Спушти го апаратот

06.11.2015 11:44
Спушти го апаратот

Ова лето се разгоре борбата против селфи фотографиите.

Таканаречените narcisticks беа забранети во римскиот Колосеум, во Версај и во Сиднејската опера, известува Тајмс. Во Русија можете да бидете уапсени заради снимање селфи, а властите предупредуваат на опасноста од фотографирање на погрешни места, на пример, пред возови во движење, бидејќи неколку луѓе погинале на тој начин.

Истражувањата покажуваат дека луѓето кои прават бројни селфи фотографии често имаат нарцистичка, психопатска и макијавелистичка личност. Исто така, негуваат потреба за задоволување и бараат социјално одобрување на интернет.

„Често се заборава дека нарцисоидните луѓе не се само егоманијаци, туку и дека ги движи прикриена несигурност“, вели Џес Фокс, асистент на Државниот универзитет Охајо. „Тие сакаат ‘лајкови’, сакаат да им се признае вредноста.“

Можеби исто толку лоши се и родителите кои се чувствуваат обврзани да го снимат секој момент со своето семејство. Брус Фејлер во неодамнешната статија за Тајмс вели дека се претворал во таков татко.

Фејлер доцна почнал да снима со видео камера, а дотогаш ги фотографирал и одгледувал децата со разни забавни активности.

„Добро беше тоа што децата сами сакаа да снимаат. Ги прицврстуваа камерите на шлемовите за кајакарство, се перчеа на часовите за одење по јаже и возбудено снимаа краток филм за своите роднини на крајот од летото“, напиша Фејлер. „Лошо е тоа што имаме толку снимени филмови што никој нема да ги гледа никогаш.“

Најпосле, Фејлер сфатил дека опседнатоста со камерата го уништува неговиот семеен живот.

Пен Холдернес, некогашен телевизиски известувач од Северна Каролина, сфатил нешто слично. Кога го снимил своето семејство како облечени во божиќна облека танцуваат во куќата, снимката стигнала во националните вести и имала повеќе од шеснаесет милиони прегледи.

Свесен е за лошите страни од тоа. „Ме плаши можноста да се претворам во татко кој зборува: ‘Ох, па тоа е прекрасно, каде ми е камерата?’ наместо да го употребам мозокот и да уживам во моментот.“

Линда Хенкел, баба која сака да фотографира, сакала да дознае како фотографиите влијаат на нашето паметење.

За време на пишувањето на студијата објавена минатата година, Линда, когнитивен психолог, ги испратила студентите во уметнички музеј и им рекла да погледнат некои предмети, а некои да ги фотографираат. Се покажало дека подобро го запаметиле она што го гледале, отколку она што го фотографирале.

„Кога испитаникот ќе направи фотографија, должноста за паметење како да ја пренесува на неа“, рече за Тајмс. „Смета дека апаратот ќе памети место него“.

Гледајќи ги туѓите спомени на социјалните мрежи често се чувствуваме лошо и нашиот страв дека сме пропуштиле нешто се зголемува. Оваа состојба се влошува кога ќе се здружат разни познати личности, а постојаните летни забави кои некои славни луѓе ги ставаат на интернет како да се внимателно осмислени за да нè направат љубоморни.

„Не само што не сум на ова прекрасно патување во Кан, туку не сум ни на оваа јахта во Кан со Жижи и Бел Хадид и Хејли Болдвин“, вели 25 годишната Емили Тес Кац, уредничка во Хафингтон пост. „И против својата волја се залажувам дека сите ќе се радуваат што сум таму.“

Студијата објавена на почетокот од оваа година покажува дека гледањето туѓи постови само ја поттикнува зависта и го расипува расположението.

Итан Крос, 35 годишен соработник на таа студија и професор на Универзитетот во Мичиген, рече за Тајмс: „Сите сме склони да ја дотераме својата слика на интернет. Постојаното набљудување убави моменти во туѓите животи не придонесува за емоционална благосостојба.“

Извор: The New York Times, International Report, Број 1, 10.2015

ОкоБоли главаВицФото