Стравот ја јаде душата

22.09.2015 10:36
Стравот ја јаде душата

Ангела Меркел не е позната по јасните ставови и ретко се сеќаваме на нејзините изјави. Но, минатата недела јаснотијата беше во изобилство.

Имаше зборови за стравот од исламизацијата, а канцеларката на сите ни одржа важна лекција која би требало да ги охрабри сите на кои стравот од странци им го помрачува умот. Да го парафразирам насловот од филмот на Фасбиндер: „Не дозволувајте стравот да ви ја изеде душата“.

Канцеларката беше во Берн. Таму прими почесен докторат. Потоа следеа прашања од публиката. Една жена рече дека со бегалците доаѓаат многу муслимани во Европа и дека владее голем страв од исламизација и ја праша канцеларката: „Како мислите да ја сочувате Европа и нашата култура?“

Страв за западната култура? Самите сте одговорни. Тоа не беа зборови на канцеларката, но тоа беше нејзината порака.

„Ако сте загрижени за западната култура, морате самите да ја сочувате“, рече Ангела Меркел. „Многу наши граѓани не ни знаат што е христијанска западна култура, а постојано се жалат дека муслиманите подобро го познаваат Куранот. Тоа е смешно.“ Сурово и вистинито.

Таквата трезвеност е најдобро средство против стравот и расизмот, две чувства кои доминираат над најголемата бегалска криза од Втората светска војна.

Унгарскиот премиер Виктор Орбан изјави: „Не ни се потребни големи малцинства кои не ѝ припаѓаат на нашата култура. Сакаме Унгарија да остане унгарска.“

Во САД, републиканецот Мајк Мекаул, претседател на влијателниот комитет за национална безбедност, сирискиот конфликт го нарече „најголем расадник за терористи во историјата“.

А Бенјамин Нетанјаху, премиерот на сирискиот сосед Израел, смета „дека не смееме да дозволиме Израел да го преплават илегални имигранти и терористи.“

Унгарија на Унгарците, секој бегалец е потенцијален терорист?

Канцеларката не попушта пред таквите навреди: „Оваа дискусија е мошне дефанзивна. Да, мораме да се подготвиме за потенцијална опасност од тероризам. Меѓутоа, европската историја е проткаена со страшни конфликти, така што мораме да бидеме многу внимателни кога даваме изјави бидејќи некаде ќе се случи нешто лошо. Мораме да се соочиме и да се бориме со тоа, но немаме причини да се чувствуваме супериорно. Тоа го зборувам како германска канцеларка.“

Добро забележавте, тука Ангела Меркел ги заговара германските интереси. Германија сега го прифаќа идентитетот како земја за имиграција, но притоа не се однесува како „хипи држава водена од чувствата“, што неодамна изјави еден заблуден британски политиколог.

Денес во Германија живеат четириесет и пет милиони работоспособни жители, додека според сите проценки во 2050 година ќе бидат дваесет и девет милиони. Податоците од демографите се немилосрдни.

Движењето на населението во рамки на самата ЕУ нема да ја задоволи нашата демографска глад. Експертите сметаат дека секоја година ни се потребни 500 000 илјади имигранти од земјите надвор од ЕУ. Ако тоа е точно, тогаш токму 2015 година е добра година бидејќи ќе добиеме нови милион жители.

Луѓе со надежи, желби, сништа и стравови. Многу од нив засекогаш ќе останат тука, а наредните години ќе дојдат нови. Тоа, дали овие луѓе бегаат од војната и репресијата или заради невработеноста и сиромаштијата е важно само за одредување на нивниот бегалски статус. Сеедно е, потребни ни се и едните и другите.

Каква само горка иронија е тоа што војните со кои западната политика го опустоши Блискиот исток и сиромаштијата која ја предизвика во Африка ја гаснат најголемата демографска глад на остарената Европа. Самите ги предизвикавме миграциите кои ни се повеќе од потребни.

Срамот

Дали срамот е политичка категорија? Дали во политиката постои срам? Ако одговорот на овие прашања е позитивен тогаш потезите на Соединетите Држави за време на бегалската криза се вистински срам. Американците би требало да се срамат пред сликите со мртви, удавени и загушени, за чиј спас не направија ништо. Дали Америка дозволува да умрат бидејќи се муслимани?

Ова е најголемата бегалска катастрофа од Втората светска војна, за која најголема одговорност имаат Соединетите Држави. Тие на Блискиот исток веќе одамна станаа исклучиво уривачка сила.

Хаосот и разорувањето им го препуштија на Авганистан и Ирак. Во Сирија ја разгоруваа граѓанската војна. Американските документи објавени во мај потврдуваат „дека Соединетите Држави биле свесни за можноста на истокот од Сирија да се создаде салафистичка власт. На Соединетите Држави како најмоќен партнер на сириската опозиција тоа и им беше намерата, сирискиот режим дополнително да се изолира.“ Вашингтон влезе во борба со Асад, пријателот на Русија и Иран, така што дозволи создавање убиствен режим на Исламската држава. Но, непријателот на мојот непријател не е мој пријател.

Соединетите Држави зад себе оставаат рушевини и мртви. Колку белаци има во овој регион? Десет или петнаесет милиони. Само Сирија од почетокот на војната во 2011 година ја напуштија четири милиони луѓе. 630 000 од нив ги прими Јордан, 1 500 000 Либан, а турција 2 000 000. САД – 1 500.

На прашањето дали можеа да направат повеќе, американската влада одговара: „Европа има доволен капацитет да го реши овој проблем.“ Во меѓувреме Соединетите Држави делумно го променија својот став. Министерот за надворешни работи Џон Кери изјавува дека Соединетите Држави чувствуваат „обврска“ да примат повеќе сириски бегалци. Сега се зборува за бројка од пет илјади – можеби. Тоа е смешно. Само во Берлин дневно пристигнуваат сто сириски бегалци. Вашингтонската понуда – недоволна и задоцнета – само покажува колку Соединетите Држави мислат на овие луѓе.

За тоа постои едноставна причина – страв. Републиканецот и претседавачот на влијателниот комитет за национална безбедност Мајкл Мекаул го нарече конфликтот во Сирија „најголем расадник на исламскиот тероризам во историјата“. За азилот на бегалците од Сирија во САД одлучува Националниот центар за борба против тероризмот, и Центарот за проверување терористи, министерството за надворешни работи и уште „посебно обучените“ службеници од министерството за одбрана. „Безбедносната проверка“ трае од осумнаесет до дваесет и четири месеци.

Да се обидеме сега тоа да го објасниме со економскиот јазик кој сите го разбираат: моралот е капитал. Западот изгуби голем дел. Германија помалку закрепнува, но затоа Соединетите Држави се банкрот.

Извор: http://www.spiegel.de

ОкоБоли главаВицФото