Клучот наречен „изборен модел“

06.10.2015 03:07
Клучот наречен „изборен модел“

Утре е денот „Д“ кога партиите преговарачи треба да се договорат за пакетот изборни закони, меѓу кои е и изборниот модел. Како што стојат работите, владејачката партија, слично како и со договарањето Специјален јавен обвинител, ќе игра на тактиката на пробивање на роковите, со цел самите преговори и договорот од Пржино да го направи беспредметен, неприменлив и апсурден. Во тој правец се идиотските предлози од Груевски за некаков пратенички бонус или за 20 пратеници од дијаспората. Не знам дали повторно ќе заигра „стапот“ – наречен „меѓународни посредници“, ама како што стојат работите, ме јаде јанѕа дека компромисот ќе биде изнајден со тоа што изборниот модел ќе си остане ист, а дека копјата ќе се кршат околу ДИК и прочистувањето на Избирачкиот список.

Во превод – ќе си останат досегашните шест изборни единици и тројцата пратеници од дијаспората. Според мене, ова е исклучително штетна опција, со која се дерогираат севкупните заложби за промени во политичкиот систем во земјата. Или, како што често пишувам – не е поентата да се смени Груевски, туку да се демонтира груевизмот. А, да не се лажеме, еден од главните лостови на кои се потпира оваа злокоба, е токму сегашниот изборен модел.

Нашиот пропорционален модел од шест изборни единици форсира двопартизам, кој е полош од еднопартизмот. Зошто? Затоа што тој во себе крие две „нагазни мини“, со кои во зародиш се сотира сè што би го нарекле трета или четврта опција, односно заживување на вистински политички плурализам. Првата „мина“ е скриениот долен изборен праг од пет проценти, кој во услови на непрочистен Избирачки список зачинет со гласачи од Пустец, лажни лични карти и „врзани гласачи“, речиси е недостижен за таканаречените помали партии. Практично, овој, условно кажано, лимитирано пропорционален изборен модел, онака како што е конципиран за нашите македонски услови, практично се негира самиот себе, бидејќи не создава услови за правична распределба на мандатите согласно освоените гласови. Неговиот енормно висок долен изборен праг во услови на релативно мали изборни единици, форсира една до две политички партии, што во понатамошната изборна постапка доведува до формирање стабилни влади, кои, да ми простите, ѝ ја расплакаа мајката на Македонија.

Втората нагазна мина е таканаречениот „Донтов систем“ кој со својот количник повторно ги фаворизира поголемите политички партии, кои меѓу себе си го делат остатокот од гласови кои помалите не успеале да го освојат. Никогаш не сум симулирала игри со изборни бројки, ама подготвена сум да тврдам дека во услови на примена на пропорционалниот модел во една изборна единица, со отворени листи и без долен изборен праг, ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ ќе освојат меѓу 15 и 20 пратеници помалку, во споредба со сегашниот модел. Тоа значи обесхрабрување на сегашните омнибус предизборни коалиции и најмалку уште десетина нови политички партии во македонскиот Парламент (поаѓам од претпоставката дека постојат помали партии кои на ниво на држава можат да освојат три до пет пратеници).

Со тоа дефинитивно би се разбил владејачкиот монопол на двете политички опции и би се внесла толку потребната свежина во нови идеи, проекти и програми во македонскиот политички плурализам. Згора на тоа, сегашниот профил на ригиден македонски политичар кој е научен да преговара само од позиција на сила (освоени мандати) би бил принуден да се преобрази во политичар кој знае да преговара и да постигнува компромиси.

Следната работа на која исклучително се противам е моделот – три пратеници од дијаспората. Не само поради нерамноправниот гласачки статус меѓу домашните 120 и тројцата парламентарци од странство, не само поради високите државни трошоци за спроведување избори во нашите ДКП и уште поголеми трошоци за патување на избраниците, туку најмногу поради дополнителното разединување на и онака лабавата македонска дијаспора. Македонските иселеници не треба да бидат напаѓани од домицилните политички партии, а ова посебно се однесува на ВМРО-ДПМНЕ и на неговите таканаречени „задгранични комитети“. Многу добро знам дека владините функционери од ВМРО-ДПМНЕ при нивните патувања во странство редовно се сретнуваат со своите комитети. Тие не се дијаспора, туку само мал нејзин дел. Пратениците од дијаспората, вака како што е замислено нивното ѓоамити учество во македонскиот политички живот, не само што не ги претставуваат интересите на македонската заедница во туѓина, туку претставуваат камен на раздорот меѓу истата. Да не се лажеме, тие се користат само за една работа: да му го зголемат парламентарното мнозинство на Груевски. И ништо повеќе од тоа.

И така, наближува часот кога ќе знаеме каков изборен модел ќе имаме. Секоја чест на СДСМ и нејзиниот лидер, Зоран Заев, кој на маса го постави предлогот Македонија да биде една изборна единица. Голема благодарност и до сите здруженија, невладини организации и поединци – интелектуалци, кои навремено ја согледаа, идентификуваа и лоцираа едната од главните системски аномалии во македонскиот политички систем. Систем кој креира недемократија и апсолутизам.

Никогаш повеќе во животот не сум сакала да не сум во право како сега. Дај Боже да не сум.

Извор: Фејсбук профилот на авторката
Слики: Небојша Гелевски