Човек од првиот обид ја отворил кесата во супермаркет

08.10.2015 12:14
Човек од првиот обид ја отворил кесата во супермаркет

Скопје, 8 октомври 2015

Скопјанецот Љубомир Кузманов (38) денес стана првиот човек кој успеал од првиот обид да ја отвори најлонската кеса во еден супермаркет. Овој несекојдневен подвик Љубомир го остварил рано утрово, кога касиерката ги поминала сите производи и го оставила сам да ги стави во кесата.

„Веќе се подготвив да ја отворам кесата неколку минути како и сите останати муштерии кои беа во редот пред мене, кога одеднаш се случи чудо. Само што ја зедов во раце, кесата се отвори баш како што треба! Прво помислив дека станува збор за скриена камера, но дури откако луѓето зад мене почнаа да аплаудираат и да ми честитаат, сфатив дека го постигнав невозможното“, раскажува Љубомир, инаку забен техничар од Карпош 3.

Во целата ситуација, најприбрана била токму касиерката Марија М., која го пријавила несекојдневниот настан. Шефот на смена Зоран В. најпрво се сомневал и проверил дали кесата е скината, а кога се уверил дека не е, го замолил Љубомир да се обиде уште еднаш.

„За жал, следниот пат немавме среќа. Пробував и пробував, ама без успех. Се откажав дури кога луѓето во редот почнаа да свират и да пцујат. Жал ми е што го расипав впечатокот во вториот обид, но се надевам дека мојот успех нема да биде брзо заборавен“, рече Љубомир.

По повод овој настан се огласија и производителите на најлонски кеси, кои во заедничкото соопштение истакнаа дека конечно е докажано она што тие со години го тврдат, а тоа е дека нивните пластични кеси можат да се отворат од прва доколку купувачот ги притисне на вистинското место.

Вештиот Љубомир Кузманов им рече на новинарите дека нема да запре тука, туку дека наредните годин ќе се обиде да направи нешто уште поневеројатно - да погоди на која каса се наоѓаат кутиите со цигари кои тој ги пуши.

Извор: www.njuz.net