Дете од вода и принц на ЈУ рокенролот

09.11.2015 12:27
Дете од вода и принц на ЈУ рокенролот

Милан Младеновиќ е роден во Загреб во 1958 година. Кога наполнил шест години неговите родители се преселиле во Сараево, каде што Милан минал неколку години, за конечно во 1970 година да најдат постојано живалиште во Белград. Токму поврзаноста со трите различни градови во кои Милан живеел, во голема мера ќе го дефинира неговиот живот, правејќи од него една од најголемите рокенрол ѕвезди во СФРЈ.

Иако со свирење гитара почнал да се занимава уште во раното детство, додека живеел во Сараево, Младеновиќ првиот сериозен музички обид го имал во гимназиските денови, кога заедно со неколку свои соученици го формирал бендот „Лимоново дрво“ со кој имал неколку успешни настапи на белградската алтернативна сцена. Првиот значаен излет на музичката сцена Младеновиќ го прави со сега веќе култната група „Шарло Акробата“, група која заедно со неколку југословенски групи го создава компилацискиот албум „Пакет аранжман“, а подоцна и самостојниот албум „Бистар или тупав човек е кога...“ со што стануваат зачетници на популарниот „нов бран“ (нови вал). Во 1981 година Младеновиќ го формира бендот „Катарина друга“ со кој во 1984 година го издава и истоимениот албум каде што до израз почнува да доаѓа неговиот талент за пишување. Поради недоразбирања во бендот, групата „Катарина друга“ се преименува во „Екатерина Велика“ односно ЕКВ и во 1985 година го издава својот прв албум насловен како „Екатерина Велика“. И оттогаш почнува незапирливиот музчки напредок на Младеновиќ кој во континуитет ќе трае во наредните неколку години.

Милан Младеновиќ како дете, вежба на својата гитара

ЕКВ на тогашната респектабилна музичка сцена носи своевидна оригиналност и еден сосема нов вид рокенрол. Токму тие осумдесетти во кои ЕКВ го достигна својот зенит, беа години на креативна експлозија на сите културни полиња. Особено тоа беше видливо во музиката. Според многумина музички хроничари, осмата деценија од минатиот век, е деценија кога СФРЈ има најсилна и најпродуктивна музичка сцена, особено во делот на рок и панк музиката. Во едно интервју Младеновиќ ќе нагласи дека тие години му биле најубавите години во неговиот живот. „Тие години беа доста интересни, бидејќи тогаш имаше манија од журки низ Белград. Висеше нешто во воздухот, некоја добра атмосфера. Сите беа заедно и сите имаа симпатии за своите блиски. Од таа еуфроија испливаа многу квалитетни музички групи“, изјави Младеновиќ. А токму во тие години Младеновиќ и негоата ЕКВ се наоаѓаат на врвот на југословенската сцена. Во тој период речиси и да нема поголем град во СФРЈ во кој не настапувале. Истовремено групата стекнува и неверојатна медиумска слава, а членовите на групата, особено Младеновиќ, стануваат идоли на тогашната млада југословенска генерација. Сепак, помеѓу славата концертите и интервјуата, Мллденовиќ почнува да запаѓа во лична емоционална криза. Тој почнува да чувствува моменти на отуѓување и себеиспрашување. „Не е баш пријатно кога луѓето сакаат да зборуваат со вас тогаш кога вам не ви се зборува. Повеќе не можам да отидам никаде и не можам да го работам она што сакам. Луѓето сè почесто ме малтретираат. Не можам да се помирам со сите тие преувеличувања на сите полиња. Тоа може да биде многу непријатно“, изјави Младеновиќ за еден белградски магазин.

Маргита Стефановиќ и Милан Младеновиќ на настап на ЕКВ

Личната криза која тој ја доживувал се разгорела во предвоените времиња, а конечна ерупција имала за време на војната. Како дете од мешан брак, и човек кој живеел во три различни културни и религиски градови, Младеновиќ ја чувствувал сета грозоморност од братоубиствената војна. Во 1992 година тој заедно со членовите на бендовите „Електрични оргазам“ и „Партибрејкерс“ го создаваат музичкиот проект „Римтитутуки“, кој има за цел да спроведе антивоена кампања. За таа цел ја создаваат песната „Слушај ваму“, која на директен начин повикува на прекинување на војната, и качени на камион ја свират низ улиците во Белград. Сепак, и покрај популарноста на музичарите, ваквата активност останува незабележана од страна на народот кој задоен од воената и хушкачка пропаганда, масовно им дава поддршка на воените дејствија. Во времето кога се случувала опсадата и гранатирањето на Дубровник, Младеновиќ на еден свој настап побарал едно минутно молчење за загинатите жители на Дубровник. По овој гест многумина го напуштиле концертот упатувајќи навреди кон Млаедовиќ и ЕКВ, а подоцна и Младеновиќ и ЕКВ биле мета на вербални напади од страна на белградските националисти.

Не можејќи да ја издржи суровоста на војната и девастацијата на неговата земја, Младеновиќ во 1994 година заминува за Бразил на неколкумесечен престој. Таму го снима албумот „Анегелски здив“ кој е сосема различен од неговото творештво со ЕКВ. По враќањето од Бразил, Млаедновиќ попушта пред дијагностицираниот рак на панкреас и умира на 5 ноември 1994 година, без можност да го чуе својот најнов албум. Неговата смрт силно одекнува низ сите градови во крваво завојуваната земја. Стотици пријатели и обожаватели го испраќаат до вечното почивалиште сместено во Алејата на великаните на гробиштата во Белград.

Мурал во Подгорица посветен на Милан Младеновиќ

И покрај смртта, и покрај целиот трагичен крај на ЕКВ, делото на Младеновиќ е силно присутно во белградскиот и југословенски дух. Текстовите од неговите песни, посебно од последните два албума, се полни со мрачни и несреќни пророштва и пораки кои силно одекнуваат во годините по неговата смрт. ЕКВ и Младеновиќ создаваат музика која поттикнува меѓусебно разбирање и помагање. Во нив се опфатени сите познати емоции кои се дистрибуираат на еден поинаков и магичен начин. Во една прилика Младеновиќ изјавил дека искреноста во нивните текстови ја прави нивната музика да биде разбирлива за секого. И точно е. Целиот творечки опус на „детето од водата“ како што многумина милуваат да го нарекуват е полн со искреност и длабоки пораки. Токму поради искреноста, Младеновиќ и ЕКВ сè уште се дел од процесот на растење и созревање на генерации кои се родени во време кога ЕКВ не ни постоеле.

Освен музичкото наследство, делото на Младеновиќ денес е силно застапено. Во три градови од поранешна Југославија постојат улици кои го носат неговото име. Земун, Загреб и Подгорица се градовите во кои има улици кои се именувани по Милан Младеновиќ, а од 2011 година платото пред Домот на млади во Белград исто така е именувано по Младеновиќ. Во меѓувреме се прават напори Младеновиќ да добие своја улица во Сараево, а пред некоја година имаше петиција неговите песни да се преточат во книга која би била дел од образовниот систем на Србија. Секоја година на петти ноември низ многу градови од поранешна Југославија се организираат концерти, изложби и промоции на дела со кои се одбележува годишнината од смртта на последниот принц на југословенскиот рокенрол.

Извор: Коза Ностра бр. 7, 05.11.2015.