Паркот на чудовиштата

05.11.2015 18:05
Паркот на чудовиштата

Марија Сави-Лопес во култната книга од 1920 година, Leggende del mare, раскажува мошне необична приказна за Паркот на Чудовиштата кој некогаш се наоѓал во Александрија.

Паркот на Чудовиштата бил еден вид Дизниленд изграден на плажите на Александрија, во Египет. Од него денес останале само урнатини. Паркот се состоел од цела серија огромни статуи на морски чудовишта, толку застрашувачки што луѓето се плашеле и да ги опишуваат. Чудовиштата била поставени долж брегот за да го заштитат градот.

Еве како оди приказната. Кога Александар Велики почнал да ја гради Александрија, едно крдо морски чудовишта секоја ноќ почнувало да се појавува од морето и да ги руши штотуку поставените темели. Кралот тогаш наредил да се направи стаклен кафез, во него да се стави еден уметник, и целата направа да се спушти во длабочината на морето каде што уметникот би можел да ги нацрта непоимливите чудовишта. Кралот после тоа наредил на брегот да се издигнат џиновски статуи, засновани врз цртежите на уметникот, и да бидат свртени кон морето. Кога страшните морски суштества повторно излегле на плажата и ги виделе своите двојници, тие замавтале со пераите и засекогаш исчезнале.

Луциднава и живописна приказна на Марија Сави-Лопес делумно се потпира на многу обработуваниот антички мит за Медузата од која гледачот се заледува штом ќе ја погледне. Затоа Персеј го гледал чудовиштето само во одразот на сопствениот штит и така успеал да го совлада. Оваа комплексна (па и психоаналитичарска) приказна тешко може да се сведе на едноставни поенти, но сепак ќе ја вулгаризирам: дали идејата на Александар може да се примени и за справување со страшните чудовишта на СК014? И како, кога чудовиштата веќе се меѓу нас?! Дали нивното дополнително удвојување, реплицирање, може да го реши проблемот?! Та, нели тие се веќе сеништа, фасади?! Како да се направат реплики на реплики, фасади на фасади?! Со цел да куртулиме од грдото во комбинација со нестварното...

Друга приказна, анегдота всушност, вели дека за време на Втората светска војна еден висок германски офицер го посетил атељето на Пикасо во Париз. Кога офицерот на ѕидот ја видел „Герника“ и, шокиран од модернистичкиот „хаос“ на сликата, го запрашал Пикасо: Ова вие го направивте?, Пикасо студено му одговорил: Не, тоа вие го направивте!

Можеби заради тој одговор на Пикасо и заради сличната тактика на Александар, стратегијата на справувачите со архитектонските, урбанистичките и културните морбидности на груевизмот, треба да биде слична? Можеби СК014 токму треба да се заштити и конзервира, како најсликовит документ за злоделата?! (Се разбира, не обврзно на истиот простор, кој сепак ќе треба да служи за живот, а не како музеј...) Можеби кај СК014 треба да го формализираме токму суштинското: тој проект е тематски (етно?!) парк изграден од еден психопат и клептократ со бескрајно лош вкус... Можеби, значи, СК014 ќе треба да го прогласиме за заштитен тематски парк на злосторствата на груевизмот?!

Впрочем, такви забавни паркови веќе постојат. Тематски комунистички паркови никнаа во некои источноевропски земји. „Грутас паркот“, на пример, е сместен во шума крај истоименото село во Литванија. Во тој парк се префрлени соцреалистичките споменици од времето на комунизмот. Тој тип на понуда се нарекува и црн туризам (dark tourism).

На славнава слика, пак, на Себастионо Ричи, Персеј се бори со Финеј со помош на отсечената глава на Медузата!

Слика: Sebastiano Ricci - Персеј се бори со Финеј со главата на Медуза; околу 1705-10. 

ОкоБоли главаВицФото