Низок удар и длабоко грло

07.09.2015 10:33
Низок удар и длабоко грло

Во боксот, тоа е удар под појасот и се санкционира со директна дисквалификација на сторителот. Во животот, тоа е синоним за подлост, неморал, или како што асоцира самата фраза од насловот, за нискост. Се санкционира со презир, со гнасење и со јавна осуда против сторителот. Има еден куп називи за ниските удирачи, како што се плачко, илеџија, ситно душиче, гнида, лешпер, кукавица, цвикатор, ѓубре и така натаму (списокот го оставам отворен за дополнување, а женскиот полов орган како квалификатив од легендарната реплика на Раде Шербеџија од „Вариола вера“ свесно го изоставувам заради хигиенска дистанца) или сето она што во колективната меморија на мојот народ се третира како неетичко и срамно поведение.

Нискиот удирач никогаш не признава дека згрешил, дека е виновен или дека е победен. Тој секогаш е подготвен на разни подлости, како на пример, ако тепачката е со тупаници - тој ќе се фати за камен. Ако конфликтот е со аргументи – тој лично ќе навредува, или доколку е инфериорен во дебатата - тој хистерично ќе вреска. Најопасни се ниските удирачи кои имаат одредена моќ, бидејќи во таквата ситуација, нивното најомилено оружје е злоупотребата на истата таа моќ. Замислете професионален боксер во супеrтешка категорија, или карате – мајстор со црн појас од „недељу дана“ како седи спроти вас во кафуле и ве предизвикува да си ги измерите силите. Вашите шанси се никакви, еднакви на нула, ќотекот не ви бега ни под разно. Арно ама, многу добро знам дека таквите луѓе никогаш нема да ги злоупотребат своите вештини, знаења и физичка сила, бидејќи се свесни за својата супериорност (моќ) која им налага џентлменски однос кон обичните луѓе.

А што правиме со премиерот ни Никола Груевски и злоупотребата на неговата политичка моќ? Што да кажам за содржината на аудио-снимките од кои јасно се гледа (слуша) на што сè е подготвен за да остане вечно на власт? Што да заклучам за типче кое нарачало неговите нејблиски соработници да се прислушкуваат за да ја контролира и следи нивната послушност? Што да мислам за него, гледајќи го како се препелка во сопствените лаги и лажни ветувања? Каква квалификација да употребам за човек, кој едно мисли, друго зборува, а трето прави? Кој е подготвен да ги жртвува своите најверни следбеници и да ја избрише калта од чевлите со државните институции, со цел да си ја спаси голата кожа?

Последната одлука на Основниот суд Скопје 1, со која се дисквалификуваат приложените аудио снимки како доказен материјал против Груевски и неговата дружина, не се ништо повеќе од низок удар на еден докажано низок удирач. Низок удар против сé уште неименуваниот специјален јавен обвинител. Според претходно договореното, исклучиво тој требаше да се занимава токму со тие аудио снимки и со транскриптите од снимените разговори со кои се докажуваат кривичните дела за злоупотреба на власта. Ги читам првичните коментари во кои најчесто се споменува зборот „саботажа на Договорот од Пржино“ и не се согласувам со нив.

Груевски е исплашен до смрт, тоа го велам јас. Ако тој е подготвен да го впрегне Основниот суд Скопје 1 во ваква суицидна активност и тоа во еден од најделикатните периоди во разврската на македонската политичка криза, тогаш дилеми нема – човекот држи револвер под масата на која се дели финалната партија покер.

Тој е очајник кој е свесен дека лостовите на (државната) моќ кои уште кусо време ќе бидат во неговите раце и тој ќе ги злоупотребува до апсурд, не водејќи сметка за фер-плејот (потпишаните договори со меѓународно посредство), за својот личен морален кредибилитет (кој одамна го има изгубено, а најверојатно никогаш и не го имал), или за интересите на државата и интегритетот на нејзините институции (не знам каде ли ѝ е кафениот образ на потпишаната судијка Лаличиќ).

Груевски е низок удирач и тоа од најдолен ранг. Тој е и подлец, тој е и плачко и, конечно, тој е и дефинитивен лузер. Ако веќе ја турка работата во правец на избор меѓу живот или смрт, а неговите потези го покажуваат токму тоа, сакам да го предупредам - Цевката на револверот што го држи под масата, ќе заврши во неговото длабоко грло.

Неминовно, дефинитивно и конечно.

Извор: Фејсбук профилот на авторката
Слика: Александар Ковачевски