Толкување на Куранот

04.09.2015 13:38
Толкување на Куранот

Самата толкувачка дисциплина на Куранот најверојатно настанала поради потребите на секојдневните практики на исламот и меѓусебната пресметка на различните струи во него. Преку интерпретацијата на Куранот се среќаваме со две тенденции: буквално, јасно и отворено значење, захир, и скриено алегориско толкување, батин. И двата начина на толкување имаат многу поддржувачи.

Постојат уште два начина на интерпретација: тефсир (tafsir) кај Сунитите, за стандардна интерпретација, и тавил (ta'vil) кај Шиитите, за алегориско толкување. Вториве, иако теоретски не ја признаваат редакција на Осман на Куранот, сепак, практично ја применуваат. Тие се обидуваат, колку што е можно, да ги истакнат сите негативни ставови кои се однесуваат на за нив омразената династија Омајада, како и оние позитивните за Али и неговото семејство. Од овие различни толкувања на Куранот произлегле и многу секти и партии.

Толкувањата на Куранот се сведуваат на неколку зборови, реченици или, пак, се однесуваат на целиот текст. Во историјата на исламот објавени се голем број коментари на Куранот под заедничкото име тефсир. Традиционалното толкување нема единствен карактер, печат му дава можноста за толерирање на различни неретко меѓусебно спротивставени толкувања и токму во таа област се гледа доказот за недостижната длабочина на Божјото Слово. Својата кулминација традиционалната егзегеза на Куранот ја достигнала со тритомното толкување на Табариј, персиски историчар од десеттиот век.

Во коментарите од изминатите два века доаѓа до напуштање на традиционалните гледишта. Индиските и египетските реформисти на новото време, предводени од страна на Мухамед Aбдух, сакаат да докажат дека Куранот не го спречува развојот на модерното општество; уште повеќе, тој, според нивното тврдење, дури и го антиципирал учењето на природните науки во современата настава. Употребата на современите книжевни методи едвај имала некакво влијание на толкувањето на текстот и најчесто наидувала на негирање.

Најголемиот прекин со традицијата претставува современото напуштање на принципот ihtilaf (несогласување, разлики во мислењето во однос на религијата). Особено фундаменталистичките групи на толкувањето на Куранот гледаат како средство со кое можат да ги претстават доктринарните мислења или политичките идеологии.

Тефсирот влијаел и на развојот на арапската граматика, лексикографијата и хадисот (предание). Всушност, муслиманските историчари тврдат - прилично оправдано - дека сите науки во исламскиот свет, кои не се целосно световни, своето потекло му го должат на Куранот. Светата книга имала непроценливо влијание врз развојот на арапската книжевност. Често во литературата, и не само религиозната, се алудира на карактери и изрази од Куранот (како што се референците за Библијата во христијанскиот свет). А тоа влијание се чувствува до ден денешен.

Врз основа на Куранот и правниците ги имаат развиено комплексните правни системи. Учењето за неспоредливоста на Куранот, иџаз, не само во однос на содржината, туку и од аспект на книжевните форми, е заедничко на скоро сите муслимански правци/струи. Дури и за Арапите кои не се муслимани, Куранот до ден денес останува идеал кон кој тежнее едно книжевно дело.

„Со длабочината на чувствата, со својата речита експресивност и со својот делотворен ритам, Куранот ги има сите квалитети на поезија од највисок ред“, вели пакистанскиот научник Фазлур Рахман. Никогаш во светот немало таква музика“, објаснува индискиот муслиман, некогашен христијански мисионер.

Оттука, според муслиманското сфаќање, еден вистински „превод“ на Куранот е невозможен. Може само да се приближиме до смислата на Куранот. Проблемот на преведувањето не е само прашање на стил, многу делови во него имаат две или повеќе значења, кои при преведувањето сигурно се губат. Затоа и денес во исламскиот свет постои тенденција преводот на Куранот да се прикаже како интерпретација или коментар, со кој задолжително мора да се додаде и оригиналниот текст како помошно средство.

Европа првпат се сретна со Куранот преку латинскиот превод, кој е направен во 1143 година на иницијатива на Игумен Клини Петрус Венерабилис. Првите преводи на Куранот од арапскиот оригинален ракопис на тогашниот народен јазик се објавени во 1647 година на француски јазик, во 1734 на англиски и на германски јазик во 1772 година. На нашите простори (се мисли на екс-ју просторот) Куранот, почнувајќи од 1895 година, е преведен во неколку наврати (од француски и арапски). А преведуван е и на сите поголеми европски и светски јазици.

Поради големиот број муслимани кои немаат арапско потекло, во 1923 година во Ал-Азхар се почувствувала потреба и ним, преку преводот, да им се доближи пораката на Куранот. Следната година, во Турција на Кемал е објавен превод на Куранот без арапскиот оригинал (за да му се навратат во некое подоцнежно време). Инаку, факсимилите на Куранот од ракописот на познатите калиграфи, настанати во османлискиот период, биле и останале омилени подароци. Така се нарекуваат и во книжарниците, бидејќи Куранот „нема цена“. Арапскиот текст се нуди и на касети, го рецитираат познати хафизи, а за неговата коректност се грижи Претседателството за верски прашања.

Муслиманите во текот на вековите развиле посебна уметност на рецитирање (учење) на Куранот, наречена теџвид, а кари – кај нашите муслимани вообичаен е називот рецитатор - е оној кој знае сосема правилно да го изговори секој збор во него. Овие луѓе се високо ценети како уметници. Се разбира, се рецитира само на арапски (без придружба на музички инструменти), така што секоја согласка ја постигнува својата полна звучност, додека во исто време се изговара без напор или претерување. Тоа може да биде бавно, брзо и одмерено. Читањето на Куранот остава силен впечаток дури и на слушатели кои не знаат арапски јазик.

Првите Курани на екс-ју просторите ги донеле Турците Османлии. Цариград бил познат како калиграфски центар. Најстариот зачуван ракопис на Куранот кој датира од 1311 година се чува во библиотеката на Мехмед Паша во Призрен. Препишувач е Мустафа, син на Несух од Солун. Во истата библиотека се наоѓа и транскрипт од 1560 година со цвеќиња и арабески, на писарот Али, син на Махмуд од Херат во Авганистан. Калиграфските ремек-дела и преписи на Куранот од Мухамед од Пловдив (1783) и Дагистаниј од 1849 се наоѓаат во библиотеката на џамијата Гази Хусрев Бег во Сараево.

Транскриптите на Мухамед од Пловдив и Мустафа од Солун се наоѓаат во Музејот на применетата уметност во Белград, Ориенталната збирка на Југословенската академија во Загреб, во Хусревбеговата библиотека и во Националната архива во Скопје. За време на војната изгорена е копијата во Ориенталниот институт во Сараево. Деловите од Куранот наречени џузови, кои ги оставил Мехмед Паша Соколовиќ за џамијата во неговото родно место Соколовиќи, во близина на Вишеград, сега се наоѓаат во библиотеката на џамијата Хусрев Бег. Од вкупно 30, сочувани се 22 дела. Меѓу писарите од југословенските краеви најпознати биле Хафиз Ибрахим Шеховиќ од Сараево кој го препишал Куранот 66 пати и Дервиш Абдул-Хамид Лесковчанин, 12 пати.

Извор: pescanik.net

ОкоБоли главаВицФото