Пребарување по урнатините на правниот систем

22.09.2015 10:02
Пребарување по урнатините на правниот систем

„Важно е да се пишува, па макар и добро“, рекол некогаш познатиот сликар Салвадор Дали. Во оваа мисла се крие неговото сознание дека критиките и оцрнувањата се главно правило во новинските статии, а пишувањето за добрите работи – исклучок. Најверојатно тоа се должи и на неговото искуство со ликовната критика во негово време, ама и на некои пошироки импресии за односот кон – како во случајот со Далиевото творештво – новите решенија во рамките на композицијата на сликата што ги имаше самиот.

Прашањето на назначувањето на специјалниот јавен обвинител и донесувањето на законот за специјален обвинител е една од тие новини кои, како и сликите на Дали, по малку се шокатни за сите земји што имаат нормални институции и каде легалистичкото однесување на политичките елити е правило, а не исклучок.

ПИШУВАЊЕ ПО „ЧУЕН ГЛАС“

Пишувањето на дел од медиумите по гореспоменатите, свежи настани, на кои го зaдржуваме вниманието, се карактеризира со два моменти – напад врз личноста на избраната јавна обвинителка за функцијата „специјален“ (каде имаме здружување во ставовите на дел од провладините медиуми и на дел од граѓанската опозиција, главно од невладино-професорскиот сектор) и напад врз уставноста на решенијата понудени во законот за специјален обвинител. Ова второто е придружено со закани за уривање на решенијата (пред сè, во законот за специјален обвинителот, а последователно и на изборот и функционирањето на тој обвинител). При ова особено се карактеристични провладиниот „Дневник“ и тоа преку перото на глодурот со текстовите „Збогум Устав“, објавено еден ден по „завршената работа“ и „Обвинителството на Јанева не влегува во член 106 од Уставот“, како и преку весникот „Вечер“ – „За три дена Законот за специјален обвинител ќе се најде пред Уставен суд“, каде улогата на „видовита жена“ ја има Тања Каракамишева од Правниот факултет.

Ова, секако, отвора сомнеж дали некои од потписниците на решението за избор на специјален јавен обвинител и споменатиот закон официјално глумат дека стојат на договореното, а од друга страна пуштаат „стомакозборувачи“ да контрираат на понудените и усвоени решенија преку трети лица?!

Што може да се каже од новинарски аспект за овие текстови? Најпрвин дека се многу слични, во мисловна и дури во стилско-реченична смисла, што можеби укажува на фактот дека се работи за некој невидлив извор, но истоветен „чуен глас“, кој бара нивно синхронизирано удирање по ѕвончето од чуварите на уставноста.

А, некој да даде поддршка, од струката, од политиката…

Она што е карактеристично за глодурот на „Дневник“ е дека не се повикува на ниту еден правен авторитет, иако коментирањето на свеж и, секако, компликуван закон претпоставува дека имате покрај себе барем огромно искуство на правници од врвен калибар. Да потсетиме дека не се работи за текстови на предлог-закони кои ги нудеше ВМРО-ДПМНЕ, ниту СДСМ во расправата во Клубот на пратениците, различни по концептот. Се работи за текст подготвен од стручни лица на ЕУ, со американски благослов. Тој се најде пред пратениците дури откако домашните подготвувачи не успеаја да најдат заеднички јазик за „локално решение“.

Да го речеме и тоа дека ако сите оние кои дојдоа до Законот (кој беше истакнат на веб-страницата на Собранието во попладневните часови), дури и најголемите пријатели и другари, на прашање или молба за толкувања, побараа време текстот да се прочита и да се анализира внимателно. Што да се рече за новинарите „уставобранители“ и за вклучувањето на нивните потенцијали кога печатниците веќе ги вклучуваат или загреваат машините за ротација?!

Во таа брзина никако не помага формалното образование на толкувачот или новинарот, бидејќи тоа некако овие денови како да стана оправдување за понудената брзина во пишување напаѓачки текстови за избраните правно-политички решенија од 15 септември. Треба да се продаде формалната диплома како врвна правна аналитика, дури и онаа која претпоставува спој на познавање на Уставот, ама и на кривичната постапка, дури и на работата, односно практиката на дејствување на јавните обвинители?! Како тоа си го дозволи глодурот на овој, пред деценија-деценија и пол ценет дневен весник, кога напиша пасквили против уставноста на понудените решенија.

КАВЕР ВО НИЗА

Текстот кој има карактеристики на кавер, рубрика која обично бара тимска работа и се подготвува подолго време или просто речено – однапред, чекајќи момент да се објави (затоа и не е карактеристика на дневните, туку на неделните весници!) е собрана во многу колони ама нема ниту еден цитат, освен еден, на актуелниот градоначалник на Скопје, кој бил пратеник кога се изгласувала сегашната специјална обвинителка за заменик-обвинител во 2003 година, кога, според Коце Трајановски, наеднаш дошла за гласање листа од 135 кандидати, што за него било премногу за даденото време за „кадровска проверка“. Со тоа може нешто да се имплицира, но она што секако бара да се вратиме на темата е констатацијата дека глодурот не успеал да најде барем еден искусен и уважуван правник од наша средина кој би го потврдил напишаното или би го негирал. Тој тоа го нема дури и во следниот текст за кој погоре дадовме линк (имаме значи „кавер во низа“) за кого нема ниту едно оправдување. Па, или никој не сакал да се изјаснува или мислењата не биле во прилог на текстот?! Навистина, во текстот од 17 септември, тој дури на крајот самиот бара да се затворат правните факултети, а нашите истакнати стручњаци „кои молчат“ или се држат „како да имаат кнедли во грлото“ да си ги закачеле дипломите за носот.

ПРИТИСОК НА СУДОТ

Кај написот на Каракамишева во „Вечер“, исто така, нема некое мислење „близнак“ или поинакво видување на темата, ја карактеризира стилот „ова решение мора да падне на Уставен суд“, што може да се протолкува и како притисок на судот (!), но содржи и една мисловно-логична перверзија. Не се укажува на фактот дека зад предлогот за личноста и за законот стојат лидерите на четирите партии, туку се вели дека тоа е дело на странскиот елемент, практично во целина, иако не се дава ниту еден аргумент како за лидерите е најден појасот на невиноста?

Да позајмиме при ова еден цитат. Во својата колумна во „Утрински“, Тодор Пендаров им се обраќа на „оние најтврди ’патриоти’, почнувајќи од онаа дама која во слободно време е професор на Правниот факултет, инаку максимално ангажирана од член на управен одбор, па преку водител на своја редовна радио емисија, колумнист во повеќе патриотски медиуми и дeжурен експерт кога е потребно да се каже колку Владата е добра, сега таа стручно, ама и некои други, ни објаснуваат дека со донесувањето на законот за специјален обвинител и според него избраната личност сме направиле ’збогум на уставот’. Ајде, нека биде така, ама за ова не треба да се обвинува опозицијата, како што прават ’патриотиве’. Имено, ако оваа влада (читај ВМРО-ДПМНЕ) навистина е толку голем легалист, требаше едноставно да рече дека нема да прифати ваков обвинител, дека нема да гласа за ваков закон. Дури ако е потребно Владата ќе си даде оставка“.

ВНИМАВАЈТЕ НА ШУМАТА, ОДЛЕПЕТЕ СЕ ОД ДРВОТО

Генерално, она што е дел од некаква обука и искуство за помлади новинари е дека и низ овие три текстови мора, особено при сериозни политички потреси во една земја, да се внимава подеднакво и на дрвото, но и на шумата. Имено, во овие текстови шумата не се гледа – тоа е оној простор кој добро го виде стручњакот Прибе, кој со месеци ја анализираше нашата стварност и кој направи сериозен и обемен извештај за ЕУ, што денес е основа и за обидот на надминување на кризата.

Каракамишева постојано го напаѓаше и тој извештај, како што не ја виде и кризата, припишувајќи ја само на некои нереализирани амбиции на една партија – СДСМ.

Во нашиот случај, каде имаме длабока, тешка и опасна политичка хаварија, за која внатрешниот и особено надворешниот фактор е заинтересиран да ја решава на ненасилен начин (насилството и улицата секогаш беа алтернатива, од почетокот на кризата, ама еве уште еден доказ дека руската пропаганда „утна“ кога предвидуваше реприза на киевските собитија кај нас), изборот на меѓународен посредник по вторпат треба да ја спаси земјата од многу неизвесности. Првиот пат, знаеме, тоа беше случај со вооружениот конфликт во 2001 година, кој заврши со потпишувањето на Охридскиот рамковен договор.

Вториот пат имавме потпис на т.н. Договор од Пржино, со два текста кои се надоврзуваат и каде се утврдени политичко-правните приоритети во разрешувањето на кризата, чиј постулат се снимки со нелегално прислушување на нацијата и кои индицираат вмешаност на сите клучни институции и на нивните челници во стотици афери од најтежок калибар. Згора, со години е прислушувано граѓанството и институции што беше посебен скандал, неспоредлив со ситуацијата на која било земја.

Мирна разврска на таквото темелно залулување на државата беше одбиена со неподнесувањето отставка на премиерот Груевски и ова е веројатно последен обид за какво-такво демократско надминување на ситуацијата.

Медиумите, од кој било вид, ја имаат одговорноста за општествените случувања. Ако не реагираа, а најголем дел од нив тоа и го правеа, на киднапирањето на институциите на така уредената држава (и според Уставот, нели), на бркањето и на тепањето на пратениците, на правосудството во кое први страдаа нивните колеги-новинари и слично, сега нека молчат, бидејќи, на нивната уставно-правна „освестеност“ ѝ помина возот. Тие чепкаат сега по урнатините на правната држава, барајќи одреден член или став од некоја одредба, среде политичката и морална пустош на општеството, за чие уривање тие така штедро асистираа, со своето одмолчување или одобрување.

Оваа новинарска лекција е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Новинарската лекција e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на новинарската лекција е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Слики: Stephen McMennamy