Како да се победи Големото Ништо

30.10.2015 13:16
Како да се победи Големото Ништо

Мислам дека енергијата на граѓанството што се разви оваа година во Македонија не е спласната, туку треба да влезе во фаза на згуснување. Протестите беа спонтани и автентични и избликнаа како потреба од групна терапија за ослободување на револтот и гневот предизвикани од неправдите. Така, сега, природно и од внатрешна нужност треба да се создадат нови структури во кои ќе се прелее и отелотвори таа енергија, за да се делува со конкретни потези и визија за нашата иднина. Се разбира, групи кои се засегнати од разни неправди и понатаму ќе продолжат да организираат протести, а со нив ќе се солидаризираат и други граѓани. Тој процес ќе продолжи, но главниот акцент на дејствување сега се става на формирање нови СТРУКТУРИ. Тие структури треба да бидат здравото ткиво на ова општество.

Во книгата „Бескрајна приказна“ од пистелот Михаил Енде, Големото Ништо ја уништува Фантазијата, светот на приказните, затоа што децата го напуштиле тој свет, не ја читаат таа жива книга која се храни од нивната фантазија. Така фантазијата згаснува. Едно такво слично Големо Ништо ја пустоши и Македонија, а тоа од една страна се случува заради безидејноста, малодушноста, летаргичноста, некреативноста, а, од друга страна, структурите кои се на власт ја девастираат и оставаат зад себе уште пострашен пустош.

Треба да се стави крај на нихилистичкото расположение и со позитивни мисли и идеи да се оди напред. Секој човек, ама баш секој, има причини (реални или нереални) да има негативни мисли. Па секаде во светот луѓето се борат за некои идеали, никаде не е совршено. Секој според своето место во овој свет треба да пружа отпор и да се бори за подобар живот, за повисок статус итн. Ние како да заборавивме на тој инстинкт да се бориме и тонеме во калта на меланхолијата. Како коњот (елан виталот) на јунакот од книгата, тонеме во мочуриштето на меланхолијата.
Но, постои скриен потенцијал кој ќе даде импулс да се започне обратен процес, процес на обновување на земјата, општеството и државата.

Многу е тешко. Голем процент од нашето население „не се занимава со политика“ и како да си живее во паралелна стварност. Па секој ден се чуди и се прашува „ зарем уште со оваа власт?“, како да паднал од Марс, и чека тие другите, „активистите“ или „странците“ да ја сменат неговата и наша состојба. Но да не бидеме наивни и да очекуваме дека сите наеднаш ќе станат активисти и политички активни граѓани, бидејќи ние немаме традиција на демократско општетво. Некои теоретичари ја развија тезата дека се потребни барем минимум педесет години за да се изгради демократска култура во едно општество. Така што и она што се случуваше оваа година, таа наша револуција, посебно во мај, е голем успех за нас, со оглед на нашето мало искуство во практикување демократија. И уште една работа која ја забележав и сега ќе ја изнесам, е фактот дека во тие протести, посебно во протестите во мај кои беа организрани од #ПРОТЕСТИРАМ секој ден во шест, можеби 20% или 30 % проценти беа истите луѓе, но останатите граѓани секој ден се менуваа. Ова го тврдам бидејќи имам добра визуелна (ако не друга) меморија. Јас на тие протести освен организаторите и она јадро на граѓани кои редовно протестираа, секој ден гледав нови лица, нови структури и нови амбиенти на протести. Тие протести навистина беа големо богатство, со огромна позитивна енргија. Таа енергија не е спласната. Бидејќи искуство е искуство, не може да се заборави. Само начинот на дејствување сега се менува, значи таа енергија се згуснува во структури.

Визијата која сега ја изложува СДСМ, со визијата на сите други опозициски партии, на ДОМ и на другите партии кои ја напуштија и ќе ја напуштат коалицијата, со визијата на новосоздадените партии како УНЕТИ, потоа на ФРОДЕМ, на сите други граѓански струи и прогресивни движења треба да интерферираат, да се здружат силите и идеите за подобро утре, да се испреплетат, да се обединат, да се корегираат едни со други и од едно згуснато ЈАДРО да дејствуваат као широк фронт. Пред сè со цел да се уништи Големото Ништо што ја јаде Македонија. Искрено, несебично да се дејствува во поставување на столбовите на правната драва, за што веќе нашироко се дебатира. Сега ОПОЗИЦИЈАТА (партии, граѓански сектор, струи и движења) не се бори за власт и моќ туку за обновување на општеството, заздравување на клетките и поставување темели во здраво ткиво. Само такво чисто, несебично мотивирано, благородно дејствување може да се спротивстави на Големото Ништо и да го победи.

Што со договорот од Пржино? Тој договор е провизорниот мост преку кој треба да преминеме на другата страна (правна држава, слобода и права за сите), бидејќи главниот мост (државата, институциите) е миниран. Тој мост-договор е конструкција, каква-таква да се премине на другата страна.

А суштинските промени се случуваат во ткивото, во структурите на општеството. Токму за тие промени (во менталитетот), ние треба да се избориме сега, секој во себе поединечно и здружено како колектив.