За секого и ѕиври и опинци

05.10.2015 11:15
За секого и ѕиври и опинци

Македонија е на добар пат сосема да го реши проблемот со високата невработеност. До 31 декември, кога ќе замине од премиерската функција – да, засекогаш – г. Никола Груевски планира во државната администрација да вработи уште 200-300 илјади лица од списокот на невработените во државава. На тој начин, стапката на невработеност ќе стане дефлаторна, бидејќи ќе падне под 0%, со што ќе се создадат услови, покрај македонските успеси на планот на „Дуинг бизнис“, да се постигне и нов Гинисов рекорд: тоа ќе биде прв пример во светот каде што во државниот сектор ќе има повеќе вработени од оние во приватниот сектор, со што ќе се оствари сонот на социјализмот да премине во комунизам. Браво! Мао Це Тунг и Едвард Кардељ можат вода да ни носат, додека седиме и се ладиме под дебелата сенка на уникатниот светски модел на македонскиот капитализам à la Grujo.

 

КОЛКУ ЗА СПОРЕДБА...

Деновиве читам дека градската администрација на Лондон – мегалополис со нешто под 9 милиони жители, без дневната доза од уште неколку милиони туристи – брои 76.840 вработени (внимателно: морам да предупредам, бидејќи знам дека сте навикнале на македонските прецизни, транспарентни и секогаш ажурирани статистики и други државни податоци, дека ова е стар лондонски податок, се однесува на 2014 г.). Добро, Лондон е само четири-пет пати поголем од Македонија, ред е да има два-три пати помалку бирократи од нашава држава. Плус, годишниот бруто-домашен производ на Лондон е ист како и на Саудиска Арабија, иако нема десет супер-успешни министерства, дирекции и управи за привлекување странски инвестиции. Нема Лондон Музеј на ВМРО, има некаков очај од Британски музеј и уште 200-300 други музеи, па нормално дека на таа сиромаштија нема ни каде да вработат луѓе во градската управа. А и Борис Џонсон, градоначалникот на Лондон (бивш познат новинар, nota bene!), на работа си оди со велосипед или со метро, па нема потреба од 36 возачи, бодигарди, лакеи, секретарки и келнери, во една смена.

Впрочем, годишниот буџет со кој располага г. Џонсон за 2015 г. е само околу 18 милијарди фунти (тоа би дошло помалку од мизерни 30 милијарди евра), па со тие скромни средства и не може да се има поголема администрација од таа боранија од 76.840 луѓе! Нема Лондон такво претпријатие како „Македонски шуми“, да речеме, кое нема дрва за греење баш кога ќе дојде зима – е-хеее, немаат поим глупиве Британци што ти е јавно претпријатие за мерак, иако Лондон има, речиси, повеќе површини под шума од цела Македонија! Со толку паркови во Лондон, наш Коце сонува еден ден да им се пробуди како градоначалник, па малку да им ги прошири булеварите и да им ги асфалтира тоа англиските тревници – безобразлук, да се немало катни гаражи по тоа Лондонот, со по десетина вработени службеници на секој кат! Го немаат ни Ставрески како надлежен за водење на финансиите на „лудаците“, а нема ни лондонска програма за прислушување телефони, набавена од Израел, оти кај нас, на секој еден од 26.000 прислушувани граѓани е вработен по еден административец со инка на увото – ете ти 26.000 оправдани работни места во државната администрација!

А тој Лондон – село, со двокатни автобуси, виделе од кај нас, па увезле од Украина! Будали! Алооо, така ли се води главен град, бе! Па, затоа сакаат Шкотите да ја напуштат Велика Британија, а Британците да ја напуштат Европска Унија, а Лондон да отплови по Темза! Нема, не е таму за живеење, со таква мизерна бројка на административци, да не можеш ни чевлите да си ги извалкаш кога шеташ по улица... Катастрофа.

 

ТЕШКИ ВРЕМИЊА

Народот не ни е глупав. Гледа дека Царот е гол, но истовремено и „натртен“, па си вика чекај, на поминување, и јас да му го... Затоа деновиве од власта можете да побарате што сакате, таа е подготвена сè да ви исполни! Сакаме мост – ќе добиете мост. Сакаме пат – срам да им е на моиве што за десет години власт до сега не ви го направиле. Сакаме обесштетување за поплавите и за сушата и за тутунот и за ајварот и за сметките за струја и дотации за на бања и бесплатно возење во ЈСП и на жичницата и за семки за мајмуните во зоолошка – ало, министре, одма да се одобрат пари за тоа! Ама мене и ќерка ми не ми е вработена – еве го Спире, во вторник одма да се вработи ќерката! А синот? И синот, во среда! А внуците неродени? И внуците, до петок, кога ќе се родат! А и на баба ми чифтијаните ѝ се скинати – одма нови чифтијани за баба му, два пара! За дедо ти – гратис опинци и ѕиври од нас! А, бе, умрен е дедо ми, во Австралија. Таму да се испратат опинците, некој иселеник да гласа за нашите нови 46 пратеници од дијаспората!

Некој деновиве забележа – мислам дека беше Саше Политико – дека на сите прошетки низ Македонија, не само Грујо, туку и сите негови министри се видно „озвучени“, со микрофоните закачени за сакоата или на виолетовите џемперчиња на премиерот. Тоа значи дека, ај што сега го трпиме овој патувачки циркус од пропагандно „роуд шоу“ секој ден, туку кога ќе почне и официјалната предизборна кампања, ќе бидеме затрупани од 156 разни видеоспотови во кои Груевски се дружи со народот на кој, тој и неговите гавази, малку поднаведнати, им ги исполнуваат сите нивни барања. Што да се прави, такво време дојде, мора ременот да се откопча.

Но, не е таа стратегија на Грујо сосема залудна...

 

ДА СЕ БАКНЕ СЕКОЈ ГЛАСАЧ!

Ми раскажува еден пријател, амбасадор на една мала балканска земја – оти, на Балканот има и големи земји, ама овој е од една од најмалите – дека кога неговиот премиер бил во официјална посета на Индија, тамошниот премиер го прашал колку луѓе живеат во малата балканска земја. Кога нашиов регионален лидер му рекол дека се толку-и-толку (многу малку, се обидувам да не ви откријам за кој балкански политичар станува збор), индискиот премиер почнал да го гледа жалостиво, па му вели: „Ооо, драг колега, вие навистина имате многу потешка работа од мојата!“... Се зачудил нашиот балкански претставник и го прашал Индиецов, по малку плашејќи се да не биде исмеан, на што точно мисли индискиот премиер кога вели дека неговата работа во земја со над милијарда жители е полесна од раководењето на земја со димензии на едно помало маало во Бомбај. „Па, драг колега – му одговорил индискиот премиер мртов-сериозен – јас секое утро откако ќе влезам во кабинетот, денот ми поминува во бескрајна расправа и раководење со институции – вие секој ден морате да се расправате со луѓе, а тоа во политиката е неспоредливо потешко!“... Се насмеал балканскиов политичар и, малку со олеснување, му рекол на индискиот колега дека, навистина, после сите избори на кои со години и години постојано победува, досега се има веројатно поздравено, поединечно, а можеби и гушнато, со секој жител на неговата мала балканска држава!

Со други зборови, познато е дека, кога ќе дојдат избори, секоја политика е локална, но во мала балканска земја како Македонија, политиката е и, буквално, персонална. После десет години на власт, сигурен сум дека Груевски (додуша, со првиот круг партиски апаратчици околу него) поименично ги познава речиси сите оние стотици илјади луѓе што гласаат за него. Во мала земја, моќта на власта е огромна, а кога таа моќ се сака да се злоупотреби, и тоа без усул во подјармувањето на институциите и во празнење на буџетот како сега, тогаш е навистина тешко да изгубите избори. Ако половина од населението сте го ставиле на програма за државни јасли и субвенции, а другата половина ви е ставена на програма за прислушување и заплашување, потребна е шпакла за да ве отстранат од власта!
Проблемот за Груевски е што шпаклата проработи. Така, на пример, некои македонски „кремљолози“ ме убедуваат дека добар дел од тимот заменици обвинители неодамна именувани од Специјалната обвинителка се луѓе сугерирани од идниот министер за внатрешни работи, стар „амерички ѓак“, кој ќе го преземе МВР од 1 јануари 2016 г. И дека тој тим ќе меле сé што ќе им застане на патот.

Ако тоа се покаже како точно, тогаш ни три рала опинци, ни три пара ѕиври нема да им помогнат на фамилијата. Ама ако не...

П.С. Деновиве примив поздрав од една многу блиска роднина на Груевски дека во фамилијата на власт мене ме сметаат за „Државен непријател бр. 1!“ Добро, голема чест ми направиле, иако мислам дека конкуренцијата за таа титула е жестока, а има барем неколкумина попаметни од мене, кои ја заслужуваат таа чест пред мене, но, еве, користам прилика да го возвратам поздравот: Јас мислам дека фамилијата е „Македонски непријател бр. 1!“. Без конкуренција.

Слики: Свирачиња
Извор: Слободен печат

ОкоБоли главаВицФото