Воената поддршка на Русија во Сирија има многу поголема врска со Украина отколку со Блискиот исток

15.10.2015 10:01
Воената поддршка на Русија во Сирија има многу поголема врска со Украина отколку со Блискиот исток

Војната преку посредници на Русија во Украина, на претседателот Владимир Путин му донесе многу неволји, од санкциите кои ѝ нанесоа голема штета на руската економија до незгодните прашања на мајките на војниците загинати во конфликтот во кој официјално не учествуваат. Меѓутоа, најновиот гамбит на Кремљ, повлечен во моментот додека настојува да најде излезна стратегија во Украина, истовремено е и смел и збунувачки. Засилувајќи ги напорите во една тајна војна до Украина, Кремљ започна друга – овојпат во Сирија.

Во изминатите неколку недели американската разузнавачка служба собра доволно докази дека Москва ја презема сириската воена воздухопловна база јужно од заливот во Латакија, бранејќи ја со руски маринци, артилерија и најмалку седум тенкови Т-90. Според зборовите на портпаролот на Пентагон, капетанот Џеф Дејвис, „забележавме движење на трупи и вооружување кои посочуваат дека тие планираат да го искористат аеродромот во Латакија како истурена база за воздухопловни операции“.

Од 8 септември најмалку два руски транспортни авиони дневно носат тони опрема во Латакија, вклучувајќи нова контролна кула и монтажни куќи за сместување на околу илјада луѓе. А, кон крајот на август „Николај Филченков“, руски десантен јуришен брод од класата „алигатор“, помина низ Босфорскиот теснец и се упати кон малата руска поморска база во Тартус, во близината на Латакија. На неговата палуба набљудувачите забележаа товар покриен со војничко платно кој наликува на воени возила.

Истовремено, сириската државна телевизија прикажа снимки од модерниот оклопен транспортер за луѓе БТР-82А од руско производство, во акција против антивладините сили северно од Латакија. Сирискиот амбасадор во Москва, Ријад Хадад одлучно тврди дека „приказните за присуство на руски војници на територијата на Сирија се лага која ја шират САД“. Меѓутоа, на социјалните мрежи се појави видео снимка со вооружени униформирани мажи кои извикуваат наредби на руски, како и фотографии со руски маринци во став мирно пред портретот на Путин и сирискиот претседател Башар ал Асад.

Совпаѓање на интересите

Русија одамна дипломатски го поддржува режимот на Асад – на сириската влада ѝ испорачува авиони, хеликоптери, оружје и ракети од противракетниот систем „панцир-С1“. Освен неодамна започнатите воздушни удари на противниците на режимот на Асад, доаѓањето значителен број војници на сириското тло претставува голема ескалација на ангажирањето на Русија во сирискиот конфликт.

Прашањето е зошто токму сега? Борбата на Асад против неговите противници практично се наоѓа во ќорсокак од крвавата и успешна пролетна офанзива за повторно преземање делови од Алеп. Американските и турските воздушни удари на Исламската држава не покажаа какви било знаци дека воената моќ на таа организација е скршена, иако наводно се убиени неколку клучни воени команданти на ИСИС во нападите на беспилотните летала. Според тоа, најверојатното сценарио гласи дека ангажирањето на Путин на Блискиот исток има многу помалку врска со воената реалност на теренот во Сирија, а многу повеќе со пошироката дипломатска игра на Русија.

Кон крајот на септември Путин првпат за десет години отпатува во Њујорк, каде се обрати во Генералното собрание на Обединетите нации. Тоа беше неговиот прв настап во тоа тело од анексијата на Крим во февруари минатата година и војната во источна Украина која следеше после тоа, што доведе до соборување на малезискиот авион МХ-17 и драконски меѓународни санкции за Русија. Путин го искористи говорот да се прикаже себеси како миротворец во Сирија и така се обиде да ја врати положбата на Русија како столб на светската безбедност. Истовремено, на Путин очајнички му е потребно ЕУ и САД да ги ублажат санкциите, а министерот за надворешни работи Сергеј Лавров во разговорите со американскиот државен секретар Џон Кери во Доха во август најави дека Русија ќе соработува со САД во Сирија во замена за укинување на санкциите.

На одреден начин, големата спогодба заснована на она што Лавров го нарекува „широк антитерористички фронт“ во борбата против ИСИС, може да биде изводлива идеја. „И покрај нашите несогласувања со Русија за подрачјата како што е Украина, ова е област во која нашите интереси потенцијално се совпаѓаат“, им рече претседателот Барак Обама на припадниците на американските вооружени сили во почетокот на септември. И Вашингтон и Москва сакаат да ја скршат ИСИС и да ја прекинат агонијата на Сирија. Исто така, и едните и другите сакаат да најдат начини за прекинување на конфликтот во источна Украина – што за Русија значи спасување на образот по пат на компромис кој ќе сочува одредена регионална автономија на бунтовните украински области и ќе обезбеди нивно придружување со остатокот од Украина.

Меѓутоа, најголемото спорно прашање е инсистирањето на Русија, Асад да остане на чело на преостанатиот дел од државата со седиште во Латакија, во истоимената покраина во која живее малцинската алавитска секта на која ѝ припаѓа кланот на Асад. Сè позначајните сили во регионот – пред сè Турција и Саудиска Арабија, како и повеќето припадници на сириската опозиција – одлучно порачуваат дека тој не може да биде дел од решението.

Суштината на планот на Путин се состои во тоа да ја постави Русија во центарот на какво било сириско решение, што е обид да се врати клучната улога која ја играл Советскиот сојуз во регионот пред една генерација. Во август Москва беше домаќин на генералот Касим Сулејмани, командант на силите Кудс од составот на иранската Револуционерна гарда, кој воведе ред во дезорганизираните сили за безбедност на соседен Ирак за да ги оспособи за борба против ИСИС. Исто така, Путин се сретна со јорданскиот крал Абдула, претседателот на Египет, Абдел Фатах ел Сиси и престолонаследникот на Абу Даби, Мухамед бин Зајед ал Нахјан. Исто така, барем три делегации на сириската опозиција ја посетија Москва оваа година, а руските официјални лица се во секојдневен контакт со владата на Асад. И Асад беше мошне зафатен, бидејќи го испрати шефот на разузнавачката служба во Ријад да разговара со Саудијците, а својот министер за надворешни работи во Оман да се обиде да придобие поддршка за решението според кое би останал на власт барем во помалиот дел од земјата.

Планот за Украина

Каква е целта на сите овие разговори? Јавно, Кремљ ја промовира идејата за создавање широка меѓународна коалиција за борба против ИСИС. Меѓутоа, неофицијално, „Русите упорно се трудат да добијат некаква поддршка, каква било поддршка, за идејата Асад да остане на власт“, изјави еден висок европски дипломат кој соработува со Сирија повеќе од една деценија. „Но, тој план е осуден на пропаст. Многу јасно е дека војната во Сирија ќе заврши: ќе се формира некаков скратен Алавистан околу Латакија со кој ќе управува поранешен припадник на партијата Баас близок до Асад, но тоа секако нема да биде самиот Асад. Курдите ќе добијат самоуправна територија на север, иако тоа никако нема да им се допадне на Труците. А остатокот од сунитската опозиција ќе биде препуштен сам на себеси да создаде некаква власт во Дамаск, со тоа што би било пожелно ИСИС да биде уништена со беспилотни летала и бомбашки акции“.

Во меѓувреме, Москва исто така се подготвува за завршница во источна Украина. Според документите кои тајната служба од Украина му ги достави на лондонски Тајмс, „сега најголем приоритет на Кремљ е да ги ‘врати’ отцепените самопрокламирани републики Доњецк и Луганск на Украина, но под руски услови... Со тоа ќе се зачува територијалниот интегритет на Украина и сите финансиски проблеми за обновување на Донбас ќе се префрлат на Киев, додека истовремено ќе се осигура дека владата во бунтовничките републики ќе остане под контрола на руските специјални служби“.

Во изминатите неколку недели руските служби за безбедност изведоа мини удар врз бунтовничкото раководство на народната република Доњецк, на тој начин што отстранија некои од тврдокорните елементи. Главна жртва беше заменикот на премиерот Андреј Пургин, непомирливиот противник за присоединување со Украина, кој беше уапсен заедно со сопругата. Исто така, Русија почна да гради огромна воена база на руската страна од границата со Украина, што најавува дека нема намера да поставува бази во рамки на бунтовничките територии. И, иако неодамнешната анкета на независниот центар „Левада“ од Москва покажа дека Русите со огромно мнозинство ја одобруваат анексијата на Крим, помалку од четвртина од испитаниците би поддржале тотална инвазија на Украина за се освојат Доњецк и Луганск.

Путин сака да го стави Кремљ во центарот на регионалната коалиција која не е предводена од САД, заради нападите на ИСИС. Тој смета дека ангажирањето во Сирија ќе придонесе за прекин на меѓународната изолација на Русија по анексијата на Крим и ќе му овозможи на Кремљ да се извлече од источна Украина со неповредена гордост. Накракто, Путин сака Русија да стане почитувана членка на светската заедница.

Извор: Newsweek 05.10.2015

ОкоБоли главаВицФото