За некого 7, за некого 8, а за некого 14: секој број е прашање на лична перцепција

06.11.2015 13:42
За некого 7, за некого 8, а за некого 14: секој број е прашање на лична перцепција

Реакција на Друштвото на македонски релативизатори по повод проширувањето на тимот на јавниот обвинител Катица Јанева


Почитувани,

Сакаме прво да искажеме благодарност до Советот на јавни обвинители дека сепак успеа да ја поддржи и поттикне мисијата на нашата организација, а тоа е дека сè е прашање на лична перцепција и дека за некого некои барања претставуваат едно, за некој друго, и дека не секоја бројка има исто значење за секој поединец поединечно. И во таа прилика сакаме да истакнеме дека првичното барање на ЈО Катица Јанева да ѝ се одобри тим од 14 обвинители е прашање на перцепција на самиот обвинител, дека првично избраните седум обвинители за некого се седум, за некого осум, а за некого шест, но сепак не се 14, со што на новото барање на Јанева да се дополни списокот со уште 7, советот на обвинители тоа го перцепираше како број од 5, со што додаде нови 5 обвинители и сега тимот на Јанева се состои од 12 обвинители што е различно од побараните 14 и првоодобрените 7.

Сакаме да истакнеме како друштво на релативизатори дека прашањето на лична перцепција го одредува конечниот број на обвинители кои за некои во случајот беа 7, за некои 12 а пак за некои 14, што не значи дека и толку се.

Друштвото на македонски релативизатори сака да се заблагодри на тимот на јавни обвинители за поддршката на нивната мисија во која бесконечното различно толкување на нештата само ја потврдува релативноста на самите нешта која зависи од перцепцијата на самите нешта дури и кога се работи за конкренти бројки коишто сепак на крајот за сите немаат исто квантитативно значење, со едeн збор, за некого она што е бројот 7 за друг е 14, а пак за трет е 12, и тука не гледаме никаков проблем во правото на нивна перцепција на нештата.

Срдечно,
ДМР
Скопје, 
5.11.2015.