Молк за фашизмот и криза на демократијата

09.09.2015 10:34
Молк за фашизмот и криза на демократијата

На почетокот би било добро да се предупреди за молкот во кој преовладувачкиот говор го потопи прашањето на фашизмот. Оние кои би можеле да се повикаат на антифашистичката традиција депресивно масовно се откажаа од неа депресивно масовно, изненадувачки брзо и скришно. Оние, пак, кои ги имаат сите права да се повикаат на фашистичката традиција, повеќе сакаат да се удираат в гради со антикомунизмот. Како срамен појас, прашањето на фашизмот го обвива фразата антикомунизам.

Изгледа дека оној кој би сакал да направи нешто против фашизмот, би се компромитирал како комунист. Како комунизмот да е единствената антифашистичка позиција! На фашистичките настапи им простуваме само ако се премачкани со помадата на антикомунизмот. Како антикомунизмот да ја возвишува секоја поза!

За антикомунизмот пишував тогаш кога на новите властодршци за кратко време им успеа да направат владејачка идеологија. Сега изгледа дека антикомунизмот е идеологија само уште на владејачите. Тогаш го негувале оние што ја пропуштиле четириесетгодишната можност да направат нешто против комунизмот, ако навистина имале нешто против него. Сега, обратно, го негуваат оние кои не можеле да ја искористат можноста, бидејќи тие „биле“ комунизмот. Во двата примери, психолошките причини за антикомунизмот се длабоки. А, токму психологизацијата на политиката е една од темелните карактеристики на фашизмот.

Антикомунизмот не е нужно фашизам. Но, фашизмот нужно е антикомунизам. Исто така, не треба да се заборави дека антикомунистичката хистерија ја фашизираше дури и најстарата демократија. Изгледа како да е идеологија на владејачите „со задоцнување“ за општото расположение. Ако владејачите своите идеолошки преокупации ги посветуваат на прогонување фантоми, а истовремено молчат за реалните опасности, ги толерираат или со нив дури кокетираат, тогаш е посигурно самите да се погрижиме и со самостојни можности да им ја одземеме самостојноста и на тој начин да помогнеме тие да не се остварат.

Можноста фашизмот да стане масовен е структурна и не е лишена од парадокси. Политичкиот систем на партиска парламентарна демократија кај нас во изненадувачки кратко време го достигна современото историско ниво на тој систем, односно нивото на суштинска историска криза на парламентарната демократија.

Масовното разочарување од партиската политика, кое се раѓа токму од таа созреаност на парламентарната демократија, би можело да стане еден од значајните фактори при распаѓањето на парламентарната демократија и уставната држава. Токму успешноста во воспоставувањето на плуралистичката претставничка демократија ги започна пошироките општествени процеси кои би можеле да ја загрозат.

Од друга страна, „масовноста“ на сегашното разочарување е можно само заради некогашната масовна „довреба“. Довербата во системот, неговата општествена легитимност, е еден од главните услови системот да може да функционира. Идеолошката улога на легитимирањето на демократскиот систем во овдешното општество ја избори владејачката култура од претходниот систем, т.е националната култура; во таа улога се доведе во конфликт со алтернативните култури, субкултурите и контракултурите, кои пред тоа изнудија промена на политичкиот систем. Во тој конфликт националната култура се радикализираше и во неа преовладуваа националистичките варијанти.

Улогата на општествената масовна легитимација на демократскиот политички систем во овдешното општество – слично како во многу други општества од посткомунистичкиот исток на Европа – ја вршеше главно недемократската национална култура во своите потенцијално авторитарни националистички варијанти. Таа иста недемократска и авторитарна култура воедно е и масовна идеолошка основа со чија помош овдешното општество одговара на „кризата на демократијата“.

Една од значајните причини за кризата на демократијата е и производството на јавно мислење, кое го вршат партиите, а преку нив или непосредно, со задкулисно влијание врз јавните медиуми, групите кои поседуваат реална, но несфатена и нелегитимирана општествена моќ. Конститутивната фикција на демократијата најпрвин во јавна расправа ја обликува „општата волја“, која додуша не е како онаа на Русо, volontté générale, но барем е мнозинска волја на разумниот компромис. Таа мнозинска волја, како што понатаму зборува фикцијата, преку претставничките механизми се формулира во закон кој ја извршува егзекутивата и од чие дејствување има корист едно цело државно тело. Државјанките и државјаните на почетокот од процесот се творци на општата и мнозинската волја, а на неговиот крај се кориснички и корисници на државното посредување при формулацијата и извршувањето на таа општа волја. Државата е „помеѓу“, таа само посредува, артикулира, озаконува, извршува.

Таа фикција го овозможува реалното дејствување на демократската држава кое, се разбира, е токму обратно: на почетокот се групите кои поседуваат општествена моќ, втемелена на сопственоста и надзорот на средствата за производство, на административната власт или на некаков „капитал на знаењето“, и тие организираат јавна поткрепа на своите тенденции, интереси или корист, потоа ги озаконуваат и ги извршуваат со помош на државните апарати така што на „излезот“ од демократскиот процес им ги наметнуваат на државјанките и државјаните со државниот монопол на насилството. А тие веќе на „влезот“ идеолошки ги прифатиле тие аспекти, тенденции и интереси како „свои“.

Културната позадина, која треба да ја произведува и чува фикцијата на демократскиот процес и така да го овозможува неговото реално одвивање, во овој момент кај нас ја делегитимира фикцијата во името на „реалноста“ (особено во производството афери и скандали, реторика која апелира на ресентимент и ги активира егалитаристичките идеолошки рефлекси). Најзначајниот и единствен навистина масовен идеолошки фактор за демократска легитимација, националната култура, во овој момент е најзначаен делегитиматор. Затоа што националистичката културна хегемонија во својата легитимирачка улога е една од причините за кризата на демократијата, нејзината „критика на демократијата“, се разбира, не може да биде продуктивна, таа е повеќе и реално деструктивна.

Затоа фашизоидното организирање национални културни апарати и нивните бирократи кај нас истовремено се наоѓа во самото јадро на кризата на политичкиот систем и во положбата од која успешно може да се осуети системот во криза.

Таа положба е дотолку поопасна што „националната култура“ сè уште е единствената општа основа на која се одвива производството на јавното мислење. Затоа партискиот систем не само што нема идеолошка моќ да биде во конфликт со таа хегемонистичка култура и да се обиде да оствари некаква поинаква хегемонија, туку е принуден дури и своите сопствени тенденции да ги артикулира и формулира во поимите на националната култура.

Тоа значи дека партиската идеолошка борба веќе мора однапред да се согласува со идеолошкиот хоризонт кој во основата е недемократски и кој го осуетува самиот партиски систем. А тоа значи дека идеолошкиот конфликт со фашизоидните тенденции е реално можен само надвор од партискиот систем и државните апарати – но токму тоа е подрачјето каде што го очекуваат авторитарните тенденции. Затоа допрва треба да се создаде подрачјето на таа борба.

Со реактивирањето на преживеаните елементи од некогашната алтернатива, субкултура и контракултура, сепак, можеби ќе биде можно да се воспостави мрежа на автономна јавност, која ќе биде соодветна противтежа на сегашната хегемонија. Тоа допрва ќе треба да го отвори просторот за дејствување на партискиот систем и со тоа ќе овозможи продуктивна конфронтација со кризата на парламентаризмот.

Извор: http://akuzativ.com

Слични содржини

Активизам / Европа / Свет
Општество / Европа / Свет / Теорија
Европа / Теорија / Историја
Општество / Европа / Свет / Теорија

ОкоБоли главаВицФото