Божо Вреќо: Пеам севдалинки и рушам табуа

29.10.2015 13:03
Божо Вреќо: Пеам севдалинки и рушам табуа

Како дервиш сум, но и како жена која чека и знае дека нејзиниот маж никогаш нема да дојде

 

Кога првпат слушнав како пее Божо Вреќо, актуелната босанска севдах-сензација, првото нешто што ми падна на памет е Ентони Хегарти, њујоршкиот пејач, или можеби поточно е да се каже пејачка, кој на почетокот на овој век со својата женска меланхолија заробена во машко тело и божествен глас, прво ни го растрепери срцето, а потоа ни откри музички (поп) димензии надвор од вообичаените. Токму како и Хегарти, кој уште од самиот почеток се етаблираше како трансродов уметник, и Божо Вреќо за себе тврди дека истовремено е и маж и жена. „Многу го сакам неговиот албум Fall in Love With the Dead Boy со симфонискиот оркестар. Но, ми се чини дека Ентони не обрнува многу внимание на женската страна на својата личност, тој тоа повеќе го нагласува со своите гласовни можности, а кај мене тоа е визуелно понагласено. Но, благодарам на споредбата, ќе го сметам тоа за комплимент, тој е одличен уметник“ – рече Божо Вреќо во краткиот разговор, непосредно пред да се упати на своите два концерта во Шведска, во Малме и Гетеборг, а во моментот на своето гостување во загрепската Мочвара. На годинешниот InMusic, Вреќо остави добар впечаток настапувајќи со својот бенд Халка. Сега, во Мочвара доаѓа сам и изведува а капела верзија на севдалинките.

Веројатно беше само прашање на време кога нашминкан маж во фустан кој пее севдалинки (а и самиот ги создава) ќе излезе од својата уметничка опскурност и ќе стане сензација. Всушност, тој на сцената е многу кратко, нешто повеќе од две години, но многу интензивно твори и пее. За тоа време бендот Халка веќе објави два албума (во 2013 и 2014 година), а Божо Вреќо оваа година самостојно го објави албумот насловен како „Moj sevdah“. Но, она што во последниот период му донесе големо внимание од медиумите е неговото појавување на црвениот тепих на Сараевскиот филмски фестивал во долго жолто здолниште и скандалот околу тоа дали ќе глуми или не, во претставата „Коштана“, која според делото на класикот во српската книжевност, Борисав Станковиќ, ја режира Кокан Младеновиќ, поради што Вреќо се најде и на насловната страница на српскиот Newsweek. На нашето прашање дали понекогаш му пречи што го споредуваат со Кончита Вурст, минатогодишната победничка на Евровизија, Вреќо, во стил на една вистинска дива, објасни: „Имате погрешна информација, јас сега сум Коштана“. Иако, во еден момент изгледаше дека од најавената претстава за фаталната пејачка нема да биде ништо, Вреќо објасни: „Ќе има таква претстава и јас ќе ја играм улогата на Коштана, јас и таа отсекогаш сме едно, синоним за слобода и спонтаност. Ако се сетиме на праизведбите на тетарските претстави, сите женски улоги некогаш ги играле мажи, мажите први носеле здолништа, високи потпетици, се шминкале, играле стомачен танц... Од октомври почнуваат пробите и многу се радувам поради сето тоа“.

Обрнувањето внимание на трансродовите личности, токму како и признавањето на „флуидната сексуалност“, денес во светот е голема тема, почнувајќи од тоа дека трансвестити победуваат на Евровизија, до тоа дека во Белата куќа вработуваат трансродови личности. Се чини дека Вреќо си задал себеси голема задача – зацврстување на патот на таквите неконвенционални поединци во премногу конзервативната, патријархална – на моменти дури и насилна средина. Дали за тоа се одлучил свесно или со текот на времето на својата уметничка личност ѝ дал своевидно „продолжение“ и во приватниот живот? Неговиот одговор беше навистина фантастичен: „Таков сум роден. Така делувам. Тоа е единствениот и правилен начин: да бидете свои и да го следите своето срце.“

Иако има само 31 година, Вреќо наредната година ја објавува својата автобиографија, а она што го знаеме за него е дека со својата мајка и двете постари сестри израснал во Фоча, дека завршил на катедрата за археологија и дека неколку години откако дошол во Сараево почнал да пее севдалинки. Ме интересираше дали постои некоја песна или настан кои го упатиле на тоа да почне да се занимава со пеење на севдалинки. Напоменувајќи дека сето тоа подробно ќе го образложи во својата книга, рече дека тагата е она што го врзува човекот за севдалинката. А својот експресно брз успех го објаснува вака: „Пред сè, тука е мојот талент, мојот глас е секогаш на прво место, и она што ме одвојува и најдобро ме карактеризира. Сè друго е непознат фактор кој или го поседувате или не. Притоа, морате да бидете добар и чувствителен човек за да можете да ја доживеете севдалинката и на другите да им ја пренесете таа емоција. Луѓето ја сакаат мојата автентичност и искреност. И да, јас сум првиот кој после четириесет години пасивност во однос на творењето на севдалинки, пишува нови авторски песни и во тоа успева во потполност. И тоа е дар од Бога, како и гласот.

Мирисот на љубовта

Но, како канонот гледа на сето тоа? Вреќо сепак руши некои традиционални норми, пее машки и женски песни, има необична сценска појава... „Воопшто не обрнувам внимание на тоа. Достоевски еднаш многу убаво кажал, ако се свртувате на секој пес кој лае на вас, никогаш нема да дојдете до целта. Не се свртувам, одам само напред, концертите ми се распродаваат и знам дека ја правам вистинската работа.“ А како изгледа кога Божо Вреќо пее во живо? Тој тоа ни го опиша вака: „Мојот концерт е перформанс, а не обично пеење, тоа е застарено. Размислувам и околу сценографијата и околу пресоблекувањето, и за дуалноста, и за песните, и за емоциите и за танцувањето, и за тоа луѓето да го почувствуваат здивот на слободата на моите концерти, и да си заминат послободни од моментот кога дошле.“

Со брада и долга коса, со интензивна шминка, Божо Вреќо многу се разликува од своите некогашни, речиси дендиевски сценски ликови. Каква приказна ни раскажува овој маж со брада, а во здолниште, со долга коса и интензивно нашминкани очи? „По малку е дервиш, по малку жена која чека и знае дека нејзиниот маж нема да дојде, по малку е момче со брада кое морало да преземе огромно бреме на своите плеќи, сето тоа наеднаш“ – инспиративно реплицираше Вреќо кој на крајот, на нашето тривијално прашање, кој му е омилен парфем, нежно поентираше: „Мирисот на љубовта кога ќе се врати од пат и ќе ме прегрне.“

Извор: Globus