Родители ги прочитале сите лектири за време на распустот

02.09.2015 13:34
Родителите ги прочитале сите лектири за време на распустот

Скопје, 2 септември 2015

Родителите на Максим Б., ученик од шесто одделение, со многу оптимизам ја дочекуваат следната учебна година, бидејќи за време на летниот распуст успале да ги прочитаат сите лектири.

Тие тврдат дека овој успех го постигнале со заеднички труд и добра прераспределба на работите.

„Поради работните обврски читањето лектири претходните години претставуваше голем проблем за нас. Кога сфативме дека нашето дете и неговиот успех на училиште трпат поради тоа, се организиравме, ги набавивме сите книги и ги прочитавме на време“, вели Марија, мајката на Максим. „Се трудевме рамномерно да ја распределиме работата, иако мажот повеќе ја читаше прозата, а јас поезијата, која е поблиска до мојот сензибилитет. Убедена сум дека Максим оваа година ќе биде меѓу најдобрите во обработка на лектирите и дека за тој дел од материјалот ќе има чиста петка“, ја објаснува Марија формулата за успех.

Таткото Петар признава дека морал да се откаже од некои секојдневни задоволства, но не жали затоа што знае дека го направил тоа за своето дете.

„Кога ќе одлучите да го воспитувате детето на вистински начин, морате да бидете свесни дека неговите обврски некогаш се поважни од вашите. Го искористив летото за да ги прочитам лектирите и кога ќе дојде време, ќе можам да му ги прераскажам на Максим и така да му ја олеснам работата на училиште. Исто така, тоа ќе му обезбеди повеќе време за неговата домашна работа по математика и другите предмети“, вели таткото на Максим.

Тој признава дека уживал читајќи некои книги од лектирите и дека на синот ќе му препорача да го следи неговиот пример кога ќе има свои деца.

Извор: www.njuz.net