Законското неправо во груевистичка Македоња

13.10.2015 03:42
Законското неправо во груевистичка Македоња

Синтагмата „законско неправо“ е противречна по себе, зашто значи нешто што е и закон и спротивно на закон, и денес би ја нарекле вистински оксиморон, но претставува една од највлијателните правно-теориски идеи што одигра клучна улога во денацификацијата на Германија по Втората светска војна. Синтагмата ја позајмив од книгата „Филозофијата на правото“ од Густав Радбрух (во сјаен превод на професорот Ѓорѓи Марјановиќ), кој е еден од светските големци на правничката мисла на 20-иот век. Таму, во вториот додаток на ова - за разбирање на тоталитаристичка Македоња многу вредно филозофско-правно четиво, ја затекнав малата но неверојатно влијателна статија на Радбрух, објавена 1946 година под наслов „Законско неправо и надзаконско право“. Проблемот со кој се расправа Радбрух во оваа статија беше практично централниот проблем на денацификацијата и возобновувањето на вистинското право во Германија. Тоа, во суштина, беше проблемот на презголемениот правен позитивизам што во нацистичка Германија ги потисна сите други хумани и социјални аспекти на правото. Начелото „законот е закон“ за време на владеењето на Хитлер се употребувало без ограничувања, па германската држава уште во 1934, кога ги донесе тн. расни закони, стана „држава на неправото“.

Анализата на „законското неправо“ - со коешто нацистичка Германија го вовлече целото свое општество во соучесништво во вршењето на најголемото злосторство во историјата - што Радбрух ја прави за да го фундира процесот на денацификацијата, во потполност е апликативна за секое тоталитаристичко општество, и, се разбира, како да е пишувана специјално за груевистичката партиско-мафијашка држава и нејзиното „злосторничко право“. Клучната теза на Радбрух е дека тоталитаристичката држава ја злоупотребува законодавната процедура и форма за да донесува закони со произволна и злосторничка содржина. Притоа, голиот и насилен правен позитивизам („законот е закон!“) воопшто не се ни труди да ги образложи законите со каква и да е рационална, правна или морална аргументација, туку верува дека важењето на законите се докажува со самата моќ на институционалната присила со која тие му се наметнуваат на народот. Но, вели Радбрух, важењето на еден закон се докажува со неговата содржина, односно со вредностите што ги носи законската материја, а тоа се правдата, целесообразноста и правната сигурност. Суштинската дистинкција помеѓу законското право и законското неправо, на ингениозно јасен начин се постига во два степени: кога позитивниот закон е противречен на остварувањето на идејата за правда, тогаш се работи за „неисправно право“, но кога во законот не постои ниту стремеж кон правдата, кога еднаквоста, која е јадро на правдата, свесно се одрекува, тогаш законот не е само „неисправно право“, туку воопшто нема правна природа. Мерени со ова мерило цели делови од груевистичкото „право“ никогаш не го досегнаа достоинството на важечко право (Радбрух ова го тврди за нацистичката легислатива), а поуките од денацификацијата нè учат, всушност, кој е единствениот успешен начин да се справиме со илјадите неуставни, неправни, неправедни, непрофесионални, неписмени и злосторнички закони и делови од закони што во груевистичката ера се донесени од нелегални органи на една окупирана држава. За законодавството на груевизмот, за неуставните и неправните производи на груевистичкиот сервилен и безумен парламент, мора да важи практично истата логика како и онаа што важела во процесот на денацификација на Германија, а тоа е дека „законодавството на национал-социјалистичката партиска држава (ВМРО-ДПМНЕ, заб.авт.), (...) е лишено од секаква правна важност“, или, дека „законите што (...) му противречеле на природното право, уште во време на нивното донесување биле ништожни“.

За оваа „тешка“ филозофско-правна расправа, почитувани читатели, многумина ќе речат дека е сосема неприлагодена на форматот на една саботна колумна, но јас сум убеден дека таа е од клучно значење за справување со македонската „политичка криза“. Зашто, во процесот на „договарање“ помеѓу политичките партии, што го надгледуваат и „олеснуваат“ меѓународните вицеконзули и амбасадори, потполно недостасува свеста за сеопфатноста на „неисправното право“ и за „неправниот“ тоталитаристички партиско-државен амбиент во кој овие „преговори“ се вршат. Договорот од Пржино и процесот на неговата имплементација се бават само со некои поединечни законски решенија што – како политички компромиси помеѓу злосторниците и жртвите – би требало да ја трасираат тесната и лизгава патека за излез од „политичката криза“. Но, тие не можат – а, ниту целат - да овозможат какво и да е системско ослободување од еден сосема инсталиран и метастазиран тоталитаристички систем на неуставни и неправни закони, институции и општествено-политички практики, што Груевски и неговата ВМРО-ДПМНЕ во долгото злоупотребување на власта ги претворија во една бесконечна грда нормалност.

Оваа тажна политичко-правна апорија, овој оксиморонски процес на решавање на проблемот на партизираните институции и „неправното законодавство“, од страна на истите партии што го сториле злосторот над институциите и законодавството, секојдневно произведува оксиморонски ситуации што – да ги гледавме во филмска пародија или сатира – би нè засмевале до солзи. Некни, на пример, од овој изопачен процес што треба да ја „поправи“ трагичната состојба со независноста и слободата на медиумите, излезе закон што воведува стриктна цензура во медиумите!? Или, неколку дена порано, го гледавме забавниот фестивал на врвната судска власт, како заклучува дека политичко-партиски притисоци на судството во библиската Македоња воопшто немало, но затоа „неподносливи притисоци“ судската власт трпела од медиумите!? Хахахаха! Бурлеска. Или, поскоро, (а, ова нема врска со законодавството, туку со изопачената стварност на груевизмот), кога излезе на виделина дека на бившиот шеф на државната безбедност му е издаден дипломатски пасош, тој демонстративно се откажа од него со патетична изјава дека за деветте години во кои ја играше улогата на Саурон, мрачниот Господар на прстените, тој всушност бил жртва на „многу притисоци“ и, веројатно, претрпел голема душевна болка, но ќе продолжел и понатаму да се жртвува за вечната Македоња! Алелуја! Урнебесно. Фантазмагорично. Надреалистично и апсолутно македонично.

Значи. Дегруевизацијата е единствениот излез на библиската Македоња и нејзиното напатено пучанство, а тој процес може успешно да се изведе само доколку структурно ја следи процедурата според којашто е изведена и денацификација на поразената нацистичка Германија. Груевизмот треба да се квалификува со неговото вистинско име – како злостор против народот и демократијата, да се инкриминира и осуди како појава, да се санкционира и да се демонтира тоталитаристичкиот систем на институции и „неправни закони“ што го прават невозможно владеењето на правото во уставните рамки. Потоа, дури потоа, можеме да го возобновиме вистинското право и институциите на демократијата. Зашто, демократски избори се можни само, и само ако се обезбеди вистински демократски политичко-правен амбиент. Без Груевски и неговата ВМРО-ДПМНЕ, се разбира. Зашто, и денацификацијата на нацистичка Германија не ќе да беше можна со Хитлер и неговата Националсоцијалистичка германска работничка партија како „рамноправен“ и од злосторите аболиран учесник на првите послевоени избори.

Извор: Слободен печат
Слики: Свирачиња