Емигрант

07.10.2015 11:11

Ќе видиш дека е сè
главно онака ко што си замислувал
во некои моменти
кои никој не може да ги предвиди
ќе осетиш копнеж по татковината
повремено по нешто што не можеш да го опишеш
а повремено нема да знаеш да кажеш
што ти фали
исто како што си се чувствувал дома

некои од почеток ќе ти замеруваат
што се дружиш
со исти како тебе
но само оние кои
го направиле она што ти си го направил
кои го смислувале и копнееле по тоа
лежеле будни и чекале
и излегле
без пари без документи без што било
на твои години
само тие знаат што си направил
за што зборуваш
и ќе ти најдат покрив и работа
некои од почеток ќе ти зборуваат
да ги избегнуваш
оние од твојата земја
и тоа веќе некое време
додека твојата земја станува
категорија на новото место
и никој не помни исти работи
на ист начин
и тогаш се јавува проблем
што воопшто да помниш
и кој е твојот вистински
јазик
од каде доаѓа како
звучи
кој го зборува
ако останеш верен на старата употреба
зарем со тоа не го отсекуваш
новиот говор
но ако се залеташ по новите усни
зарем не трнеш како прекинат звук
зарем не се сушиш како локва
може ли да му се верува на новиот јазик
а што со спомените од твоето детство
дали во мислите да ги чуваш парченцата
обоен памук и изглодано дрво
конците од гласови на непреводлива приказна
светлината на мрзливото сонце врз потсушената боја
која продолжува да бледнее под
сè посилниот сјај на белото попладне
папратта на брегот на проѕирното езеро
или да ги заборавиш
додека лебдиш помеѓу безвремените јазици
и од еден на друг довикуваш кој си

Препев: П. В.

Песни од Мервин на Окно

Вилијам Стенли Мервин (William Stanley Merwin, 1927) е еден од најзначајните живи американски писатели. Неговиот стил се карактеризира со индиректна нарација во која отсуствуваат интерпункциски знаци. Во 80-тите и 90-тите врз неговата поезија влијание ќе извршат будистичката филозофија и екологијата. Во последните 40-тина години живее на Хаваи, каде што е посветен борец за заштита и обновување на природната средина.

 

Слични содржини

Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна

ОкоБоли главаВицФото