Духовното и апстракцијата

03.09.2015 13:03
Духовното и апстракцијата

Духовната златна нитка во ликовната уметност, сликарството, може да се следи одамна, па и апстрактното чувство е древно можеби колку што е древна и самата уметност. Сепак, мојот интерес го стеснувам на апстрактното-беспредметно сликарство кое во почетокот на XX век се појави паралелно со некои духовни промени во светската култура. Условите (внатрешни во индивидуата и надворешни во сите други области на човековото дејствување) беа созреани за појава на апстракција-беспредметност во сликарството, на повеќе локации во исто време, во периодот од 1910-1915 година па натаму, со: Василиј Кандински и Франц Марк во Минхен, Казимир Малевич и Ларионов во Москва, Франтишек Купка и Роберт Делоне во Париз, Мондријан во Холандија. Навистина, во тој краток период и во годините кои следеле, нешто што зреело како свест во ликовната уметност, почнало да ги носи плодовите, за потоа, во целиот XX век, да следи експлозија од правци и стилови, кои, кон крајот на векот, дури, низ мотото „сè поминува“ да форсираат и бришење на границите меѓу уметноста и не-уметноста!

Факт е дека кубистичкото декомпонирање на формата, надреалистичкиот диктат на потсвеста и футуристичкиот динамизам, како и импулсот на револт кон естаблишментот на експресионистите, и пред сè, влијанијата од духовно-мистичните традиции, се база и поттик во развивањето на апстрактната беспредметна ликовна уметност во XX век.

Во тој процес словенската душа покренува една моќна акција. И симболиката на Синиот Јавач и мистично-духовна позадина на супрематизмот на Малевич, и конструктивистичката апстракција на културата на материјалите - материјата на Татлин се израз на новиот прогресивен дух.

Чешкиот сликар Франтишек Купка, пак, е пример за вистински духовен трагач. Низ неговото сликарство се следат развојните фази на духовната личност на патот кон себеспознанието, сè до достигнување на чисти светлосни простори и вертикали.

 

Големиот бран Кандински + Малевич + Руска авангарда надоаѓаше од тие широки евроазијски простори и интерферирајќи со европските прогресивни уметнички сили го возникна Новиот поглед кон светот.

Новиот поглед кон светот, со интензитет на прекуокеански бран и низ „прочистена форма“ доби голема сила на американскиот континент во т.н. висок модернизам, после Втората светска војна: дрипинг платната на Џексон Полок, боените полиња на Марк Ротко, мазно обоените монохромни и транспарентни платна на Барнет Њуман, „последните слики кои воопшто можат да се насликаат" на Ад Реинхард, контемплативната смирена земја на Клифорд Стил, силниот конструктивистички гест на Франц Клаин итн., сите во огромен формат. Тој бран достигна најголема моќ во педесеттите години.

Како контрапункт на стремежот кон трансцендентното и метафизичкото во високиот модернизам, во шеесеттите години се јавува минималната скулптура. Минималната скулптура е материјално присуство на предметот како таков (и ништо повеќе од тоа). Тоа е во континуитет со чувството на Марк Ротко дека неговите слики се живо органско присуство, не некаква метафизика. Чувство за (конкретна) присутност, овде и сега, некакво случување овде и сега (влијание на зен будизмот) веќе ќе биде доста изразено, не само во скулптурата. Тоа присуство ќе биде оска во концептуалата, перформансите, хепенинзите.

Уметникот на американскиот континент е ослободен од влијанието на европоцентристичката култура. Тој е ослободен од наследени идеи и догми кои го ограничуваат европскиот уметник, слободен е да се соочи со себеси без претходно востановени методолошки, тематски, медиумски условености ( клишеа), кои, впрочем, некогаш биле успешно применливи, но не и сега. Породилните маки на апстрактниот експресионизам се големи, но и креативните болки, ама затоа она што за возврат се добива со тој голем влог е слободата.

Истиот тој порив кон слободата доби израз и низ минималната уметност. Минималната уметност ќе иницира влегување во чиста идеја - Концепт од една страна и/или во Амбиент од друга страна.

Големиот духовен бран во ликовната уметност на XX век во синхроницитет се случувал и во Русија и во Европа и во САД. Со голем интензитет се појавува во Русија, земјата во која се отфрли традицијата* (на многу насилен и крвав начин), а заврши во Америка, земјата која е слободна од традицијата (освен таа на американските Индијанци).

Со уметноста на Малевич и Татлин, Ларионов и Гончарова, духовното и материјалното добиле сосема ново значење: во нивните дела материјата зрачи со инхерентна светлина (лучизам и конструктивизам), во духот e панпсихичкото буење на органската материја (супрематизам).

До каде ќе стигнеа Малевич и Руската авангарда ако нивната уметност не беше укината со указот на Ленин? После изложбите во Полска и Германија Малевич се решил да се врати во својата земја (оставајќи ги своите дела, сега присутни во музеите на современа уметност низ европските центри) и како вистински патриот да твори во ненормални услови, иако имал шанси да остане во емиграција каде што можел да твори слободно. Но сите шпекулации „што би било кога би било“ не мора да водат кон констатација дека навистина нешто повеќе ќе се случело, доколку творечката инспирација веќе не се исцрпела за таа етапа од историјата! Многу често токму репресијата е поттик за творештво. Ако нема отпор, нема напредок, така барем сè уште функционира нашиот свет.

Ние и после осумдесет години сè уште не можеме да се доближиме до свеста на Малевич која созревала токму во услови на репресија и неслобода.

Таква фузија на духовното и материјалното уште еднаш ќе се повтори неколку децении подоцна во САД, со сличен порив кон слободата. Тоа е врвот на бранот во високиот модернизам, кој потоа преминал во амлитуда надолу-популарната култура. Исто како што после кулминацијата на бранот со Малевич и Руската авангарда следело соцреалистичкото нивелирање во Русија.

Во седумдесеттите години животната филозофија „да се биде овде и сега“, самоспознанието и созревањето на еколошката свест доведоа до проширување на уметничкиот простор во Land Art. (Планетата Земја исто така е едно големо ремек-дело кое допрва ќе се истражува!) Од многу правци во кои ќе се развива ликовната уметност го посочувам овој бидејќи во него е континуитетот на духовната нитка.

Затоа што во единството и хармонијата со природата се зачетоците на чувството за апстракција, исто така. Сето ова трагање по златната духовна нитка во апстракцијата ме враќа уште поназад, до Пол Сезан.

Пол Сезан го воздигна сликарството до хармонија-реалност паралелна на природата, со своето длабоко проникнување во природата и исцрпувачки напорната, контемплативна работа.

Можеби ако ја следиме токму оваа линија во зачетокот на апстракцијата во современата уметност, како дезен-хармонија-реалност паралелна на природата, како една креација паралелна на друга креација која се засновува на своите сопствени закони, ќе стигнеме до најшироката, најелегантната, најуниверзалната и најопштоприфатливата формула, во овие заплеткани истражувања околу тоа дали треба да се повлече строга граница или да се прифати претопување меѓу свеста-духот и материјата, како и кај апстракцијата и органското... Можеби токму таа линија на крај ќе се докаже како најуспешна формула за вистинско ослободување...**

Баш затоа денес уметникот можеби треба да се врати на природата и пак да се хармонизира со неа како што тоа го направил Сезан при крајот на својот живот. (Да си одбере некоја своја планина и долина и секој ден да ја слика. А што друго да прави? И понатаму да се занимава со болестите на општеството?)

Со таа разлика што тој во себе ќе ги има синтетизирано духовните придобивки од апстрактното сликарство на минатиот век.

_____________________________________________


*Но руската духовна традиција никогаш не била отфрлена од најапстрактниот сликар - Малевич. Од таму тој постојано црпел сила и инспирација. Значи овде станува збор за отфрлање на традицијата како истрошена и крута форма или имитација, која веќе не е доволно добра за изразување на современите потреби и идеи на човекот, а не прекин со духовната традиција како автентично битисување на битието!

** Т.М., Возвишена Убавина, За духовното и апстракцијата

Слики:

1. Марк Ротко, Број 14 (Жолто Зелени), 1953
2. Владимир Татлин, Модел за споменикот на Третата Интернационала, 1919-1920
3. Франтишек Купка, Космичка пролет, 1913-1914
4. Џексон Полок, Број 1, 1950
5. Љубов Попова, Сликарска архитектоника, 1918
6. Пол Сезан, Планината Сент Виктор, 1898

ОкоБоли главаВицФото