Мапирање на субверзивноста (2)

05.09.2015 11:59

Препознавањето на субверзивноста на македонската ликовна сцена би требало да отпочне со целосно занемарување на уметничкиот производ како суровина на толкување.

Форми на субверзивното дејствување

Околу формите на дејствување се имаат случено многу дискусии, изложби, конференции, кои ја реафирмираат улогата на уметноста да манифестира отпор кон економската, политичката и идеолошката доминација. Во исто време, оваа „нова вера во политичкиот капацитет на уметноста зазема многу форми кои често се дивергентни, во одредени случаи и конфликтни“ (Rancière 2010:134). Во насока на формите на дејствување, овие практики најчесто се реализираат како номадски акции кои користејќи форми на радикален активизам влијаат врз јавните простори како што се плоштади, улици, крстосници и други јавни простори. Од исклучително значење е ваквиот начин на дејствување со цел стекнување публицитет, и што е уште поважно влијание на јавната сфера (Kant 1963; Habermas 1991). Таквиот начин на дејствување ги прави овие практики видливи, инволвирајќи ја јавноста околу постоечките проблеми и предизвици.

Оттаму, практикувањето на формите на субверзивноста можат да се илустрираат преку примерот на уметниците кои беа дел од движењето „Окупирај“ запоседнаа културни институции, односно окупирањето на музеите се случи паралелно со движењето „Окупирај го Волстрит“, каде овие институции беа согледани како двигатели за ширење на економската нееднаквост (Occupymuseums 2011). Во истата насока, феминистичкото движење „Фемен“ ги изведува своите перформанси на јавни простори во повеќе европски градови, протестирајќи против дискриминацијата преку радикален прекин со институционалните текови.

Геополитички контекст на субверзивното дејствување

Аспектите на оваа дискусија се радикализираaт во земјите во транзиција. Во постсоцијалистичка Европа се случуваат реконфигурација на институциите, нови социјални релации, конституирање на идентитети, митови и иконографија, мобилизација на културните ресурси кон нови цели (Pickles and Smith 1998), како и поддршка на транзиционите промени (Buden 2009). Овој начин на инструментализација во Источна Европа е поврзан со распадот на поранешниот систем и појавата на нови модели на општествено и политичко уредување. Во овие земји обновувањето на национализмот претставуваше еден од клучните агенси на трансформацијата, структурно својство во градењето на новите системи. Транзиционите промени имаа влијание врз стандардот на граѓаните. Бројни семејства и групи ограничени во материјален, културен и социјален контекст дојдоа до прагот на сиромаштијата. Оттаму, во транзицијата повеќето од популацијата е составена од невработени, полуобучени или необучени сезонски работници, работници на црно, ниско платени, без одреден профил и извесен идентитет, кои често беа и сè уште се предмет на манипулирање и соучешништво во националистичките политики. Во повеќето случаи, возобновениот национализам културата ја постави како можност за креирање колективно сеќавање, патриотски мотиви, слогани и симболи, споменични обележја и архитектонски зданија до степен на идолатрија во обидот да се (ре)конструира историската нарација и да се воспостави смислата на сегашноста.

Геополитичката инструментализација на културата секогаш е поврзана со локалните и регионалните политички естаблишменти кои ја поставуваат уметноста во функција на одржување на тие системи. Ова може да се објасни преку синтагмата на Делез и Гатари (2007) „Апаратура на фаќање“ што претставува геофилозофија на моќта, каде се подразбира географска инструментализација на културните активности преку бројни програми, проекти, вмрежувања, документирање и поддржување на различни активности, политички цели и програми.

Случајот на Република Македонија

Со оглед на позиционираноста на студијата, концептуализацијата на субверзивноста, дискутирана претходно, ќе биде применета во емпириска анализа во овој дел. Односно, студијата е сосредоточена на аплицирање на создадената концептуална рамка, каде утврдените компоненти ќе служат за мапирање на постоечките субверзивни практики во Република Македонија. Во таа насока, емпириската анализа беше направена од август до декември 2014-та во Република Македонија. Податоците за овој дел од студијата беа собрани преку полуструктурирани и структурирани интервјуа, архивско истражување и визуелни методи. Во овој период беа реализирани десет интервјуа со историчари на уметност, кустоси, куратори, уметници, писатели и активисти. Истражувањето се фокусираше на субверзивните практики во последните неколку години во географскиот опсег на Република Македонија.

Првиот дел на емпириската анализа се насочи на состојбите на културата во Република Македонија. Околу овие состојби повеќето соговорници посочија на новоизградени музеи, промовирани поставки, како и бројни манифестации во областа на културата кои се однесуваат на материјализирање на историската нарација и поддршка на етаблираната државна политика во Република Македонија. Овие состојби ја илустрираат инструментализацијата, односно „музеите, галериите, центрите, нивната улога се остварува во стихија на една темелна реконструкција и реконфигурација на културното наследство“ (Интервју на авторот со историчар на уметност и теоретичар). Во сличен контекст се согледува дека „културните институции во Македонија претставуваат административни органи на доминантната политика раководена, пред сè, од партиски наместо квалитетни и квалификувани кадри, кои спроведуваат нетранспарентни стратегии со бирократски модели на управување“ (Интервју на авторот со куратор). Оттаму, севкупната институционална и официјална државна стратегија се здобива со својот материјален корелат преку поставките во музеите, програмите, изложбите, текстовите во книгите и каталозите подготвени за оваа намена.

Од друга страна, „уметничките иницијативи кои се одвоени од државните текови имаат проблем да се артикулираат себеси и да се одредат; тие се карактеризираат со дезориентираност, неубедливост и дисконтинуитет“ (Интервју на авторот со кустос вработен во Музеј на современа умeтност). Оттука, дел од уметничките практики кои претендираат да бидат поинакви не ја остваруваат својата цел, односно „тие сè уште го копираат моделот и постапките на поставување на изложби (како што се случува во институции) и сè уште нема разработено идеја како ќе ја поттикне интеракцијата во релацијата уметник – публика или пак активниот однос на уметноста во разградувањето на културната политика во земјава“ (Интервју на авторот со куратор).

Сепак, има согласност дека оваа ситуација претставува предизвик да се осмислуваат нови агенди и практики кон сеопштиот социјален и политички амбиент. Тоа значи да се артикулира едно поинакво влијание кое не е институционализирано, што ќе претставува повик за општествени промени, притоа имајќи го предвид фактот, дека радикалните уметнички практики во Републка Македонија немаат архивирано знаење (Интервју на авторот со граѓански активист). Во согласност со ваквите настојувања, „уметникот има потреба за воспоставување нов однос каде што радикалната демократска политика повикува кон артикулација на различни нивоа на стратегии“ (Интервју на авторот со куратор). Затоа се потребни напори на сите нивоа на општествените односи и практики, да се пронајдат нови форми на политички живот, да се поддржат нови движења кои би поттикнале една поинаква етика која ќе мобилизира нови иницијативи. Тука „треба да се поттикне, охрабри општествениот ангажман на субјектот на културата, ликовниот уметник, каде клучна ќе биде етичката автономија на уметникот во просторот на јавниот интерес, и тоа сè уште изгледа поуверливо од претставата за автономија на ликовното дело – производ“ (Интервју на авторот со историчар на уметност и теоретичар). Ова подразбира дека уметникот, за да биде ефикасен или пак со цел уметноста да биде ефикасна и да постигне одредени цели, мора да се одрече од својата автономија и привилегирана позиција.

Субверзивни практики во Република Македонија

За мапирањето на субверзивните практики, значајно е да се напомене дека препознавањето на субверзивноста на македонската ликовна сцена би требало да отпочне со целосно занемарување на уметничкиот производ како суровина на толкување. Поточно, за „идентификација на субверзивноста сосема e неважно она што го прават македонските уметници – од пресудно значење е начинот на којшто тие се организираат, ситуациите во коишто настапуваат и се претставуваат, меѓусебните врски и односи коишто тие ги градат, одржуваат, одбегнуваат или раскинуваат“ (Интервју на авторот со историчар на уметност), како и ставовите што ги застапуваат. Во Македонија можат да се препознаат повеќе субверзивни практики кои се генерирани од дневно-политичките состојби како и сè поприсутна интенција во други регионални земји и пошироко, да се продуцираат поинакви уметнички стратегии.

Во поглед на конституирање на визијата за општествени промени, се имаат случено повеќе дебати и иницијитави. Овие обиди можат да се назначат како некласифицирани, чија цел е промислување на поинаков уметнички ангажман. Во овие иницијативи се нагласуваат принципите за поинакво дејствување, каде „во делокругот на некои пре­формулирани надлежности на уметниците и критичарите, пресудна важност треба да му се придаде на поставувањето, издигањето на етичките принципи“ (Иванов 2014). Во прилог на ова би посочил на проектот „10 минути протест“, кој самиот го иницирав и беше реализиран на 15 мај 2014-та во галеријата CAC, каде се случи дискусија околу редефинирањето и реполитизирањето на уметничките практики, во која учествуваа активисти, културни работници, политичари и колумнисти. Како дел од проектот беа изложени и протестни пароли. Во основа, проектот се насочи на поставување на протетсот како средство на уметничко дејствување. Во прилог на дискусијата, се посочи дека е „време за конфронтација - не за преговори, бидејќи ова е време на опсада“ (Гешоска 2014), со што се сублимира позицијата на уметникот за едно поинакво дејствување. Проектот резултираше со констатирање на состојбите и отвори простор кон обезбедување услов, или можеби дури и состојба за дејствување. Тоа ја илустрира когнитвната субверзија, на што може да се надоврзе ставот дека во одредени случаи „можат да се насетат напорите за скицирање на извесна стратегија на негација, на некаква програма за втемелување на субверзивноста“ (Интервју на авторот со историчар на уметност и теоретичар).

Во насока на реализираните субверизвни практики, повеќе уметници во интеракција со поединци и групи реагираат преку различни форми, најчесто како реакција на актуелната ситуација во Република Македонија. Овие дејства најчесто се поттикнати како граѓански инцијативи. На почеток ќе посочам на интервенција во која како резултат на плановите на владата за поставување на споменикот Воин на коњ, една неформална група на 4 февруари 2010-та интервенира со испишување на графити „Антикоманија филм ви прикажува“ (Слика 1) на тарабите со кои е ограден просторот во центарот на градот Скопје. Оваа акција е прекината од полиција која „ги легитимира учесниците и ги обвинува дека направиле прекршок против јавната чистота поради испишување на графити на јавен објект“ (Трајановски 2010). Тарабите каде што е испишан графитот наредниот ден се префарбани. (слика 2)


Слика 1 Испишување на графит „Антикоманија филм ви прикажува“


Слика 2 Ден потоа, тарабите се префарбани

Во друга пригода, оваа група интервенира со поставување налепници како замена за таблите на кои се испишани имињата на улиците на градот Скопје (слика 3 и 4). Содржината на поставените натписи е идентична „Булевар Лезбејска Револуција“. Овие натписи се поставени на повеќе згради во центарот на градот, на 12 ноември 2013 година.


Слика 3 и 4 Поставување налепници како замена за таблите на улиците

Оваа акција е предизвикана од одлуката на општината на град Скопје да преименува голем дел од улиците на градот. Имињата со кои се преименуваа улиците беа резултат на ревидирање на националната историја од страна на Владата на Република Македонија. Тоа претставува основен мотив на оваа акција, односно според објаснувањето поврзано со овој субверзивен акт, станува збор за обид за ослободување на хомофобично Скопје.
Околу правата на ЛГБТ популацијата во Република Македонија, значајно е да се напомене акцијата што го блокираше нормалното функционирање на институцијата Јавен обвинител. Имено, како резултат на насилството што се случи врз членови на оваа заедница во Скопје, и немањето правна разрешница на целиот случај, група активисти за човекови права, припадници на ЛГБТ заедницата и нивни поддржувачи, како и уметници, одржаа мирен протест пред Основно јавно обвинителство на Република Македонија, како реакција на неефикасноста на работата на институциите, и недостатокот на политичка волја за решавање на случаите на насилство кон оваа групација во Македонија. Блокирањето на оваа институцијата ја прави оваа акција исклучително ефикасна, постигнувајќи прекин во нејзиното нормално функционирање. Исто така, на протестот преку перформанс на симболично прикажување на положени „мртви тела“ пред зградата на Основно јавно обвинителство се посочи на односот на официјалните власти кон припадниците на оваа популација.


Слика 5 Протест пред Јавното обвинителство

Во друг контекст, група граѓани формирана од уметници, активисти, културни работници „покрена акција чија цел е да потсети на исчезнатиот споменик (слика 6) кој ја бележеше меморијата за деветмината храбри луѓе кои утрото, на 13 ноември 1944 година, кога започнале борбите за ослободување на Скопје, во знак на одмазда за партизанските подвизи, биле стрелани од фашистите“ (окно 2014). Во оваа акција се постави импровизиран картонски споменик (слика 7) на истото место на некогашниот споменик на Камениот мост во Скопје. Уште истиот ден, многу брзо по поставувањето, картонскиот споменик е отстранет.


Слика 6 Споменик на стреланите скопјани на 13 ноември 1944 година; Слика 7 Поставување импровизиран картонски споменик

Ова случување се конфронтира на ревидираната иконографија на проектите од Министерството за култура, кои треба да создадат нови паметници во градот Скопје.

Значајно е да се напомене јавниот протест и перформанс на асоцијацијата АЈДЕ, која претставува платформа за граѓанска политика, во која учествуваат повеќе уметници и културни работници. Како дел од нивните активности беше изведен перформанс, на 19 февруари 2015 година пред Министерството за здравство, каде неговите членови со бели маски на лицата и со темна гардероба, на симболичен начин, решително и недвосмислено побараа одговорност за случајот во кој поради несоодветно и неодговорно постапување во Министерството за здравство, според членовите на АЈДЕ, резултира со смрт на деветгодишно девојче.


Слика 8 Протест на групата АЈДЕ

Конечно, група уметници се приклучи на граѓанската иницијатива за стопирање на проектот на Владата на Република Македонија за изградба на две хидроцентрали на реката Радика во националниот парк Маврово, поради сериозни индикации дека со тоа ќе се наруши биодиверзитетот. Оваа акција (слика 9), реализирана на 9 ноември 2014 година, како што посочуваат нејзините автори, зборува за неопходноста уметнците „да се вклучат во граѓанските движења и иницијативи, и со уметнички идеи да помогнат да се зголеми видливоста на акциите, како и да се даде зголемен креативен момент и на тој начин да ја убедуваме јавноста и надлежните да ги корегираат погрешните политики“ (Сулејмановски 2014).

Слика 9 Уметници во обид за спас на Радика 

(продолжува)

Кон првиот дел

ОкоБоли главаВицФото