Пинокио стана доктор на науки... или: Пуштете ги децата да лажат

03.11.2015 11:49
Пинокио стана доктор на науки... или: Пуштете ги децата да лажат

Првото нешто кое некои деца ќе го научат – освен оние, „леле, колку е сладок“, пцовките кои подоцна се шират како зараза, па детето треба да ги кажува и каде што не треба – е да излажат дека мама и тато не се дома. Или дека не можат да се јават на телефон. Зависи од семејството кога ќе се случи тоа, иако секој нормален родител се труди да го научи детето дека „не е убаво да лаже“, особено да не ги лаже родителите. За останатите... Тоа е променлива категорија.

Сепак, една стара студија од 1989 година ни ги отвори очите дека децата почнуваат да лажат уште од втората година, што дава сосема поинаква слика кој ги научил така. Сепак, постојат оние слаби лажливци, кои не знаат да ви кажат нешто без телесна реакција, грижа на совеста или некое вознемирување. Има и онакви мангупи кои не трепнуваат. Но, кога и зошто стануваат добри во смислувањето лаги? Според новата студија на Журналот за експериментална психологија, некои осумгодишници ги имаат сите потребни вештини за да ги прикријат трагите на лагите, а оние подобрите лажливци имаат посилна работна меморија, особено вербална – способност да разберат повеќе информации за зборовите и јазикот одеднаш во однос на своите врсници.

За студијата, 114 шестгодишници и седумгодишници морале да одиграат една игра, да одговорат на три прашања. Ако ги погоделе сите три, добивале награда. Првите две биле лесни: каков звук испушта кучето? И каква боја се бананите? Третото барало да погодуваат бидејќи прашањето гласело како се вика момчето од цртаниот филм Вселенско момче? Сите прашања биле напишани на картичка пред децата, со четири понудени одговори за секое. Точните одговори се наоѓале на задниот дел од картичките, како и една фотографија која немала никаква врска со одговорите, и секогаш кога ќе одговореле на прашањето, испитаникот ја завртувал картичката и го покажувал точниот одговор. Кај третото прашање, испитаникот веднаш излегувал по поставувањето на прашањето и на секое дете му соопштувал дека не смее да ѕирка. Се разбира, имало поставени камери.

Резултатите биле вчудоневидувачки. Повеќето навистина послушале и не ѕиркале! Само една четвртина го погледнале одговорот, а сите мали измамници го заокружувале одговорот дури кога испитаникот ќе се врател во собата. (За оние кои се прашуваат, името на момчето од цртаниот филм било Џим.) Оние кои дале точен одговор биле подложени на нови „заплеткани“ прашања. Ги прашувале дали можат да ја погодат бојата на напишаното или што има на сликата. Ако се преправале дека не знаат, или намерно погрешно погодувале, биле класификувани како добри лажговци. Но, малку повеќе од половината споменати мали лажливци се откривале така што точно „погодувале“ дека на позадината од картичката се наоѓа и слика со мајмун, нешто што никако не би можеле да знаат без да погледнат.

Заради споредба, втората група деца го поминала истиот тест, но им било дозволено да „ѕиркаат“ под картичките. На тој начин била мерена и вербалната и аудио визуелната работна меморија на секое дете, односно, можноста за складирање повеќе слики истовремено.

Пред оваа работна задача, истите деца правеле тестови за работна вербална меморија. Како што се покажало, оние со подобро изразување и подобар речник биле и подобри лажговци, што има смисла – мозокот кој може добро да се справува со јазикот веројатно многу добро манипулира со јазикот кога му е потребно, во корист на лагите. Наспроти тоа, немало разлика помеѓу добрите и лошите лажговци во визуелно просторната работна меморија, тука резултатите биле сосема изедначени. Можеби тоа е затоа што лажењето не бара следење визуелни слики, веруваат истражувачите ангажирани на оваа студија.

Сепак, тоа што некој има многу добра вербална работна меморија не значи дека задолжително почесто ќе лаже, напротив, покажала студијата, приказната е еднонасочна.

Ако сте родител на дете со бујна фантазија, кое многу добро знае да лаже, треба да знаете дека неговите вербални способности се посилни отколку кај врсниците. Тоа не е неминовно лош знак. Тие деца мораат да имаат многу добри вештини за да се држат до една приказна и да ја запаметат. Лагата може да биде сигнал дека пред себе имате исклучително способен мал ум. Интересно е дека добрите лажливци лажеле за две нешта: и за одговорот и за фотографијата, а лошите биле фатени на едно од овие.

„Потребен е ментален труд за да запаметите сè за она што сте направиле, за тоа што го знае истражувачот и дека го планирате начинот за да не бидете фатени“, вели авторката на студијата Трејси Аловеј. Разликите се огромни и во однесувањето на малите измамници, и добрите и лошите. „Гледајќи го видеото од тестирањето, можевме да направиме јасна разлика за нивните одговори врз основа на нивните работни вештини за паметење. Оние со лоша работна меморија се вознемирувале при одговорот, додека оние со добра работна меморија дури понудиле објаснување за тоа како го знаат точниот одговор за цртаниот филм. Некои велеле дека тоа е нивниот омилен цртан филм: го гледам секоја сабота, па затоа го знам одговорот, а други велеле: еден од членовите на моето семејство се вика Џим, па помислив дека тоа би можело да е точниот одговор.“

Кога имате мал манипулатор во домот, веројатно помислувате во што ќе израсне. Но, експертите велат дека тоа воопшто не мора да биде лош знак, ниту катастрофа што токму вашето дете е лажго. Тоа е природен начин за тестирање на границите и развојот на мисловните вештини, и многу деца го прават тоа – па, всушност, дури и возрасните. „Знаеме дека возрасните лажат во приближно една петтина од нивната социјална интеракција во траење од најмалку десет или повеќе минути“, вели авторот на студијата, психолог од Универзитетот Шефилд, Елена Хоичка. „Затоа е интересно да се знае зошто некои деца се способни да изговараат многу повеќе измислици отколку другите. Сега го поместуваме истражувањето на следниот чекор: да дознаеме повеќе како децата учат да лажат на почетокот.“

Истражувањето трае и вклучени се дури и бебиња.

Водечкиот американски автор, др. Трејси Аловеј од Универзитетот Северна Каролина вели дека студијата иницирала многу нешта.

„Таа покажува дека мисловните процеси, осоебно вербалната работна меморија, е многу важна за сложените социјални интеракции како што е лажењето, бидејќи на децата им е потребно да усогласат повеќе делови од информации, задржувајќи ја перспективата на истражувачкиот ум.

За оние кои се прашуваат за моралноста на студијата: можеби лажењето во одредни прилики стана мошне „нормално“, и понатаму ниско котира морално, но е и знак колку некој се развива вербално.

„Родителите не се многу горди кога нивните деца лажат, но барем можат да бидат задоволни од сознанието дека кога нивните деца лажат добро, тоа значи дека стануваат подобри во поглед на размислувањето и добрите мемориски способности“, вели Хоичка. Тоа значи не само дека се добри вербално туку дека стануваат поумни и поостроумни.

Се разбира, секој родител ќе му каже на детето дека не е добро да се лаже, ќе го насочува кон искреност, за да стане добар човек, но, секогаш кога ќе слушне нова лага од најмладиот, тајно ќе помисли: „Добро, тоа барем значи дека е умен.“

Извор: Newsweek, 8.10.2015

 

ОкоБоли главаВицФото