Зошто нема да ја заборавам Уснија Реџепова

03.10.2015 14:59
Зошто нема да ја заборавам Уснија Реџепова

Уснија Реџпова почина, но музиката на оваа исклучителна ромска пејачка од Македонија, ќе продолжи да живее уште долго време, особено на просторите на поранешна Југославија.

Изминатите неколку денoви беа бурни, и сè што правев беше пишување текстови, средби и пораки. Но, вчера сè беше поинаку. Знаете како е, додека работите, отворате десетина прозорчиња во вашиот пребарувач и ги прелистувате вестите од различни веб страници. Така ја видов веста дека Уснија Реџепова починала. Си помислив, „Ох, ова не може да биде вистина ... Не сум ја видел навистина долго време. Не ни знаев дека била болна. „Продолжив да работам и во еден момент се сетив дека веќе неколку денови несвесно си ја потпевнувам една од моите омилени народни песни, „Отвори ми бело Ленче“, интерпретацијата на Уснија која отсекогаш ми била воодушевувачка.

Уснија Реџепова настапува пред војници на ЈНА

Со балканската истражувачката новинарска мрежа Birn соработував пет години и никогаш не бев напишал коментар за Balkan Insight, но минатата година пред да си заминам од канцеларијата, решив да напишам краток текст за да им ја претставам Уснија Реџепова на странските читатели кои можеби никогаш не слушнале за неа. Еве зошто го направив тоа.

Бидејќи израснав во Србија, можам да кажам дека во деведесеттите години имавме лесен пристап до сите видови музика. Во времето на поранешна Југославија, ситуацијата со културната сцена се влошуваше, бидејќи се користеше како платформа која им служи на на политичарите да го прикажат она во што тие сакаат луѓето да веруваат. Српскиот културен и ТВ простор стана упориште за нов турбо-фолк звук, кој имаше ужасно влијание на мојата генерација и другите.

Кога и да беше вклучен телевизорот, можев да ги слушнам сите видови чудни народни мелодии кои беше тешко човек да ги свари. Но во средиштето на целата таа супкултурна тривијална сцена, се сеќавам на еден глас кој го слушнав од дневната соба. Дојдов поблиску до телевизорот и видов една прекрасна жена, со долга црна коса, сјајни кафеави очи, и толку посебен глас. Таа пееше една песна со весел ритам, која стана една од моите омилени песни кои секогаш сакам да ги слушам на свадби и прослави. Тоа беше песната „Животе мој“.

Тоа е приказната за тоа како Уснија Реџепова и нејзините песни влегоа во мојот живот. Како што поминуваа годините, патувајќи, дознав дека нејзините песни се познати низ цела поранешна Југославија, и дека сите ги сакаат нејзините настапи. Тој податок ми беше чуден бидејќи песните на Уснија се полни со звуци на труба и мелодии кои се многу карактеристични за јужната српска фолк музика. По деведесеттите години, сè што беше поврзано со една од балканските држави обично беше бојкотирано од страна на другите, со исклучок на неколку уметници чија уметност успеа да ги надмине границите, поделбите и омразата. Уснија беше една од нив.

Таа беше родена во 1946 година во Скопје, Македонија, од татко Ром и мајка Турчинка. Уснија и нејзините пет браќа и сестри израснале во навистина лоши услови. Сепак, во едно од своите интервјуа, таа се сеќава на нејзиното детство, како на едно прекрасно време. Беше многу срамежлива личност, но трансформацијата која ѝ се случуваше на сцената беше неверојатна. Во нејзините тинејџерски години, пријателите ја пријавиле на некој музички натпревар во Скопје, каде што таа првпат настапи во јавност и ја освои својата првата награда. На 19-годишна возраст се преселува во Белград и се запишува на студии на арапски јазик. Додека живееше во Белград, таа пееше со локалните оркестри со цел да заработи пари за да може да живее во градот во кој беше сама.

До тогаш музичките продуценти веќе имаа слушнато за Уснија, и нејзиниот пробив на белградската музичка сцена беше на 9 март 1973 година, во Народниот театар во Белград, каде што ја играше улогата на Коштана, женски лик од популарната драма на писателот Борисав Станковиќ. Улогата е позната по убавите песни и теми од јужна Србија, додека ликот на Коштана секогаш е убав, со прекрасен глас и исклучителен танц. Уснија ја одигра Коштана 150 пати, и стана една од најавтентичните актерки-пејачи кои ја доловиле улогата.

Уснија Реџепова на една од изведбите на „Коштана“

Во 1978 година таа го запознава својот иден сопруг, Светомир Селиќ, познат хармоникаш. Тие имаат среќен брак, и покрај тоа што немаат деца. За време на војните во деведесеттите години, таа се повлече од сцената, вознемирена поради распаѓањето на Југославија. Во едно од своите интервјуа, таа изјави дека мислела дека никогаш нема повторно да запее и никогаш нема да закрепне од шокот кој ѝ го предизвикало распаѓањето на нејзината земја.

Реџепова освои бројни музички награди во земјата, додека, исто така настапуваше низ целиот свет, во Австралија, Европа и Русија. Таа беше една од ретките естрадни ѕвезди која никогаш не се срамела од нејзиното ромско потекло и никогаш не се обидувала тоа да го скрие.

Смртта понекогаш ги зема уметниците кои ги сакаме и им се восхитуваме, но кога станува збор за Уснија, сигурен сум дека нејзиниот талент и жив дух ќе живеат уште долго време, обединувајќи го Балканот, особено на свадби и во кафеани каде што сите пеат и танцуваат. Според мене, тоа е најдобар начин да се задржи и да остане живо сеќавањето за Уснија и нејзината музика.

Извор: Balkan Insight