За слободата

07.10.2015 10:41
Слободна сум

* * *

Откако ја кренавме котвата од перспективата
за исполнувачка љубов,
чекаме млаката крв да ни ја зоврие
некоја нова квази-револуција
или барем
празна флоскула од резолуција.
И молкум се прашуваме
-Колку кафиња зачинети со тага
испил градот утрово?

Единствено уморот се продлабочил
околу очите на пријателите
а тежиштето на сите наши разговори
останува исто
И сè уште не сме заклучиле
што нè прави така проклето незадоволни?
Новите лузни на градов ли се,
сивилото на облаците
или банана-државата во која сме фрлени?

Во секој случај,
ќе се убедиме дека ништо не можеме да промениме
додека ги навлекуваме чевлите за нови механички чекори
и ги местиме алармите за уште една низа од безбојни утра.

Само ќе се накашламе уштиркано
и ќе ја запретаме со пепел жарта во очите.
Ќе го погледнеме и утрово бледо,
зашто не е време да бидеме среќни.
Треба да почекаме до некое поденешно утре
кое некако се претворило во поминато вчера
и нè остава така збунети
сета оваа растргнатост помеѓу стремежот кон рутина
и гадењето од неа
До кога
ќе чекаме некој да ни ги здроби коските
и да нè пресоздаде
во нешто што конечно ќе ни се допадне?

Во меѓувреме
ќе се храниме под сонцето
на некоја
              идна
                    замислена
                                   среќа

и уморни од себе си,
повторно сами со себе
ќе се обидеме да се залечиме.

* * *

Слободна сум од оковите на темелите
од сите свои поранешни домови.
Слободна сум од потребата да кажам
дека ми се гади од приказните на сите жители на градов
И затоа, ќе се воздржам од ставови
додека седиме на пијачка, драги пријатели.
Слободна сум од сеќавање за очите
на сите досегашни соговорници
кои како џамлии
не постојат во ова време.

Проклето сум ослободена
од почит кон авторитети
Oд верба во светот и државата,
во утрата и утрешнината
Oд верба
во вистината, уметноста и припадноста.

А по ѓаволите,
Тешко ни паѓа сечиј крик
во фреквенцијата на оваа сеприсутна какофонија
Тешка ни е заробеноста
во имплозивната енергија на системов
а најтешка
сопствената скаменетост во него.

Јас повеќе и не можам да пишувам поезија.
Излегов од змиската кожа на сите метафори
сега сум просто искрена и обична.
И навистина,
битно ли е што чувствуваме на крајот од денот
битно ли е дали сме ги сфатиле механизмите на системот
дали сме проголтале доза анестетик
од црни слова и празни разговори,
битно ли е дали сме задоволни
ма битно ли е...
Сè додека садовите се измиени
-механички
додека станот е исчистен
-по инерција
Сè додека сметките се платени
се потпишуваат договори
се полнат индекси
се голта лебот и пивото
се постои...
Вака
или
така
-сеедно.

На крајот од денот,
во ред е, навистина.
Понекогаш
потребна ни е слободата да си градиме окови
за да преживееме.

На крајот од денот,
среќни сме.
Или барем, така некако.

Слики: Сашико Јуен

Слични содржини

Книжевност
Книжевност
Книжевност
Книжевност
Книжевност
Книжевност
Книжевност

ОкоБоли главаВицФото