Лана Дел Реј

06.11.2015 06:45
Лана Дел Реј

ѝ префрлуваат дека е исконструирана фигура, евтина провокаторка и бласфемичарка. А таа пее копнежливо и во своите песни ги цитира Набоков, Витман и во новиот, неодамна објавен албум, Honeymoon, Т.С. Елиот.

Пејачката Лана Дел Реј на себе има најмалку шест тетоважи од кои интересни се најмалку две: на дестаната подлактица стои истетовирано Whitman Nabokov, а на нејзиното лево рамo Nina and Billie. Од проширеното издание на првиот албум Born to Die (2012), лесно е да се пронајде песната Lolita, додека од мини албумот Paradise (исто така од 2012 година), песната Body Electric е очигледна посвета на Волт Витман. Не е познато дали во меѓувреме некаде го истетовирала името на петот Т.С. Елиот, но на најновиот одличен албум Honeymoon, ефектно искористи дел од неговата збирка Четири квартети.

Сосема е сигурно дека Лана Дел Реј е уникатна појава на денешната популарна музичка сцена. Кога некој ќе ја праша, а тоа не се случува многу често, таа со радост зборува за нејзиниот омилен поет Ален Гинсберг, или за своите пејачки идоли, Нина Симон и Били Холидеј. Но, за многумина е вистинско изненадување, иако воопшто не би требало да биде така, дека Лана Дел Реј, всушност, Елизабет Волриџ Грант, родена во 1985 година, пред сè себеси се замислувала како поетеса. Прашањето за литературата, кое во овој случај е клучно, често се одбегнува во големата мастодонтска расправа која се водеше за ликот и делото на Лана Дел Реј, со цел да ја компримитира на сите можни начини.
Ретро пастиш

Навистина е интересно тоа што на Лана Дел Реј ѝ успеа да изиритира и да излуди мноштво различни светови, не само познатите рок критичари и конзервативците од сите фели, туку и феминистки, активисти и активистки, џезери, шансониери и сите други исправни играчи. За сите нив Лана Дел Реј е исконструирана фигура, евтина провокаторка или просто, бласфемичарка, додека на другата страна стои милионската армија од посветени фанови. Лана Дел Реј се сака страсно или потајно се мрази. И во тој поредок, често нештата илегуваат од колосек: денес е нејасно како можеше да се случи Лана Дел Реј да стане жртва на новинарскиот мобинг на угледни весници како што е Guardian.


Уште поинтересно е прашањето, зошто по првиот албум Born to Die (2012), јавноста се сврте против оваа музичарка, сакајќи да ѝ го оспори или барем да ѝ одземе дел од уметничкиот кредибилитет. Можеби одговорот е едноставен: токму тој албум, му се допаѓало ли тоа некому или не, донесе нов и оригинален звук, кој го препозна публиката, а не критиката. Уште поинтересно е тоа дека новиот стил и звук настанаа со интригантната интерпретација на старите и нималку лесни жанрови, како што е барокниот поп, вокалниот џез, шансоните и трип-хоп музиката.

Критичарите беа бесмислено строги кон тој инзвонреден албум, на кој има дури седум песни, и кој е продаден во речиси девет милиони примероци. Во потрага по дребни маани, критичарите останаа слепи пред величествената фантазмагорично – кинематографска носталгична фасцинација од популарната култура: Холивуд, Елвис, Мерлин Монро, џезот, шансоната, Дејвид Линч, педесетите, шеесетите...Сето она што е погрешно протолкувано како ретро пастиш. Но, смислата на Born to Die не беше да го опее минатото, туку нималку пријатната денешница, светот на моторџиите, „спонзорките“, проститутките, наркоманите, криминалците.


Born to Die наликува на саундтрак за некој нов гламурозен неоноар, преполн со секакви настраности. Но, во суштина, Лана Дел Реј ги испреплетка световите, и тоа не го направи случајно. Самата себеси се прогласи за гангста Ненси Синатра, што на хартија звучи како тежок оксиморон, но во музиката се извитопери во нов тип балада која ги опишува емоциите на проблематичните, но бескомпромисни хероини, кои измачени од наркотици, промискуитет и насилство, не се склони на самосожалување, на покајување за своите гревови, или барем на ветување дека нема да ги повторат старите грешки...Напротив, тие ветуваат дека ќе продолжат по старо до крајот. Лана Дел Реј, која допатува од светот на литературата, на своите женски ликови им даде легитимитет кој вознемири многумина, нешто што секогаш се случува кога станува збор за нешто ново. Но, од кога е идејата дека рок музиката треба да се занимава со политички коректен материјал, веганство, заштита на животните или билките?


Емоционалната безнадежност на опасниот половичен свет, далеку од човечноста и убавите манири, но автентичен во бизарностите, насилството, автодеструкцијата и пред сè, сексуалноста.По Мадона, Лана Дел Реј е првата вистинска, дрска и автентична сексуална провокаторка, која на тоа поле како да отвори нов и навистина креативен тренд. Моторџии, секс, наркотици, сето тоа искусено на своја кожа,секако, и вешто експлоатирано. Така Лана Дел Реј преку ноќ стана планетарна ѕвезда.

Албумот Ultraviolence (2014) беше компромис. На сомничавото мноштво, Лана Дел Реј му испорача албум кој Ден Ауербах од Black Keys го спакува во конвенционалната обвивка од блуз рок, сурф и психоделија, нарекувајќи го нарко свинг, што звучеше многу добро и покажа дека матрицата на Лана е способна да апсорбира мноштво, навидум контрадикторни жанрови. Но, новиот албум Honeymoon е доказ за невидената тврдоглавост. По успешниот експеримент со Ultraviolence, со кој како да сакаше да покаже дека може да вози во друга насока – последниот албум е враќање на почетокот со уште помоќен авторски материјал, совршено усогласен со медитативната оркестрација.


Моќен вокал

Би требало да се потсетиме на албумот на Џули Круз, Floating in the night (1989), за да сфатиме колку е тешко да се работи на овој тип на музика. Музиката за тој албум ја напиша Анџело Бадаламенти, а стиховите се на Дејвид Линч, но, во споредба со Honeymoon, станува збор за послаб албум што бледнее. Џули Круз е одлична пејачка, но таму каде што таа е плашлива, артифициелната и по малку бескрвна Лана Дел Реј, е гласно недвосмислена и емоционално и музички убедлива. Својата балада таа вешто ја испреплетува околу духовите на Френк Синатра, Ли Хазелвуд, Atony and the Johnsons, Cocteau Twins, и тешко дека нешто ќе за ѝ застане на патот до статусот музичка дива.

Таа им ја одзема мелодрамата на медиокритетите и ги модернизира старите жанрови, дури успеа и одлично да ја цитира Space Oddity на Дејвид Боуви. Таа денес е исклучителна пејачка, сјајна интерпретаторка со моќен вокал. Не мора да ве интересира, но Honeymoon на Лана Дел Реј е автентичен и оригинален глас на нашата епоха.


Извор: Globus