Заокружи го Гоце, а не „заобиколи го“

30.09.2015 01:37
Заокружи го Гоце, а не „заобиколи го“

Со години наназад се зборува за нечовечките услови во студентските домови во Македонија. Што добија студентите до сега од сето тоа? Владата упорно тврди дека реконструкциите само што не започнале. И така секоја година. Се чини дека единствената цел на ветувањата е привремено да се замолчат активистите и медиумите, до следниот паднат таван во „Гоце“, се разбира.

Активистите и пленумците можат слободно да почекаат „до следното лето“ со своите поплаки. Но, суштинското прашање кое Владата упорно го занемарува е следното: Што значи за еден млад човек во клучните години за својот професионален и карактерен развој, престојот во таквите ужасни животни услови? Па на тие луѓе од старт им се убива ентузијазмот и неповратно им се отежнува интеграцијата во системот. А и како поинаку, кога во своите соби немаат ниту приватност, ниту услови за учење, ниту пак основни хигиенски стандарди во тоалетите?!
Уште колку генерации млади луѓе треба да го минат студентскиот живот како нешто што треба да биде преживеано со стиснати заби?

Верувам дека сите барем еднаш сме се прашале зошто бунтот не тргнува токму од самите домови. Би можеле да ја обвиниме поданичка политичка култура, поради која тие луѓе ги прифаќаат филозофијата на „наведнатата глава и сабјата..“, односно полтронството како животен стил. Може и да се најде некое оправдување, зашто овие млади луѓе се во најнеповолна положба да изразат отворен бунт, поради заканите дека ќе бидат истерани од своето легло во домот. Но, ако не се бунтовни и спремни за ризик сега, кога другпат?

Извор: Слободен печат
Фотографија: Ванчо Џамбаски