Право на град (2)

14.10.2015 11:33
Право на град (2)

Сега, да го забрзаме филмот за да стигнеме до Соединетите држави, во годината 1942. Проблемот со располагањето на вишокот капитал кој во триесеттите изгледал толку несовладлив (како и невработеноста која одела рака под рака со тоа) привремено бил решен како производ за огромна мобилизација на луѓе среде војна. Но, сите стравувале не знаејќи што ги очекува по војната. Во политичка смисла, ситуацијата била опасна. Федералната влада суштински управувала со национализираната економија (и го правела тоа многу ефикасно), а Соединетите држави биле здружени со комунистичкиот Советски сојуз во војната против фашизмот. Како одговор на депресијата од триесеттите години се појавиле многу општествени движења со социјалистички тенденции, а нивните следбеници се интегрирале во воените дејствија. Сите знаеме каква била понатамошната судбина на политиката на макартизмот и студената војна (многубројните знаци кои посочувале кон тоа се појавиле уште во 1942 година). Како и за време на владеењето на Луј Бонапарта, тогашната владејачка класа јасно барала поголема доза политичка репресија за да ги потврди своите позиции на власт. Но, што се случило со проблемот за располагање со вишокот капитал?

Една исцрпна евалуација на остварувањата на Осман била објавена токму 1942 година во едно списание за архитектура. Во статијата детално било документирано сè што направил тој, што делувало неодоливо, и бил направен обид за анализа на неговите грешки. Статијата не ја напишал никој друг туку Роберт Мозес, кој после Втората светска војна за целото метрополитенско подрачје на Њујорк го направил она што го направил Осман за Париз.6 Со други зборови, Мозес го сменил опсегот на мислењето за урбаниот процес и – преку системот за трансформација на автопатиштата и инфраструктурата (финансирани од дефицити), преку субурбанизација и тотален реинженеринг, не само на градот туку на целото метрополитенско подрачје – го дефинирал начинот како да го апсорбира вишокот производи и со тоа да го реши проблемот за апсорбирање на вишокот капитал. Тој процес, кога е применет на национално ниво, како што и се случило во сите метрополитенски центри во САД (само уште еден вид трансформација на опсегот), одиграл круцијална улога во стабилизацијата на глобалниот капитализам по Втората светска војна (тоа бил период во кој Соединетите држави биле во состојба да ја движат целокупната глобална некомунистичка економија со помош на водење трговски дефицити).

Субурбанизацијата на САД не била само работа за изградба на нови структури. Како и во случајот на Второто царство во Париз, тој процес со себе повлекувал радикална трансформација на начинот на живот и создавал еден потполно нов поглед на животот во кој новите производи – од градењето станбени блокови во предградијата до ладилниците и клима-уредите, како и појавата на пристапните патишта за разминување на два автомобила и енормниот раст на потрошувачката на нафта – заедно имале свој удел во апсорбирањето на вишокот. Така субурбанизацијата (паралелно со милитаризацијата) играла клучна улога во помагањето на апсорбирањето на вишоците во повоените години. Но, таа го правела тоа по цена на празнење на централните американски градови, оставајќи ги без одржлива економска база, создавајќи на тој начин таканаречена „урбана криза“ во шеесеттите, која ја дефинираат бунтовите на загрозените малцинства (главно Афроамериканците) во градовите во внатрешноста, на кои не им бил дозволен пристап до новата благосостојба.

Но, не се бунтувале само централните градови. Традиционалистите сè помасовно се обединувале околу Џејн Џејкобс, барајќи да се спротивстават на бруталниот модернизам на масивните проекти на Мозес што се одликувале со поинаков вид урбана естетика, која се фокусирала на развојот на локалните градски населби, како и на историското зачувување и, најпосле, на гентрификацијата на постарите подрачја. Но, од тогаш се изградени предградијата, и радикалната трансформација на начинот на живот ги имала сите можни општествени консеквенци, како што и било најавено, вклучувајќи ги феминистките, да речеме, кои истакнувале дека предградието и начинот на живот во предградието се извор на нивните примарни незадоволства. Токму како што се случило и со Осман, кризата почнала сè повеќе да се изразува така што Мозес ја загубил претходната положба, а неговите решенија кон крајот на шеесеттите почнале да се толкуваат како неадекватни и неприфатливи. А, како што османизацијата на Париз имала улога во објаснувањето на динамиката на Париската комуна, така бездушните квалитети на животот во предградијата играат критична улога во драматичните превирања во 1968 година во Соединетите држави, кога незадоволните студенти белци, припадници на средната класа, влегуваат во фаза на бунт, во потрага по сојузништво со другите маргинализирани групи и здружувајќи се против американскиот империјализам за да создадат движење со цел изградба на поинаков свет, вклучувајќи и поинаков вид урбано искуство (иако, повторно, анархистичките и либертаријанските тенденции биле спротивставени на барањата за хиерархиски и централизирани алтернативи).7

Паралелно со бунтот од 1968 година настапи и финансиската криза. Таа делумно беше глобална (со крахот на спогодбата од Бретон Вудс), но исто така потекнуваше и од кредитните институции кои ја поддржаа експанзијата на недвижнините во претходните децении. Таа криза зема замав кон крајот на шеесеттите, сè додека не се сруши целиот капиталистички систем во главната глобална криза, до која дојде заради пукањето на меурот на глобалниот пазар на имот во 1973 година, по што следеше финансискиот банкрот на Њујорк Сити, во 1975 година. Стигнаа црните денови на седумдесеттите, и тогаш се поставуваше прашањето како да се спаси капитализмот од неговите сопствени противречности. На тој начин, ако историјата треба да биде некаков водич, урбаниот процес беше присилен да игра значајна улога. Како што покажа Вилијам Таб, продорот на њујоршката фискална криза од 1975 година, оркестриран од мачниот сојуз помеѓу државната власт и финансиските институции, прв понуди неолиберален одговор на ова прашање: класната моќ на капиталот требаше да се заштити на штета на животниот стандард на работничката класа, додека пазарот беше дерегулиран за да може да ја извршува својата работа. Но, прашањето кое тогаш се поставува е како да се оживее способноста за апсорбирање на вишоците кои мора да ги создаде капитализмот ако сака да опстане.8

Да го забрзаме повторно филмот до нашата сегашна конјунктура. Меѓународниот капитализам беше на нишалката на регионалните кризи и крахови (Источна и Југоисточна Азија 1997-98, Русија 1998, Аргентина 2001, итн.) сè додека не доживеа глобален крах во 2008 година. Каква беше улогата на урбанизацијата во оваа историја? Во Соединетите држави до 2008 година важеше општата изрека дека пазарот со недвижности е важен стабилизатор на економијата, особено по високотехнолошкиот крах од доцните деведесетти. Пазарот со недвижности апсорбираше голем дел од вишокот капитал директно преку новоградбата (која се однесуваше на градењето станбени објекти во градското јадро и во предградијата, како и на градењето нови деловни простори), додека рапидната инфлација на цените на станбените објекти, поддржана од расипничкиот бран на рефинансирања на хипотеките по историски минимални каматни стапки, поттикна експлозијата на побарувачката на потрошувачки добра и услуги на американскиот пазар. Глобалниот пазар делумно беше стабилизиран преку урбаната експанзија и спекулативниот бум на пазарите со недвижности во САД, додека САД водеа политика на огромни трговски дефицити со остатокот од светот, задолжувајќи се приближно две милијарди долари дневно за да се напојува со тие средства нивниот незаситен конзумеризам и војните финансирани од дефицитот, водени во Авганистан и Ирак во текот на првата деценија од дваесет и првиот век.

Но, урбаниот процес мина низ уште една трансформација на обемот. Накратко, стана глобален. Заради тоа не можеме да се фокусираме само на САД. Пазарот со недвижности бележи процут во Британија, Ирска и Шпанија, како и во многу други земји, што го помогна интензивирањето на капиталистичката динамика на начини споредливи со оние кои се применуваа во САД. Урбанизацијата на Кина, вршена во последните дваесет години, како што ќе видиме во второто поглавје, имаше радикално поинаков карактер, со силен фокус на градењето инфраструктури. Нејзиното темпо беше енормно интензивирано по кратката рецесија која ја снајде земјата во 1997 година. За последните дваесет години повеќе од стотина градови го поминаа прагот од милион жители, додека малите села, како Шенжен, израснаа во огромни метрополи со шест до десет милиони жители. На почетокот, индустријализацијата беше концентрирана во специјални економски зони, но тогаш рапидно се излеа надвор од нив, во сите општини кои имаа волја да го апсорбираат вишокот капитал од странство и да ја реинвестираат деловната добивка во рапидна експанзија. Гигантските инфраструктурни проекти, како што се браните и автопатите – повторно, во целост финансирани од дефицити – ја трансформираат околината.9 Подеднакво огромните шопинг центри, научните паркови, аеродромите, големите пристаништа, резиденциите за одмор и уживање од сите видови, како и целиот спектар новоосмислени културни институции, паралелно со постоењето затворени заедници и голф клубови, го исполнуваат кинескиот амбиент паралелно со пренатрупаните урбани станбени населби наменети за масите работници кои се мобилизирани од сиромашните рурални региони создавајќи мигрантска работна сила. Како што ќе видиме, огромни се консеквенците кои тој процес на урбанизација ги има за глобалната економија и за апсорбирањето на вишокот капитал.

Сепак, Кина е само еден епицентар на процесот на урбанизација кој сега стана навистина глобален, делумно преку вчудоневидувачката глобална интеграција на финансиските пазари, кои ја користат својата флексибилност од дефицитите да ги финансираат урбаните проекти од Дубаи до Сао Паоло, од Мадрид до Мумбај, па сè до Хонгконг и Лондон. На пример, кинеската централна банка дејствуваше врз секундарниот хипотекарен пазар во САД, додека Голдман Сакс беше вклучен на разбрануваниот пазар со недвижности во Мумбај, а капиталот од Хонгконг беше вложуван во Балтимор. Во речиси секој град во светот на дело беше процутот на новоградбите за побогатите граѓани – често вознемирувачки слични по својот карактер – паралелно со напливот на сиромашни доселеници кои се доселуваа во градовите онака како што селаните од руралните подрачја остануваа без своите поседи преку процесите на индустријализација и комерцијализација на аграрот.

Ваквиот градежен бум е видлив во Мексико Сити, Сантијаго де Чиле, Мумбај, Јоханесбург, Сеул, Тајпеј, Москва и ширум Европа (во Шпанија достигна драматични размери), подеднакво како и во градовите на главните капиталистички земји, како Лондон, Лос Анџелес, Сан Диего и Њујорк (каде во текот на 2007 година беа започнати повеќе опсежни урбани проекти од кога било претходно, под администрација на милијардерот Блумберг). Восхитувачките, спектакуларни и во одредена смисла криминално-апсурдни проекти на урбанизацијата никнаа на средниот Исток, во местата како што се Дубаи и Абу Даби, како средство за канализирање на вишоците капитал кои се избирани врз основа на богатството стекнато од нафтата, применувајќи најразлични начини – најбезочни, општествено најнепривлечни и по животната средина најпогубни од сите кои досега се применети (како што е изградбата на затворена ски-скокалница среде врелиот пустински амбиент). Сепак, ние овде сме сведоци на уште една трансформација на обемот која го зафати урбаниот процес – оној кој нè оневозможува да согледаме дека она што можеби се одвива на глобално ниво во принцип е слично на процесите кои Осман толку стручно ги водел во еден краток период за време на Второто француско царство во Париз.

Но, овој урбанизациски бум зависеше, како и сите други пред него, од изградбата на новите финансиски институции и спогодби, осмислени заради организирање кредити неопходни да го поддржат. Пресудна улога одиграа финансиските иновации започнати во осумдесеттите години, особено секјуритизацијата и пакувањето локални хипотекарни заеми наменети за продажба на инвеститорите ширум светот, како и воспоставувањето нови финансиски институции за унапредување на секундарниот пазар со хипотекарни заеми и чување колатерални обврзници. Користа што ја донесоа овие финансиски иновации е многукратна: со тоа дојде до развлекување на ризикот во ширина, а на фондовите за екстра штедење им беше дозволен полесен пристап до вишокот побарувачка за недвижности, а покрај тоа, со нивно содејство беа намалени агрегатните каматни стапки (со истовремено генерирање енормно богатство присвојувано од страна на финансиските посредници кои ги правеа овие чуда). Но, развлекувањето на ризикот не значи да се елиминира истиот. Покрај тоа, фактот дека ризикот може да се развлече до значителни размери може да ги забрза и поризичните потфати на локално ниво, со оглед на тоа дека ризикот може да се пренесе и на друго место. Во недостаток на адекватни начини на контрола за проценка на ризикот, пазарот на хипотекарни заеми се извлече од контрола, и она што ѝ се случува на фирмата Переире брадерс помеѓу 1867 и 1868 година и фискалното расипништво на Њујорк Сити во раните седумдесетти, е повторено во кризата со хипотекарните заеми и вредноста на недвижностите која изби во 2008 година. Во првиот налет, кризата беше концентрирана во американските градови и околу нив (иако слични знаци можат да се забележат и во Британија), со особено сериозни импликации кои ги погодија Афроамериканците со ниски примања и жените кои сами го водат домаќинството, населени во старите делови од градовите.

Оваа криза, со своите отровни локални влијанија кои ги изврши на градскиот живот и градските инфраструктури (цели приградски населби во градовите како Кливленд, Балтимор и Детроит се уништени со пропаѓањето на хипотеките), ја загрози целокупната архитектура на глобалниот финансиски систем и исто така предизвика голема рецесија. Паралелите кои се прават со седумдесеттите, благо кажано, се неверодостојни (вклучувајќи го и моменталниот одговор на американските Федерални резерви во вид на евтини пари, што е речиси сигурен начин за генерирање на големи инфлаторни закани, како што се случи во доцните седумдесетти, можеби и малку подоцна).

Но, оваа ситуација сега стана далеку покомплицирана и отворено е прашањето дали сериозниот крах во Соединетите држави може да биде компензиран со движење во некој друг дел од светот (на пример, во Кина). Нерамномерниот географски развој повторно може да го спаси системот од тотализација на глобалниот крах, како што се случи во деведесеттите, иако овојпат Соединетите држави се во средиштето на проблемот. Но, финансискиот систем, исто така, привремено е многу поцврство поврзан отколку кога било претходно.10 Компјутерски водената split-second трговија, кога еднаш ќе отстапи од утврдената насока, секогаш се заканува да создаде некое големо отстапување на пазарот (создаде неверојатен метеж на берзите), што ќе создаде масовна криза која бара повторно тотално осмислување на начинот на кој функционираат финансискиот капитал и пазарите со пари, што ги вклучува и односите со урбанизацијата. Како и во сите претходни фази, оваа последната радикална експанзија на урбаниот процес со себе донесе неверојатни трансформации на начинот на живот. Квалитетот на урбаниот живот стана стока за оние што имаат пари, токму како и самиот град, во свет во кој конзумеризмот, туризмот, културната индустрија и индустријата заснована на знаењето, како и постојаното потпирање на економијата на спектаклот, станаа главни аспекти на урбаната политичка економија, дури и во Индија и Кина. Постмодернистичката наклонетост кон забрзување на создавањето пазарни ниши, како во правец на изборот на урбаниот животен стил и потрошувачките навики така и во културните форми, ја опкружува современото урбано искуство на аурата на слободата на избор на пазарот, доколку имате пари можете да се заштитите од приватизацијата на редистрибуцијата на имотот преку развивање криминални активности и предаторски измамнички дејства (кои ескалираат секаде). Шопинг центрите, мултиплекс кината и супермаркетите цветаат (нивното производство прерасна во голем бизнис), токму како и продавниците за брза храна и малите занаетчиски бизниси, бутиците и, како што Серон Зукин лукаво забележува: „Смирување со капучино“. Дури и неповрзаниот, неинтересен и монотон развој во предградието, кој продолжува да доминира во многу области, сега го добива својот противотров во движењето на „новиот урбанизам“ кое измамува продажба кај заедниците и животен стил од бутиците како развоен производ за да ги задоволи градските соништа. Ова е свет во кој неолибералната етика со интензивно посесивен индивидуализам може да стане образец за социјализација на човечката личност. Влијанието ги зголемува изолацијата, вознемиреноста и неврозата кај поединецот среде едно од најголемите општествени достигнувања (барем судејќи според енормните димензии и сеопфатниот карактер) некогаш изградени во човечката историја заради задоволување на нашите најдлабоки желби.

(продолжува)

Кон првиот дел

_________________________________________________

[6] Robert Moses, “What Happened to Haussmann”, Architectural Forum 77 (july 1942): 57-66: Robert Caro, The Power Broker: Robert Moses and the Fall of New York, New York: Knopf, 1974.

[7] Henri Lefebvre, The Urban Revolution, Minneapolis: University of Minesota Press, 2003.

[8] William Tabb, The Long Default: New York City and the Urban Fiscal Crisis, New York: Monthly Review Press, 1982; David Harvey, A Brief History of Neoliberalism, Oxford OUP, 2005.

[9] Thomas Campanella, The Concrete Dragon: China’s Urban Revolution and What it Means for the World, Princeton, NJ: Princeton Architectural Press, 2008.

[10] Richard Bookstaber, A Demon of Our Own Design: Markets, Hedge Funds, and the Perils of Financial Innovation, New York: Wiley, 2007; Frank Partnoy, Infectious Greed: How Deceit and Risk Corrupted Financial Markets, New York: Henry Holt, 2003.

Извор: David Harvey, Rebel Cities: From the Right to the City to the Urban Revolution, Verso, London, 2012

Фотографии: Seph Lawless

Слични содржини

Јавни простори / Теорија
Јавни простори / Теорија
Јавни простори / Теорија
Јавни простори / Теорија
Јавни простори / Теорија
Јавни простори / Теорија
Јавни простори / Теорија
Општество / Јавни простори

ОкоБоли главаВицФото