Бегства: Стефан Алијевиќ, Анета Попова, Емилија Гиноска

02.11.2015 19:01
Бегства: Стефан Алијевиќ, Анета Попова, Емилија Гиноска

Емилија Гиноска - Патување до Марс

 

Бојан и јас завршивме во истото средно училиште. Бевме пријатели, а според нашите мајки имавме и некаква далечна роднинска врска. Подоцна дознав дека се запишал на Економски факултет и се немавме видено сè до прославата на пет години од матура. Се поздравивме и веднаш ме праша како сум, што планирам после дипломирањето, сите вообичаени прашања кои ги добив од останатите присутни на забавата. На моето: „А ти, до каде си со школувањето?“, ми одговори: „Јас завршив и планирам да си заминам од земјава. Не можам повеќе да издржам. Ништо не бива тука, Светле. Ако не си разочаран од финансиска страна, тогаш ќе се разочараш од луѓето. Негативни, жолчни, зајадливи глупаци! Спикани со умот само во своите бедни животчиња. Не знаеш кој е поретардиран, старата или младата генерација. Не, ќе си одам... изгледа во Германија. Таму има работа, пари, позитивност. Луѓето не се мразат себеси и не се мразат меѓу себе, знаеш, како тука.“ Му посакав среќа и се поздравивме.

Повторно се видовме на прославата на десетгодишнината од матурата. Беше насмеан, во рацете вртеше скап мобилен телефон за кој веднаш се пофали дека таму го добил за „џабе“. „Даа, супер е во Германија. Знаеш, тие таму имаат сè, не се споредува со тука. Здравството, образованието, инфраструктурата им се лудница. Имаат и едни автомати за кафе, ставаш пари и ти излегува чаша со кафе или топол чај, знаеш, што ти се пие во моментот.“ Го погледнав збунето и му објаснив дека и кај нас одамна има такви автомати, како и во поголемиот дел од светот. Бојан се замисли: „Па, не знам баш, не сум видел на други места.“ После некое време излеговме надвор на цигара. Алкохолот и цигарите, помешани со свежиот воздух го направија меланхоличен и замислен. „Знаеш, - рече, пивнувајќи од вискито, - Германците во суштина се ладни луѓе и многу се американизирани. Телевизијата и филмовите се натсинхронизирани на нивниот јазик, ама се гледаат само холивудски филмови. Сите се изразуваат на англиски... немаат чувство на сопствена култура, се имаат изгубено.“ Запали една цигара и продолжи: „Почнав да излегувам со девојка од Кина, прекрасна е. Знаеш, Германците се фалат дека се економски силни, но сите знаеме дека Кина е главната економија денес. И не се со отуѓена народност и култура... еј, имаат култура и историја која оди илјадници и илјадници години наназад. Полни се со култура!.“ Додека зборувавме, пред нас се паркираше една скапа кола и Бојан се вжешти: „ Еве, за ова зборувам. Во Германија сите се опседнати со своите авомобили. Никој не оди никаде пешки или со велосипед. Во Пекинг 60% од населените возат велосипеди и сите вежбаат таи чи чуан. Не се потат како свињи во сали за фитнес како извештачените Европејци. Секое утро илјадници луѓе излегуваат на улиците и масовно вежбаат таи чи. Каде го има тоа освен во Кина? Свесни се за себе, Светле, а не се изгубени како овие во Европа.“ Бојан воздивна и потегна уште еднаш од цигарата.

За петнаесет години матура добив долго писмо од Бојан. Не можел да дојде зашто се преселил во Кина. Пишуваше дека е среќен, здрав и ослабен и дека конечно се чувствува исполнет. Времето го поминува во работа, шетање, учење на кинеското писмо и практикување на кинеската народна медицина за која тврдеше дека е супериорна во споредба со западната. „Кина е новата земја за живеење. Тука сум заедно со старото и модерното... Сепак малку сум разочаран од некои работи. Прво, Кинезите веќе не возат велосипеди, сите сакаат скапи автомобили. Исто така западните диети се многу модерни, тука најголемо злосторство е да имаш стомаче, хе хе. Администрацијата им е исто така многу чудна, имав некои проблеми со тоа... Еднаш толку ме изнервираа на шалтер, во фрустрација си заминав и дома буквално се расплакав од бес. Ме фати мала депресија и не сакав да излезам од станот цел месец..... Во врска сум со една девојка од тука, супер е, ама не сме сериозни. Не сака да се мажи и да има деца. Луѓето тука се малку чудни, знаеш, своеглави се и себични, немаат многу време за тебе како пријател. И не се многу поврзани со традицијата, сите сакаат да бидат некои други, а не свои... Не знам, тешко ми е. Толку време сакав да дојдам тука, си мислев дека ќе биде поинаку, ама се фаќам себе си како не спијам ноќе. Седам со часови и гледам низ прозорецот. Барам ѕвезди ама нема, не се гледаат... Слушнав дека некој сака да изгради хотел на Марс или на Месечината, не ми текнува... Поздрави ги и твоите. – Бојан.“

После пет години, на дваесетгодишнината од матурата добив разгледница од Бојан со слика од Марс.

Стефан Алијевиќ - Институција Пустина



Нуруден

Нуруден веќе немаше саламa да прави тостови. Ова е Нигерија. Не е Европа. Во Европа има сè. Тука веќе дури и го чуваат дивечот со пушки. Нема од што да се живее, или тоа е некоја негова фикција, имагинарна проекција. Да почне да става човечко месо во неговите тостови? Кога би го откриле, тогаш неговата сендвичара ќе се прослави по весниците. Сите ќе зборуваат за него, па ќе го затворат како дивеч, а потоа мирно сè ќе стивне во заборавот – како никогаш да не постоел, како да го проголтала пустината.

Сите зборуваат дека спасот е во Европа. Сите одат натаму. Не е сигурен колку е тоа измама. Не е сигурен каква е таа принуденост, а понекогаш и очекување. Но, што може да биде полошо од овој живот? Да ги напушти границите на Нигерија, да појде низ Нигер, па преку Либија и Египет или до Мароко, да го помине Средоземјето и да стапне на европското тло.

Нуруден е црн како вулканска лава којашто секој миг треба да имплодира, да прсне. Крвта му баботи под врелината на секој изминат ден. Така беше и оној ден кога во својата полуискината торба ги спакува најбитните нешта; ги стави своите партали, Куранот, некои парчиња семеен накит, парите од куќата што ја продаде преевтино, чорапи, гаќи, големо шише за вода, сушено овошје и козјо млеко. Го напушти Бенин; не сакаше да појде во Лагос; ја напушти цела врева во Нигерија, сите улици преполнети со автомобили, сиот песок и сиот прав.

Денови или месеци подоцна – времето беше протечно, не се бележеше – стоеше пред Сахара. Ја напушти земјата, го напушти хаосот – далеку од целиот тој метеж, далеку од целата таа врева неисцрпниот пасаж на бесконечни дини стоеше пред него.

Се најде себеси како патува со група луѓе кои доаѓаа од секаде; доаѓаа од различни градови, села, а некои беа и од други држави. Во првите денови се чувствуваше осамено; се чувствуваше осамено во нивното друштво, и пружаше отпор кон тоа да се социјализира. Се присетуваше на неговиот дотогашен живот и беше неспособен да замисли како ќе изгледа неговиот живот неколку години од сега.

Далеку од вревата на Лагос стоеше пред пустината. Крвта му баботеше во телото и како секој миг да ќе се распрснеше на парчиња месо – храна за мршојади. Дамарите му биеја пред глетката на дините кои се ширеа и се мултиплицираа во бесконечност. Во Пустината немаше север, немаше југ, немаше Запад, немаше Исток. Пустината, како и небото, не ги познаваше овие дистинкции коишто ги проектираше човековото око во физичката реалност. Географските одредници тука немаа референтни точки. Часовникот којшто чукаше на ѕидот беше нерелевантен.

Времето течеше само во умот, часовникот беше внатрешен. Човековото срце и пулс и нивното мигновно биење - удари на гонг.

*

Мали ја замислуваше целата сцена читајќи една статија којашто ја виде на Фејсбук. Читаше и се давеше во слатките сокови на дињата што ја јадеше стуткан во својата прежешка мала соба. Скопје се топеше на плус четириесет и пет.

Главниот натпис гласеше: „Мошти од 48 африкански емигранти кои сакале да стигнат до Европа се пронајдени во Сахара“

Каде се пронајдени? Зар дините на бескрајната пустина не ги проголтале засекогаш? Зар вртлогот на времето не можел поинаку да ја заврши својата работа?

Како нивниот срам сега да се обелоденува. Сиот свет се ужаснува над оваа сторија, а потоа светот „скрола“ нагоре по „newsfeed“. Некој ќе избере опција „hide“ зашто оваа приказна е премногу нелагодна. Некој ќе си ги подрапа јајцата.

Мали тоне во соковите на својата дуња во прежешката соба во која седи ова летно приквечерие.

*

Нуруден е жеден. Се чувствува толку осамено во овие бескрајни координати на пустината. Дома е сега далеку. Овие странци кои патуваат со него, сега му се некој вид семејство, но се плаши да ги пушти своите испитувачки очи кон нив оти во нив ќе го препознае сопствениот поглед, на нелагодното, на измореноста од животот, на бајата детерминираност, или желба и верба оти сепак таму некаде ќе биде подобро. Како одење на аџилак, како отфрлање на сите искушенија, да се помине песочната бескрајност е потфат.

Колку се нашите сили? – размислуваат сите тие.

Што ако не најдеме вода или оаза премногу долго време по нашиот пат, па да страдаме од екстремна жед? Веќе сме жедни... Што ако ги изгубиме камилите? Тие ни помагаат. Што ако умре најстариот меѓу нас, а тој најдобро умее да го чита ѕвезденото небо?

Навечер е студено, но тоа студенило му помага на Нуруден да го олади своето тело, да ја смири лавата што врие во неговите крвни садови, да ги смири сите крвни зрнца кои јурат, кои сакаат да ја пробијат неговата крута кожа испечена од сонцето.

Денес е жеден, но сака да јаде нешто вкусно. Сака да јаде некоја вкусна и сочна диња, да ги зарие забите во неа и да ја глода до корката; сака соковите и семките од дињата да му течат по брадата и по градите, и да се смее во сласта на тоа овошје. Нема диња во пустината. Тука нема многу нешта. Тука не се битни границите на земјите оти самиот чин да се обележат е невозможен. Границите се фиктивни констелации, тие постојат на мапите за континентот. Копнеж по систем, за тоа светот да биде уреден; копнеж секој човек да има своја лична карта, идентитет, фејсбук, личен мејл, жена, деца, фамилија.... тие копнежи се смешна помисла во пустината. Копнежи на она што е референт цивилизација.

Овде, среде бунилото на пустината, каде врелиот ветер го тушира со врел песок, каде стапките од неговите стапала се деформираат миговно, каде камилата е жедна за млеко, а кактусот осамен портрет, тука останува само копнежот по храна, по вода. Една вкусна диња која ќе го освежи, чии семки ќе ропкаат меѓу неговите заби, ќе ја изеде и корката.

Млечниот пат е совршен навечер. Цела галаксија над нив. Во душата на ноќта кога тие изморено спијат во импровизираните шатори, кои се прибираат или се монтираат за пет минути, дури некој хрчи, плаче, се моли на Бога, се тресе од болест или мастурбира, тој најчесто го погледнува ѕвезденото небо. Тогаш, светот изгледа мигновно романтичен, но потоа тоа чувство исчезнува. Тегобата во неговата утроба се отвора и го повлекува во етер на тешки мисли и грижи, во бунило од кое е толку тешко да се излезе, кое често не му дава мирен сон и спокој и покрај преморот од долгиот пат, од долгото патување... таа диња...

Се прашуваме; кој им ја посадил оваа идеја на мигрантите? Што било толку страшно и вознемирувачко за да се впуштат во патување и талкање низ пустината, за да го напуштат овој континент, за да најдат подобар живот, за да стигнат првин до Мароко или Египет, па оттаму ќе се снајдат. Мали ја грицка корката од дињата.

Неговата соба е хаос. Садовите не се измиени цела седмица. Од кесата што виси покрај водникот тече сок од ѓубре и го валка кујнскиот под. Собата треба да се џогира. Креветот е затрупан со нездиплени алишта кои се мешаат со испотени маички. Нема чист работен простор на бирото затрупано со дребулии, со книги, со клучеви и кабли; прозорите се замачкани и нечисти, мириса на земја. На прагот има еден куп песок.

Во кујнскиот хаос, под светлото што паѓа од аспираторот, Мали мачка парче леб со маргарин и гризе еден црвен сочен домат над мијалникот. Сокот од доматот му паѓа по брадата, по градите, а некоја капка одекнува во мијалникот. Мрзлив е. Ништо нема да исчисти ниту денес.

Наутро гледа една голема диња која стои пред него во песокта. Запира и ја крева. Токму во моментот кога сака да ја касне, да ја прегризе корката, таа се претвара во песок и паѓа врз неговите стапала како облак од прав. Се буди со солзи во очите и песок во устата. Камилите завиваат. Врева е. Надоаѓа силен ветар. Звукот на ветарот ги буди сите. За минута тие се опколени во песок. Песокот му ги полни очите, му ја полни устата, оди во ноздрите, и ушите, и веќе ниту ги слуша камилите како завиваат, ниту луѓето како се будат и вреват; не го слуша, не го гледа, не го допира, не го дише светот. Пустината ги голта сите.

Една камила истрча напред побрза од песочната бура.

Мали го зеде џогерот во раце и почна да го чисти својот праг.

Анета Попова - Бегство

1.

Кога бев дете, бев опседната со идејата да станам невидлива кога тоа ќе го посакам. Таа магична цел мислев дека можам да ја постигнам ако конструирам засолниште од обичен картон, кое би имало облик на кабаница, и со чие навлекување преку глава веднаш ќе му побегнам на светот. Во меѓувреме знаев да се пикнам под креветот или да се затворам помеѓу двете врати на влезот од станот. Понекогаш заспивав во плакарот длабоко во здиплените јоргани. Ах, тие далечни места! Најчесто бев тигар кој претрчува од џунгла во пустина и обратно, а доколку сакав да бидам човек се претворав во Абориџин качен на врвот од некое голо дрво. Во моментов слушам како се товарат бродовите кои за некој момент ќе отпловат кон Новиот свет. Време е.

2.

Еден од поважните заклучоци деновиве, ми е тој дека гавраните го доживуваат врвот на својата слобода за време на летото. Скриени длабоко во сенката на лиснатите крошни, нивното присуство може само да се насети. Единствено што од долу еден обичен човек може да дофати, се повремените прелетувања по храна и дневно разгибување. Од претпазливост обично погледнувам нагоре, зошто знам дека од нивна перспектива лесно се пробива темето. Така го поминуваат слободното време, ја извлекуваат мислата што во тој момент ни го прелетува умот. Лесен плен. Среќа лисјата почнаа да паѓаат, па зимата ќе ги разголи заедно со гранките. Сега убаво ја чувствувам нивната загриженост.

3.

Веќе неколку дена седам спроти Олимп. Соочени во мачна неизвесност, тишината меѓу нас ја нарушуваат само боговите. Шепотат сите одеднаш како да се надвикуваат. Не можам да ги видам, тоа најмногу ме плаши, но сепак решив да не си одам. Побегнав на југ иако цело време мислев на север. Боговите сигурно знаат зошто, но толку неразбирлив е нивниот јазик.


4.

Кога бегам од дома, тогаш токму таму стигнувам.

 

Слики: Paco Pomet

Слични содржини

Книжевност
Пандалф Вулкански
Книжевност
Книжевност
Книжевност
Книжевност
Книжевност
Книжевност

ОкоБоли главаВицФото