Киро Глигоров: 20 години по атентатот

08.10.2015 14:35
Киро Глигоров: 20 години по атентатот

Пред неколку дена, на 3 октомври 2015, се навршија 20 години од неуспешниот обид за атентат врз претседателот на Република Македонија, Киро Глигоров (1917-2012). Овој настан кој остана нерасветлен и денес предизвикува контроверзи, шпекулации, теории на заговор...

По повод 20-годишнината од атентатот, Окно нема да се занимава со таквите теми, туку преку избор од текстови објавувани на нашиот портал, како и преку цитати од самиот Киро Глигоров, ќе се обидеме да обрнеме внимание на исклучително важната улога што ја има можеби најзначајниот политичар во современата историја на Македонија. Избраните текстови донекаде фрлаат светло и врз актуелниот политички миг и катастрофата на груевизмот низ која минува Македонија.

 

Васил Мицковски
Легендата никогаш не заминува

Во едно бурно време за Европа и за Балканот, исполнето со крвави расплети, политиката на Глигоров ѝ обезбеди мир на Македонија за полесен премин на патот кон самостојноста и независноста. Глигоров се здоби со аурата на миротворец. Граѓаните на Македонија добија сигурност и спокојство дека под водството на Глигоров нема да има војна и бесмислени жртви. Така и беше. Тука се наметнува реторичкото прашање – зарем само тој факт дека имавме десетгодишен мир под негово водство не е доволен за да сфати величината на Глигоров?

(...)

Оној момент кога Глигоров почна да еманира вредности што отсликуваат една нова епоха, и додека мнозинството граѓани беа уверени дека добиле вистински човек во вистинско време, битката против Глигоров и против политиките што тој ги симболизираше не престанаа во ниту еден момент. Одеднаш, Глигоров стана средиштето околу кои се вкрстуваа сите добри и сите лоши страни на македонското општество.

(...)

Што нè научи Глигоров? Прво, од него научивме колку е важно водечките луѓе на државата да изберат правилен курс, односно да бидат носители на една јасна и конзистентна државна стратегија. Тоа, во моментов, е нешто што најмногу ни недостига.

Второ, Глигоров нè научи дека државите, а особено оние помалите како Македонија, мораат да водат сметка за реалностите што владеат и на внатрешен, и на регионален и на глобален план. Тоа помага да се сфати комплексноста на модерниот свет, системот на меѓузависност, дека работите, најчесто, не се црно-бели или дека нештата не се еднозначни.

Разговор меѓу Горан Стефановски и Киро Глигоров
Зен будист на балканската крчма

Г.С.: Кога повлекувате конкретни политички потези, во која мера помислувате на тоа како ќе останете запаметени од историјата?

К.Г.: Можеби во тој поглед најилустративен момент е кога нè примаа во ОН. Ми кажуваат дека нема друг излез, освен да остане ова „бивша југословенска Република Македонија“. Сепак, внатре е содржано „Република Македонија“, а ова „бивша“ порано или подоцна мора да се избрише. Јас реков – добро, нека биде така. Ги известив претседателот на Владата, на Собранието – немаа ништо против. Утредента ми јавија дека неформалниот состанок на Советот за безбедност за нашиот прием ќе биде следниот ден и јас морам тој ден да полетам, ако сакам да стигнам таму за да бидам присутен кога ќе биде официјалниот состанок на СБ, а за утредента се предвидува свикување на Генералното собрание, што треба тоа да го аминува. Јас се најдов во еден момент вчудовиден. Што правиме сега? Прво, знаејќи ги Грците, не сум сигурен дека тие нема нешто да се предомислат во последен момент, а јас да тргнам на пат и да испаднам смешен?! Одам да нè примат во ОН и се враќам како оној „Мартин во Загреб“... Седам сам во канцеларијата и размислувам дека сега треба да се донесе решение – одам или не одам. Ако не отидам, се пропушта можност пред тоа Генерално собрание да се каже што е тоа нова држава и која е нејзината политика. Ќе биде големо разочарување за сите овде во Македонија. Тоа би бил веројатно единствен случај некој шеф на држава, при прием на неговата држава, да не присуствува на тој чин. Така размислував некои 20-30 минути, па си реков: Тргам јас на пат, па, сега, ќе биде или срам или ќе биде успех, нека биде џа или бу! Говор немаше подготвено, бидејќи не се очекуваше ништо такво. Си мислам, нема друго време да се напише говорот, освен додека се лета преку ноќта. Кога ќе стасам во Њујорк ќе му го дадам говорот на нашиот амбасадор да го пречукаат, да го преведат на англиски јазик, да го поделиме на новинарите и на другите, а јас ќе го читам на македонски јазик за да се чуе првпат наш збор таму. Мислам дека тоа остави најголем впечаток врз Македонците што беа таму. Ја зазеле целата галерија и цело време викаат „Да живее Македонија“. Нашите луѓе овде, бидејќи имаше обезбедено ТВ-пренос, не знаеја кои се тие и мислеа: „Гледај сега колкава поддршка имаме, кога цела галерија вика – да живее Македонија!“...

Но, пред тргнување, знаејќи дека тоа е историски момент – еднаш се станува независна држава – помислив дека треба со мене да оди барем еден Албанец, за да бидеме заедно на тој чин. Тогаш потпретседател на Собранието беше Ештреф Алиу. Ѝ реков на секретарката да го побара и веднаш да дојде кај мене. Се појави човекот за десет минути. Велам: „Слушај Ештреф, вака и вака е работата. Ова никој не го знае, тебе прв ти го кажувам. Можеби утре ќе пукне тиквата и ќе нè примат во ОН“. Тој прво се израдува, а јас му велам: „Предлагам ти да дојдеш со мене, за на тој чин да бидеме заедно – Македонец и Албанец. Не можеме сите националности да ги собереме, но барем најголемата“. „Е, вели, претседателе, јас морам да ја прашам Партијата. Без тоа не можам да ти кажам. Јас лично сакам, но не знам што ќе речат другите“. „Тогаш, велам, бргу барај го претседателот на Партијата и прашај го, но кажи му дека јас инсистирам на тоа“. Се загуби. Го нема половина час – еден час, а времето си тече: треба да се вадат билети, пасош дали има или нема, виза за Америка... По едно време, дојде целиот смуртен. Седна и рече дека не му дозволиле. Му велам дека тоа ќе биде срамота. А тој само крева раменици и молчи. Јас му велам: „Слушај, нешто да ти кажам. Јас на твое место би се решил веднаш. Знаеш зошто? Во овој историски момент, сега можеби ќе те критикуваат, бидејќи, спротивно на налогот на партијата, си отишол на тој настан. Но, ќе помине кусо време и тие ќе се уверат дека тоа била твоја правилна постапка. И тогаш ќе добиеш сатисфакција“. Едно време молчеше и на крајот рече: „Море, ќе одам, па што сака нека биде – нема белки да ме заколат!“ „Браво, бе Ештреф, дај си рака! Каде ти е пасошот, каде ти е пасошот, зашто имаме само еден-два часа на располагање“.

Никола Гелевски
Врсниците, Хобсбаум и Глигоров

Македонското „историско прашање на мигот“ задира токму во она за што зборува Хобсбаум: дали политичкото наследство на Киро Глигоров е „праисторија“, сега веќе и симболички завршена приказна за асномска Македонија и за нејзината екстензија, Република Македонија од 1991 година?! Варварскиот налет на груевизмот, на едно брутално политичко движење кое се обиде да ги протресе темелите на досегашното разбирање на македонската држава, на прв поглед изгледа дека е победнички историски налет. Се чини како смртта на Глигоров, симболот на спојот меѓу Македонија од 1944 и 1991, сосема да го расчистува и физичкиот простор (оти политичко-симболичкиот веќе е расчистен, сметаат груевистите) за „античките Македонци“, т.е. за едно опасно популистичко билдање на мускулите на нацијата кое подразбира радикален ревизионизам опасен и кон надвор (кон Грција, на пример), но потенцијално самоубиствен кон внатре.

(...)

Смртта на Глигоров, ми се чини, треба уште еднаш да нè потсети дека сликата што ја имаме за самите себе во историјата е комбинација од историско искуство и историска перспектива. Многу е важно умните луѓе, историчарите, политичарите, теоретичарите итн., да знаат да ги препознаваат сличностите и разликите меѓу сегашноста и минатото. Многу е важно умните луѓе да го дигнат својот глас против систематското изобличување на историјата во ирационални цели. Истото целиот живот го прави и Хобсбаум кој е свесен дека сите режими ги тераат своите млади да ја учат историјата не за да го разберат своето општество и начините на коишто тоа се менува, туку за да го одобруваат, за да бидат горди на него и да станат „добри граѓани“.

Жарко Трајаноски
Киро и Грујо: „Стариот лисец“ и „младиот петел“

Неколку работи ги спојуваат Глигоров и Груевски – економијата, Штип, Јордан Мијалков, и владеењето со Македонија. Речиси сè друго ги разликува и раздвојува. Како политичар, Груевски е антипод на Глигоров.

Глигоров стекна имиџ на „стар лисец“ кој вешто се избори за мирна независност, национално обединување, и меѓународно признавање на Македонија и на Македонците како еден од словенските народи. Груевски си изгради имиџ на „млад петел“ кој суверено господари со македонското буниште, глумејќи бранител на античко-македонскиот идентитет и борец против внатрешните „кодоши“ и надворешните непријатели.

(...)

Глигоров плати голема цена за својата визија и за осамостојувањето на Македонија. Стана жртва на сè уште неразјаснет атентат - неколку седмици по потпишувањето на „Привремената согласност“ и еден ден по постигнувањето договор за меѓусебно признавање со Србија. И покрај тоа што беше мета на мнозина националистички хушкачи кои јавно му се закануваа, го клеветеа, го плукаа, мразеа и етикетираа, Глигоров не возврати со говор на омраза или одмазда. Не повика на „конечна пресметка“ со своите непријатели ниту откако се обидоа конечно да се пресметаат со него. Иако пролеа крв за Македонија, во своите претседателски говори продолжи гордо да подвлекува: „Република Македонија може да биде горда што се издигна на балканскиот синдром да создава држави со крвта на своите деца.“

Васил Мицковски
Ревизија на Глигоров

Глигоров беше еден од ретките луѓе кои се определиле за политиката, со јасна свест дека политичарот не си обезбедува место во историјата со панагирики. Или, со наместени рејтинзи и со политика на страв и на заплашување. Глигоров не беше ниту светец, ниту безгрешен. Но, тој стана вертикала, пред сè, со својата рационалност, која тешко може да се прескокне и да се потисне. Страничните удари и фаули што сега ги прави власта навестуваат фронтален напад. Тоа е само доказ колку Глигоров останува коска во грлото на оваа владејачка гарнитура.

Да се ничкоса Глигоров е сон на ова ВМРО-ДПМНЕ.

Но, Глигоров е и надежта дека можеме да останеме барем нормални.

 

Цитати и изјави на Киро Глигоров

За одлуките на АСНОМ, како секретар на иницијативниот одбор:

„Уште тогаш кажавме дека, без оглед на вера, националност и традиции, граѓаните треба да бидат еднакви во сите права и обврски кои ќе ги имаат во новата држава и дека тука не треба да се прави никаква разлика. Се повикувавме на оној познат Проглас на првиот Илинден во Крушево и Крушевската Република, каде што се повикуваа во борба не само малцинствата во Македонија туку и Турците, затоа што и тие беа угнетени од агите и беговите. Така, во асномските одлуки има една многу јасна демократска содржина, дури нема ништо од она што потоа, за жал, стана реалност - да имаме една партија. Со донесените одлуки се обезбедуваше слобода на мислењето, слобода на печатот и слобода на секого да ги кажува своите гледања и мислења и во една демократска атмосфера да можеме да изградиме едно цивилизирано општество.“

За односите со соседите и опседнатоста со историјата:

„Ние со сите наши соседи сакаме да имаме добри, пријателски односи, да имаме што поотворени граници, и да се свртиме кон оние проблеми кои нè обединуваат, кои бараат заемна соработка – економска, политичка, и друга... И да ја оставиме историјата на страна. На Балканот, за жал, многу се живее од историјата...“ (1993)

За квази-историските небулози:

„Сериозните историчари се смеат на она што се случува во мојата земја во изминатите години. Историјата е светско богатство, тоа јасно значи дека историското и културното богатство не смее да биде само грчко. Грците сметаат дека ние сакаме да земеме еден дел од нивното историско и културно наследство. Не велам дека овие грижи се неосновани бидејќи има претерувања и од наша страна. Има историчари во мојата земја кои велат дека ние на оваа територија сме биле 2.000 години пред Александар Велики. За смеење. Му реков на еден мој пријател дека како што тргнало, ќе докажеме дека сме директни потомци на Адам и Ева и ќе докажеме дека Рајот е наш, македонски.“ (2009)

Обраќање во Собранието на 02.09.1991

„Ние не сме створени во некоја реторта од некоја коминтерновска, алхемиска работилница и по тој начин создадена некаква нација.... Ние сме тоа што сме со сета наша историја, со сè она што се белези на еден народ кој опстојува со векови, кој денес претставува пример на една модерна нација, и од никого не бараме да тоа да мора да го признае.“

За словенското потекло

„Ние сме Словени, дојдени во VI век на овие простори. Немаме никаква врска со Александровата цивилизација.“ (1993)

ОкоБоли главаВицФото