конец, а Кинезите храна, вок за подготвување храна, транзистор, патики и слично, при што сè е направено од хартија. Имено, Кинезите преферираат кремирање.

Меѓутоа, тоа што ме доведе на тоа место беше јунската изложба посветена на самоубиствата предизвикани од економската криза 2008-2013 година. Освен изложбата на фотографии на Ѕидот на срамот (Wall of Shame) изложбата беше затрупана со многу примероци од една единствена книга. Книгата потсетува на монументален речник, има платнени црвено црни корици, додека на црните страници се втиснати бели букви. Овој „Лексикон на самоубиства предизвикани од кризата 2008-2013 година“ (The Complete Lexicon of Crisis Related Suicides 2008-2013) е дело на графичкиот дизајнер Ричард Слуијс. Книгата има 712 страници и тешка е речиси два килограми. Секоја страница е дизајнирана како некролог со објаснување. Слуијс дизајнирал симболи за скок од височина, бесење, куршум, давење, прекумерна доза (лекови, дрога и слично), нож, отров, давење, сообраќајна несреќа, самозапалување, експлозија, и за „непознат начин“. На книгата е втиснат податок дека се работи само за прво издание, со што авторот сака да нагласи дека во книгата не се интегрирани сите самоубиства кои се случиле во светот заради економската криза, ниту дека со книгата се исцрпува комеморацијата на жртвите; освен тоа, книгата само поттикнува на освестување пред овој застрашувачки тренд. Ричард Слуијс во воведот од книгата донесува шокантни бројки за растот на самоубиства заради рецесија во земјите како што се САД, Полска, Ирка, Грција, Шпанија, Италија и Португалија. Податокот дека на едно „успешно“ самоубиство доаѓаат дваесет обиди, е подеднакво страшен. Книгата наликува на гробишта со приближно шесто гробници. Тука се закопани Франко Д’Аргениот (58), шумарски работник од Кампанија во Италија, кој извршил самоубиство со давење во цистерна, откако не добивал плата 17 месеци. Тука е закопан Г.А. (61) женет, две деца, од местото Мацара дел Вало, Италија... И така натаму, и така натаму, и така натаму...

Книгата на Ричард Слуијс нема да стане бестселер. Таа зборува за малите луѓе што ги покосила, и понатаму ги коси, економската криза, за луѓето чија смрт никого не потресе премногу. Жртви има многу, и многу повеќе отколку што успеал да собере авторот на книгата, кој притоа не е социолог, ниту статистичар, ниту економист, ниту антрополог, туку графички дизајнер со чувствително срце. А, кога има многу жртви, за нив во човечките срца со капацитет на просечни чувства нема место. Да се присетиме, емпатијата е прогонета од современите општества со општа среќа. Секој се грижи за својот живот, за својот животец. И сè додека луѓето се опсесивно загледани во својата сопствена рефлексија на рамните екрани, нема место за животите на другите, едноставно нема место.

3.

Ако посетителот ги протегне нозете само неколку чекори понатаму од музејот, кој се наоѓа на самиот влез од гробиштата, ќе наиде на низи необични и невообичаено раскошни гробници. На тој дел се погребуваат амстердамските Цигани со српски имиња и презимиња. Изгледа дека властите на гробиштата се поткупливи насекаде: српските Цигани на амстердамските гробишта успеале да ги освојат првите редови и да основаат угледна колонија на своите мртовци. Бидејќи Циганите (патем кажано, односот кон Циганите не стана нималку подобар заради тоа што политички коректните лицемери денес ги нарекуваат – Роми!) изгледа дека мораат најпрвин да умрат за да станат граѓани од прв ред. Циганите се луѓе талкачи, се смируваат дури кога ќе ги смират сопствените коски, вистинскиот дом го остваруваат дури во смртта, веројатно затоа и не сакаат гробниците да им бидат полуксузни од просечните амстердамски станови. Гробниците се изградени од најдобар мермер, некои се дури и електрифицирани, иако властите од гробиштата не дозволуваат осветлување на гробниците. Многумина до гробниците вградуваат и мермерни клупи со мермерни столици, за посетителите да можат да се одморат. Некои гробници имаат и позлатени детали, најлуксузна е онаа со марката “President”. На надгробните плочи се гравирани фотографии од покојните, на некои се гледаат сцени од секојдневниот живот на покојникот – маж или жена пијат кафе во сенка на некое дрво, или отвораат врата од раскошен бел мерцедес. Некои избираат фотографии од сопственото венчавање, кога биле млади и убави, некои ги додаваат омилените глетки на кои вечно ќе ги одмораат своите очи – стада бели коњи, на пример. И, ете, Циганите кои никогаш не биле интегрирани во ниедно општество, стануваат симбол за интеграција кога ќе умрат: многу посетители на гробиштата запираат покрај новите гробници и ги фотографираат. На тоа тажно место има некаква фарсична правда, местото е среден прст упатена кон цивилизацијата на парите, нашата цивилизација. Ете ви ја на! - порачуваат покојните, тоа е вашата култура, а ние само ја имитираме, тоа е вашиот кич, а ние само го зголемуваме, парите и успехот се вашите вредности, кои, дури и ако Циганот малку се потруди, може лесно да ги освои. Посетителите, во кои погледот на гробниците предизвикува чувство на супериорност (Глупави варвари! Каков кич! Колку тони бесмислено потрошени пари!), ги фотографираат гробниците со иронични гримаси на лицето, не знаејќи дека сенките на закопаните Цигани од надгробните плочи им покажуваат среден прст.

А циганската среќа не лежи тука, туку на друго место. Често одново, и секогаш со неописливо задоволство, ја читам Боже, претвори ме во мравка, антологијата ромски бајки од Косово и Метохија (која ја собрал и уредил Алија Красниќи, а ја издал Центарот за творештво на младите во Белград 2001 година, во восхитувачки умниот недизајн на „Шкарт“!). Во тие бајки сиромашните со добри срца совладуваат корисни вештини. Прилегни, шумо, велат, и ете, шумата легнува! Во тие бајки јунаците со добри срца се претвораат во гаврани и мравки, и добиваат неколку ламби од кои, кога ќе се запалат, течат дукати. Во тие бајки од добрите девојки, кога ќе се полеат со вода, плискаат златни кованици како дожд; кога девојките плачат по нивните образи течат бисери; а кога ќе се насмеат од нивните усти излегуваат каранфили. А кога чешел ќе се фрли на земја, од него расте густа грмушка; од огледало се создава езеро; а лубениците што се спуштаат од небо зборуваат со човечки јазик... Што да кажеме за тоа освен дека спрема таквите пејзажи на циганската фантазија современата технологија изгледа глупаво инфериорна.

Таму злоба – овде добрина. Таму трици – овде погачици.

Извор: pescanik.net

ОкоБоли главаВицФото