Ако ги слушаш Џими Хендрикс или Џенис Џоплин - сигурно си „наркоман“!

08.10.2015 10:13
Ако ги слушаш Џими Хендрикс или Џенис Џоплин - сигурно си „наркоман“!

Контроверзната книга „Дрога - болест на денешницата“ на д-р Бошко Томовски, чиј извадок деновиве кружи на социјалните мрежи, е цитирана и во докторски дисертации. Изданието на книгата е од 1998 година, а до ден-денес се користи како референца во научни трудови. Во оваа книга стои дека сигурен знак да препознаете наркоман е познавањето рок и поп-музиката и излегувањето на места каде што се слуша рок-музика.

Книгата на невропсихијатарот Бошко Томовски, „Дрога - болест на денешницата“ стои како користена литература во докторската дисертација од 2015 година на Ѓоко Стрезовски, на Педагошкиот факултет во Битола. Ментор е професорот Јове Талевски, а трудот е со наслов „Менаџирањето со влијателните фактори во функција на превенирањето на наркоманијата кај средношколската популација во Република Македонија“.

Ви пренесуваме неколку контроверзни цитати од книгата на Бошко Томовски:

„...Наркоманите се добри познавачи на рок и поп-музиката, особено ако таа музика ја изведуваат музичари наркомани како Џими Хендрикс или Џенис Џоплин. Нивните средби задолжително се проследувани со разговор за актуелните музичари - наркомани, се дискутира за нивниот живот и нивните најнови активности од светот на музиката. Неретко младите наркомани преку своето облекување и однесување ги имитираат своите идоли, што претставува голем финансиски издаток за родителите. Ова би требало да претставува алармантен знак за родителите дека нешто чудно се случува со нивните деца. Особено ако синот или ќерката подолго време поминуваат лежејќи во кревет покрај музичките системи со бучна музика на само еден вид рок-пејачи и доколку нивната музика ја повторуваат повеќепати трудејќи се да ја запаметат и притоа останувајќи отсутни за средината во која живеат.

Денес јавните концерти и кафулиња со музика од типот рок, претставуваат места каде што дрогата заедно со алкохолот и цигарите вешто им се доставува на младите лица. Тоа за родителите чии деца таквата средина ја посетуваат, треба да претставува сериозен знак....“

„... Староста на наркоманот се движи меѓу 13 и 15 години иако зависниците од дрогата можат да бидат и на 12-годишна возраст. За првпат, од љубопитност земаат дрога, но сепак тоа не значи дека таа личност е наркоман, или пак, по 25-тата година кога наркоманот не употребува само еден вид дрога, туку како искусна личност во светот на дрогата употребува повеќе видови дрога за да ја пронајде вистинската...“

Инаку, д-р Бошко Томовски се јавува и како водител на ТВ-емисијата „Архив на душата“ емитувана на рационалната прилепска телевизија „Канал Визија“.

Извор: Слободен печат