Замочување на општествената жар!

06.10.2015 11:37
Замочување на општествената жар!

Импресиониран сум од озабавувањето на некои важни инстанци на меѓународната политика во земјава, какви што се амбасадите на Европската унија и на Соединетите Американски Држави. Од непрекинатото ронење на респектот во релациите на јавноста со овие важни коти. Од фактот дека почнавме да ги доживуваме како одделенија на некои министерства или секции на важни граѓански здруженија, точки што заедно со други точки (какви што се партиските портпароли и нивните секојдневни терoристички масажи, Здружението на новинарите, собранискиот нотаријат на политичкиот апашанат, Хелсиншкиот комитет или „Цивил“) формираат некаква линија на општествената резонанца. При што често се случува другите точки да ни се појасни и да ни делуваат поважно, макар што знаеме кој на крајот ги носи решенијата. И од тоа дека нивната моќ останува, како да кажам, некако обестелесена, без супстанца ‒ не без сила, се разбира ‒ туку без супстанца, не во материјална туку за духовна смисла! Сакам да кажам дека ја имаат и понатаму моќта, но сè друго загубија „по беспаќата на историската стварност“ (Фрањо Туѓман).

Тоа е несомнено рефлексија на општиот пад на интегритетот и на политичноста на самата политика на светско ниво; потоа на опаѓачката и честопати искомпромитирана релативна моќ на политиките на САД и на ЕУ кои во новото пулсирање на светот стануваат повидливи; тоа е рефлекс на невозможниот однос на овие инстанци кон македонската драма, при што тие успеаја да ги загубат сите веродостојности зашто стварноста стана толку грубо различна од нивните третмани што престана да ги одржува како функционални нивните дипломатски деликатности и други арбитрарни можности; и, на крајот, тоа е ставот дека меѓународната заедница со своите грешки или интенции сноси сериозна одговорност за калваријата на Македонија. На посебно место сакам да ги ставам сериозните основи за сомнеж дека на еден или на друг начин амбасадите се допираат, се вклучени или се злоупотребени, сеедно во блиските средби на домашните политички контекстирани криминали со разни меѓународни економски и политички структури! Ја препорачувам во оваа смисла последната колумна на Арсим Зеколи.

Голема тема е како тие клучни медиуми, инспирации, супорти во битката за демократизација на Македонија, за освојување на човековите права и слободи, за правда и солидарност, се претворија во сервиси на еден ординарен апашанат, на една банда развратници, на одвратни гилиптери, на елементи ангажирани во еден епохален антидржавен проект!

Никој не може тоа да ми го објасни со помош на националните интереси на САД или на Европската унија, ниту со интересите на нивните корпорации, најмалку со новите констелации во светската геополитика! Тој профил на односи и впечатоци ‒ конечно, и на последици ‒ се истегнува и со темата за кризата, која не е никаква криза, туку е свесно и целенасочено, организирано распаѓање по сите рабови и разводенувачко замочување и усмрдување на супстанцата на општеството и државата заедно, со одбирот во решавањето да се оди со истите субјекти што го произведоа оваа историско срање без преседан! Се разбира, со подтемата за специјалната обвинителка, со изборот на нејзината екипа и така натаму!

Сè се работи врз основа на две претпоставки: едната е дека режимот на Груевски и тој лично мора да заминат, односно дека од пред некое време тие се потрошени субјекти кои дури и за своите меѓународни патрони почнуваат да произведуваат само штета и проблеми; втората е дека нивното заминување не смее да исферментира национална, политичка, идејна, лидерска и друга свежина која може да се покаже неконтролирана и плус заразна, некаков рокерски, да не речеме револуционерен водач кој ќе фати да национализира и експроприра, да го собира украденото богатство на народот, да удира темели на нешто што ќе биде различно од апашката интерпретација и клиентелистичката реализација на неолибералната идеја! Субјектот што беше сомелен во маса во машината на вмро не смее да се врати во статусот на субјект! Односно, смената треба да ја дочека едно општество кое во меѓувреме ќе биде оперирано од чувствата да забележува или да се возбудува од такви промени. Персонални промени, не други, добро, веројатно и партиски промени, но во рамките на оваа срање што го имаме денес.

За реализацијата на тој план беше нужно композицијата на опозицијата да се врати во шините на системот. Односно да се искомпромитира со самиот тој факт плус со постојаното замочување на општеството со идејата дека тие ќе ја нормализираат државата, а надежта која тлееше до пред некое време ќе почнат да ја прикажуваат како стремеж на општеството кон крваво самоуништување од арапски тип!

Пролетните прошетки на возбуденото граѓанство, господине Заев, не беа увертира во некаква арапска пролет во Македонија, туку знак дека арапската пролет тука е завршена и дека земјата е темелно разорена уште додека Сирија, Ирак и Либија беа цели. Сакам да кажам дека во подрумите на европската вила во Пржино вие не ја спасувавте Македонија од надоаѓачката крвавост на арапската пролет туку го верификувавте нејзиниот крај во режија на непознати структури и во изведба на вмродпмне со мал или малку поголем продукциски супорт на меѓународната заедница со седишта во Брисел и во Вашингтон.

Јас знам дека е убаво чувството кога човек ќе погоди или кога ќе се убеди себеси дека го погодил вистинскиот правец на некои историски крстосници, но паралелите со арапската парадигма се апсолутно промашени. Една од битните карактеристики на нашата драма е тоа што ги загубивме сите критериуми врз основа на кои можеме да оцениме дали се движиме во добра насока, но сè уште ги имаме сите критериуми да оцениме кога галопираме во погрешна насока!

Знам дека е згодно отсуството на визија и храброст, на идеја и на страст, да се замачкува со грижата за крвта на нацијата, но мора да се признае дека заложбите да се собори еден режим без насилство ја губат својата смисла и историска легитимација ако режимот продолжува да се одржува исклучиво со помош на насилство сфатено во малку поширока смисла! Да повториме: режимот се одржува, а насилството расте и тоа не е без врска со заложбите да се избегне насилството во решавањето на македонската драма.

Дури мислам дека темата за насилството во паралелите со арапскиот свет дојде како убаво алиби да се анатемираат идеите за радикални промени во Македонија и на Македонија и да се влезе во проектот за нормализација на државата. Проблемот е во тоа што нормализацијата претставува нормализација на ненормалното пропаѓање односно на пропаѓањето како ненормалност!

Целиот спектакл со специјалната обвинителка е на линијата на истата нормализација!

Го гледав швајцарскиот обвинител во моментот кога образлагаше дали истрагата за малверзациите во ФИФА ќе се прошири и на претседателот на УЕФА, Мишел Платини: средни години маж, убаво облечен, не нападно, уште помалку агресивно, стандарден формат за неговата класа на висок државен служител, директен, јасен, категоричен, со блага емисија на звезда на светскиот спектакл, но во строго контролирана мерка, не бара простории, не оди на консултации кај американскиот и кај европскиот амбасадор, во тоа е, си реков, разликата со една личност што во Македонија ќе треба да истражува можеби уште поголеми далавери, но веднаш ми стана јасно дека освен овие разлики и, се разбира, оние што произлегуваат од персоналитетот на двајцата херои, битни се три момента, едниот е тој дека швајцарскиот обвинител не е именуван од гласачките машини на УЕФА и ФИФА, односно од оние што ги истражува, вториот е тоа што работи без надворешно покровителство и трето, народски би можело да се каже, го боли курот дали неговиот прогон на криминалот може да се одрази врз стабилноста на најголемите фудбалски монструми во Европа и во светот!

Ние не знаеме дали екипата на Катица Јанева се антачиблси или се платена војска на војводата Капоне и на неговите интернационални бригади на политички спонзорираниот криминал.

Вака осмехотворена Македонија може да се излее на улиците повеќе отколку пролетоска. Но, и ако не ги ебаваме ни под разно политичките актери на драмата и нивниот монструозен систем, можеме да сториме нешто големо за себе и за заедницата. Знам дека звучи чудно, но нашето (не)внимание е важна работа. Во крајна линија можеме да му се заканиме на Бејли дека ќе му го оставиме Груевски, хахаха, можеби ќе сакаат да направат слободна зона на глупоста во долината на водите на Марс! За добра провизија!

Слики: Свирачиња
Извор: Слободен печат