Изложба на ружни цртежи или за волкот кој црташе боље на 5 години

30.09.2015 14:47
Изложба на ружни цртежи или за волкот кој црташе боље на 5 години

На 2 октомври (петок), во Отвореното графичко студио на Музејот на Град Скопје, во 20 часот, ќе се отвори изложбата „Цртежи кои никогаш не би ги изложил“, на македонскиот уметник Владимир Лукаш. Во продолжение го пренесуваме освртот на Нита Муча кон изложбата.

 

 

- Изложба на ружни цртежи или за волкот кој црташе боље на 5 години: Панкерска изложба во два дела -

 

Делата на Владимир Лукаш ни се одамна познати композиции од цртеж и проза, боја, апстракција и фигурација и историски информации во контекст на современата општествена критика.

Овој пат се кршат правилата, но само затоа што не знаеме што се правила и дали ако постојат воопшто се однесуваат на нас.

Првото правило пред кое се соочуваме е тоа дека цртежите се ружни. Некои од нив се многу ружни. Тие го отфрлаат „добриот вкус“, како и интелектуализмот на концептуалната уметност; повеќе се рефлексија на агресивната природа на современото општество. Инспирирани од урбаната сцена, често во себе инкорпорираат предмети најдени во близина на уметниковиот видокруг на делување; гротескно-реалистични претстави на нештата.

Делата, бидејки се ружни, нема да бидат изложени, ќе бидат ставени во аголот на галеријата, покрај авторот кој ќе произведува нови ружни цртежи или ќе свири со својот бенд, доколку така сака.

Перископот на подморницата на ЦИА во Охридско Езеро

1. Посетителите ја создаваат изложбата

Секој посетител има обврска да избере едно или повеќе дела, ако сака да напише наслов и задолжително да го закачи делото на ѕид. Со тоа судбински се поврзува со делото, тоа сега станува негово.

Делата не се обмислени за дадените спецификации на тој простор, внесен е концепт на лоцирање, не само на уметничкиот производ, туку и на уметничкиот став и одлука на посетителот. Со алтерирање на физичкоста ќе се осмисли просторот, од ружните цртежи ќе се добие фантастично добра или ружна изложба, сеедно. Публиката мора да биде забавувана и возбудена, нешто што најчесто го нема во типичните салонски изложби со изгланцани подови и врамени дела забранети за допирање.

Портрет на задоволен Македоноид

2. За посетителите кои не сакаат да се вклучат во креирањето на изложбата и не можат на дадат лична критика, ќе се постави мала салонска изложба, во салон со димензии 1 х 1 м, со врамени, недопирливи дела.

Со поставување на нови правила, Лукаш потполно ја доведува во прашање неприкосновеноста на авторот како авторитет. Му го одзема значењето на делото: колку дела, толку толкувања... преку оваа постапка ја живее смртта на авторот и трансформација на делото.

Нита Муча

Зад оваа маглина спие голиот и збунет Ѓорге Иванов

Житно поле и рака на гласач

Лош цртеж бр. 129

Волкот кој црташе боље на 5 години