По договорот од Пржино: Нема „свети крави“ во македонските медиуми

30.09.2015 02:41
По договорот од Пржино: Нема „свети крави“ во македонските медиуми

Од она што го читам деновиве по интернет (овде и овде), вклучувајќи ја и колумната на колегата Бранко Героски, сфаќам дека некој, некаде, во рамките на процесот од Пржино повел, ќе започне или веќе завршил со преговарање за состојбата со медиумите во државава. Иако вртев и телефони, пишував мејлови и смс-и за да дознам нешто повеќе, но од полуинформациите и озборувањата не може точно да се разбере кој преговара(л) и со каква агенда. Нема да биде првпат да дознаеме, откако ќе биде доцна за какви било „поправки“, дека нешто – сигурен сум, со најдобри намери од страна на повеќе преговарачи и посредници – е договорено што ја тангира целата медиумска заедница, а за што заедницата немала можност да се произнесе на релевантен начин.

Затоа, еве, користам прилика да соопштам пет поенти – иако би можеле да бидат и 55! – кои мислам дека се важни да се земат предвид во оваа фаза на разрешување на политичката криза во Македонија, во што медиумите играат една од клучните улоги.

Прво, разговорите за МРТВ мора да завршат со заклучок за поднесување на колективна оставка на сите раководни – менаџерски и новинарски – кадри во таа куќа, за да се именуваат нови, професионални, кои ќе можат да обезбедат вистинито, навремено и балансирано информирање за македонското општествено и политичко секојдневие. Лично, мислам дека по оставките на сегашните раководители на МРТВ тие треба да бидат избркани и од работа (отказ!), за да не ја опструираат реформата на МРТВ по ходниците, а и за да имаат време за интроспекција на катастрофата што со нивното работење ја снајде МРТВ во изминатите години. Дури потоа може да се отвори расправа за иднината на МРТВ, на кој начин и кој ќе ја реорганизира, како ќе се обезбеди нејзината идна независност од политиката и од пазарот, и сите други аспекти и деталји за кои ќе треба да се потрошат месеци за да се расправат. Значи, прво шут-карта на сегашново раководство, потоа обезбедување на фер информативна програма до изборите, а по нив (или и во меѓувреме, сеедно) расправа за темелните принципи на идното функционирање на МРТВ.

Второ, истиот принцип мора да се примени и со Агенцијата за медиуми – итна шут-карта на сите раководни и управни членови на ова „независно-шием-ти-га-Ѓуро“ регулаторно тело. Тоа тело на драматичен начин придонесе за нарушување на јавниот интерес во македонските радиодифузни медиуми – како што, да речеме, не е помал злосторот ни на Државната комисија за спречување на корупцијата во процутот на од државата организираниот криминал во Македонија. Минимумот е „пакување куфери“ на тоталните медиумски и морални аналфабети од оваа Агенција (и од ДКСК, патем); максималниот став би можел да содржи и покренување на соодветни правосудни постапки за бројни дела на неизвршување на обврските прецизирани во македонските закони кои ја регулираат оваа област, бидејќи во нивниот случај не сум сигурен дека нивната лична интроспекција (?!) е доволна сатисфакција за заштита на општествениот интерес. Потоа, бирање на нови луѓе во таа Агенција со задача да почнат елементарно да ја спроведуваат регулативата во нивна надлежност – прв чекор во тоа: преиспитување на придржувањето до основните програмски квалитативни и квантитативни параметри за издадените радиодифузни дозволи за работа на сите медиуми во надлежност на Агенцијата. Бидејќи лесно ќе се согласиме дека ова тело има за задача, во име на општеството (а не на власта!), да води политика за заштита на јавниот интерес во медиумите под негова надлежност, крајно време е таа политика да почне да се спроведува. Јавно прашувам: Зошто политичката разрешница на оваа голема криза во Македонија треба да заврши без преиспитување на продолжувањето со работа на ТВ Сител и ТВ Канал 5, на пример? Дали се нивните газди и уредници некакви „свети политички крави“ за кои, и кога ќе го изгазат јавниот интерес како лепешка на друм, да не смееме да разговараме за нивната одговорност во уништувањето на македонската демократија? Каква беше дискусијата на власта за Велија Рамковски и ТВ А1, во овој контекст? Медиумите во приватна сопственост работат во дејност која не случајно е високо регулирана, токму за да се заштити општеството од нивното сопственичко и уредувачко дивеење со години наназад.

Трето, запирање на сите финасиски операции од државата кон приватните медиуми во сферата на рекламирањето и спонзорирањето. Тука нема што многу да се додава. Мораториум, веднаш, до денот кога, евентуално, ќе се договорат начините на кои тоа транспарентно, легално и со почитување на договорени критериуми ќе продолжи – можеби – да се спроведува. (Таа работа има смисла, но не на овој начин.)

Четврто, пред вонредните избори, основање на (некакво) тело кое ќе почне на сериозен начин, со учество на потврдени практичари и теоретичари од таа сфера, да разговара за менување на состојбите во медиумскиот систем во Македонија. Ваков зафат не може да се изведе без посветен ангажман на државните институции, со јасна политичка волја и од (идната) власт и опозиција, и со меѓународна помош која ќе биде пружена на медиумските дејци во земјава ТИЕ да ја водат дискусијата за реформите. Тие реформи мора да се спроведат во сите сфери на медиумскиот систем: во пазарниот амбиент и во социјалните аспекти на медиумскиот ангажман; во регулативата што се однесува на медиумите и нивната работа; во односот на државата кон медиумите вон сферата регулирана со закон; во сопственичките односи; во образовните сегменти на медиумските професии; во другите облици на професионализација и здружување на новинарите и другите медиумски работници; во сферата на работните односи во медиумите; начинот и отчетноста во мерењето на гледаноста на телевизиите; даночната политика кон медиумите; прашањата за критериумите за државни субвенции за медиумите… Целта на оваа широка и длабока расправа би била да се направи што потешко, ако не и невозможно, игнорирањето на јавниот интерес во смислата за постоење на медиуми во една нормална, демократска држава.

Петто, ВЕДНАШ да престанат грубите притисоци, физичките напади и уништувањето на имотот на оние новинарски и медиумски поединци кои (гласно) не се согласуваат со политиките на власта. Досега сторените вакви недела – а, само од април до денеска се околу 10-15 на број – да се предадат на натамошно процесуирање на Специјалниот јавен обвинител, бидејќи најголем дел од нив спаѓа во неговото портфолио за реставрација на правната држава во Македонија.

Мислам дека за почеток на големата медиумска реформа која ни претстои, доволно е ако преговарачите од Пржино – кои и да се и каде и да се наоѓаат, со посредство на кого било – ги имаат предвид овие основни постулати за излегување од оваа ужасна состојба во која се наоѓа јавниот интерес во медиумската сфера во Македонија, за сметка на бизнис и политичките интереси на фамилијата на власт и на неколку нивни ненаситни и криминализирани соработници од медиумите.

Оваа колумна е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Колумната e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на колумната е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Слики: Свирачиња