Пристапница до ВМРО (репринт)

23.10.2015 14:09
Пристапница до ВМРО (репринт)

Како партијата ги филтрира своите кадри? Со пополнување пристапница. Ги објавуваме четириесетте прашања и одговори од пристапницата.

Би сакал да бидам член на ВМРО затоа што:

а) Македонија ја гледам како партија
б) имам кејф
в) онака

На размислување за членство во ВМРО ме наведе:

а) независноста на земјата
б) незаситноста на фамилијата
в) цртаниот филм со Пајо Паторот и двата мексикански папагали кои свират гитари и ја пеат песната Los tres caballeros

Македонија ја гледам како:

а) земја разделена на три дела
б) место каде што стоеле нозете на Господ кога фрлал земски дарови, та ништо не паднало овде
в) прапостојбина на амебите и Македоноидите

Моите скриени мотиви за да бидам член на ВМРО се:

а) имам одлична маркетиншка агенција, ама слаба реклама
б) другар ми е толку богат што не мора да го лиже поклопецот од еуро-кремот; сакам и јас така
в) да се уверам дека очите не ме мамат овие четири години; сакам сите сетила да уживаат

Како член би сакал да се активирам во:

а) јавно претпријатие
б) јавна куќа
в) јавен сервис

Сметам дека пастирот има:

а) визија
б) нулто ниво  на политичка имагинација
в) телевизија

Некои сметаат дека ВМРО е:

а) фамилија
б) воена организација
в) здружение на неспортски риболовци (оние што не го пуштаат уловеното)

На чело на ВМРО би сакал да го видам:

а) суштеството од Роузвел
б) Александар Македонски
в) Никола Груевски, доживотно

Кој не би можел да биде член на партијата:

а) Љубомир Фрчкоски
б) Алф
в) Џорџ Мајкл

Во партијата би сакал да се занимавам со:

а) трансцендентална медитација
б) агенција за спорт и млади
в) борба против хомосексуалци и други предавници

ЦК на ВМРО треба да го промени името:

а) колективно несвесно
б) Олимп
в) Балон на вампири

Логото на партијата треба да содржи:

а) антички мотиви
б) ликот на Паско Кузман на аверсот, а на Никола Груевски на реверсот (може и обратно)
в) ликот на Бога, т.е. на првиот Македоноид

На партиските конвенции треба да се истакне:

а) црешовото топче
б) камата, пиштолот и книгата
в) ножот во грбот

При влегувањето во ВМРО треба да се исполни:

а) Роршахов тест
б) ветувањето кон мама
в) вуду ритуал контра лицето Б. Ц.

Како го гледам типичниот член на ВМРО:

а) како низ магла
б) двојно
в) како припадник на виша раса

Љубчо Георгиевски за мене е:

а) вагина во душа
б) сува крпа на дно море
в) on.off. кукличе

За Бранко Црвенковски треба:

а) мачки да го цицаат и на глава да му мјаукаат
б) жаба да го помоча
в) да му се бапне помија у физиономија

Да го немаше ВМРО јас ќе бев:

а) конспиратор од пред гранап
б) десно сметало
в) комуњар

Партијата треба да се води од збиени мудрости од типот:

а) Ако не можеме да го промениме светот, да ја промениме биртијата!
б) Зошто кучето мавта со опашот? Оти е поумно од опашот. Да беше поумен опашот, тој ќе мавташе со кучето.
в) Зафатено, Македонци!

Добар слоган на ВМРО за идните избори би можел да биде:

а) Немаме демократија. Сакате нешто од скарата?
б) Ќе победиме, па макар сè изгубиле.
в) Кој не е со нас, ќе дојдеме по него.*

*трите афоризми се преземени од обновениот „Остен“

Потекнувам од:

а) некомунистичко семејство
б) од најстарата раса на светот
в) самата партија

За партијата можам да бидам:

а) лизгачки шкарт
б) доушник
в) спин доктор

Кој талент би сакале да го имате:

а) да можам да го воспеам пастирот
б) да бидам што поневидлив
в) да можам да ги скријам ниските побуди со високи начела

Ако треба, за партијата:

а) ќе му го дувнам у фаца кокаинот на Бранко Црвенковски
б) ќе се фрлам во Вардар, сосе пљачки, ако нареди штабот
в) ќе се мачкам со вазелин и ќе се посипувам со пепел

Она што најмногу ме импресионирало во досегашното дејствување на ВМРО:

а) клетвите на Ѓорге Иванов
б) „Скопје 2014“
в) Бранко Црвенковски

НОБ го разбирам како:

а) комуњарски светски заговор
б) југословенска измама
в) продолжение на Илинденското востание

Илинден го разбирам како:

а) народен бунт
б) бугарски дворски игри
в) измама на Македонците

Социјализмот беше:

а) одгледувалиште на социјалистичката буржоазија
б) почеток на македонската држава
в) дегенерација на македонизмот низ југословенството

Ми се случува да ми се причини:

а) Александар Македонски
б) македонски германски овчар
в) македонска шведска маса

Кога ВМРО би било драма од Горан Стефановски, би била:

а) Лет во место
б) Црна дупка
в) Тетовирани души

„Скопје 2014“ е:

а) градителски триумф на пастирот
б) потврда на нашиот антички идентитет
в) закопување на Скопје (според теркот:
„Љубчо го подигна крстот, а Грујо ја раскопа земјата“; се чека уште црквата)

ЕУ е:

а) „Вавилонска блудница“
б) традиционален распарчувач на Македонија
в) матна и неостварлива цел на предавниците и соросоидите

Особено ја ценам пословицата од Пандалф Вулкански:

а) Тивка урина брег урива.
б) Ура! Ураган нек ја сјебе оваа уравниловка! (па и ураниумот нек проработи, ако треба...)
в) Твртко, вртко, ртко, ко „О“ изгледаш!

Што, според вас, би била најголема политичка несреќа:

а) Ако Б. Ц. ги добие изборите
б) Ако го решиме проблемот со името со разумен компромис
в) Ако се национализира (т.е. заплени) имотот на фамилијата

Вашиот сон за среќа е:

а) 30-метарски споменик на Александар Велики
б) фрлање лопати (како и мавање со истите, особено врз главите на неверниците)
в) Ако се национализира (т.е. заплени) имотот на фамилијата

Вашата главна мана е:

а) Не се плашам да кажам што мислам. Се плашам да мислам
б) На пример, дека: ВМРО е уточиште за најтврдите комуњари
в) Под невмровска власт, несвесното (види под б) чудно ми станува свесно

Најмногу мразите:

а) кога доаѓам на македонската шведска маса - а сè е изедено
б) кога не ми даваат и јас да ја брцнам раката во теглата со мед
в) кога ми викаат дека мене редот ќе ми дојде во следниот мандат

Сметам дека според програмата ВМРО денес е:

а) народна партија
б) партија на природниот закон
в) партија надвор од законот

Како ја гледам партијата за 20 години:

а) под водство на доживотниот водач
б) како дух (што се привикува на маса, со баење)
в) како добро разработено претпријатие

Верувам дека со помош на политиката:

а) некои луѓе можеш да ги мавтосуваш постојано
б) мнозинството луѓе можеш да ги мавтосуваш одредено време
в) сите Македонци можеш да ги мавтосуваш неограничено

Која е моментната состојба на вашиот ум:

а) заебан е прашалников
б) важна е верноста кон пастирот, другото мање-више...
в) се надевам дека немам премногу погрешни одговори

Слики: Свирачиња

Извор: Окно, јули 2010

ОкоБоли главаВицФото