Што (не) кажа министерката?

12.11.2015 04:17
Што (не) кажа министерката?

1.

Апсолутно се согласувам дека не е мала работа националната министерка за култура на некоја земја да се обрати на Генералната конференција на УНЕСКО. Таа меѓународна организација не е мачкина кашлица, туку му доаѓа нешто како и Генералната конференција на Обединетите нации, ама за култура, образование и наука. Основана, се разбира, да ја унапредува соработката помеѓу државите на овој план, притоа едновремено (или потенцирано) унапредувајќи ги и владеењето на правото и фундаменталните човекови слободи и права прокламирани со Повелбата на ОН.

Можеби затоа и ме зачуди веста за обраќањето на „нашата“ министерка за (не)култура на годинешната Генерална конференција на УНЕСКО. Мислам, да, добро е таму да се говори, ама претпоставувам дека треба и да се има што да се каже, се разбира. Иако нашиве актуелни политичари, најчесто, одат секаде, па и застануваат на говорница и кога немаат што да кажат. Жив пример ни е претседателот, кој на говорница ужива или да молчи или да искара некого за неговите/нашите глупости.

2.

Не сакам да грешам душа и да кажам дека малкумина кај нас воопшто и знаат дека ние сме членка на УНЕСКО, дека имаме Национална комисија и слични нешта. А и зошто би знаеле кога за тие работи дознаваат (евентуално) само низ протоколарна вест, кога министерката ќе замине за Париз. И, морам да бидам искрен, секогаш при таква вест, се чудам: што ли им говори на тие луѓе таму?

Но, овојпат, иако повторно протоколарно, самото Министерство за (не)култура нè почести со „цртички“ од „говорот“ на министерката за (не)култура во Париз, на годинешната 38. Генерална конференција на УНЕСКО.

И велат дека таа кажала дека „Сите проекти кои досега ги реализиравме со УНЕСКО дадоа силен импулс во афирмацијата на универзалните вредности на Република Македонија и отворија можности во програмите и иницијативите на УНЕСКО масовно и активно да се вклучат институциите, експертите и младите потенцијали од нашата држава“. Добро, иако веројатно надлежните во УНЕСКО тоа го знаат. Ама не го знаат луѓето кај нас, или и ова бил еден од оние „говори“ – од надвор, за внатре? Зашто, сигурно дека јавноста кај нас не знае(ла) дека токму тоа, односно активностите на таа наша Национална комисија, особено отвориле можности „масовно и активно да се вклучат институциите, експертите и младите потенцијали во државава“. Можеби мисли на некоја друга држава, на некоја резервна, зашто тие сите си имаат по една во резерва? Каде ли ја виде таа масовност и активност, па уште и младите потенцијали, небаре говори за некогашните слетови по повод 25 мај? Колку тоа проекти Македонија реализира во соработка со УНЕСКО? Два на пет години? И тоа е масовност и активност?

Потоа, велат, таа информирала и за позначајните активности кои во изминатиот период биле реализирани заедно со УНЕСКО, меѓу кои се и отворањето на Центарот за дигитализација на културното наследство (за кој кај нас сè уште никој не слушнал!), прогласувањето на Институтот за земјотресно инженерство и инженерска сеизмологија (ИЗИИС) од Скопје како Центар на УНЕСКО од втора категорија (како и тоа да е заслуга на „министерката“), отворањето на двете катедри на УНЕСКО на Филозофскиот факултет за интеркултурни студии и истражувања (?) итн. И сето тоа е прекрасно, иако заличува на некаков сувопарен „мачкај очи“ извештај за во македонското Собрание, каде пратениците ќе го искористат мигот и малку ќе дремнат, или ќе прочитаат некој весник и слично.

И зошто сето ова би го интересирало УНЕСКО?

3.

Кога организација како УНЕСКО би се бавела со вакви нешта со какви што ги замајува нашата министерка за (не)култура, веројатно одамна би престанала да постои. Зашто, кому би му требала уште една бирократска ламја што голта огромни средства?! Или да се занимава со меѓународната соработка на државите членки? Па си имаат билатерални и/или мултилатерални спогодби и програми и нека си тераат работа. Ако треба да добијат пари за некој проект – ќе добијат (кога ќе им дојде редот) и што тука има толку да се расправа?

Ама, она што тоа УНЕСКО особено го интересира односно нештата со кои токму тоа УНЕСКО посебно се бави, се фундаменталните човекови права и слободи, владеењето на правото, културните права, достапноста на културата до сите граѓани... итн! А за тоа нашата министерка за (не)култура уста не отвори, се разбира. И во дилема сум дали воопшто и знае дека такви нешта постојат и дека некого го интересираат. Освен ако некој не ѝ шепнал дека можеби тоа би ги интересирало делегатите на Генералната конференција. Или мисли(ме) дека тие не знаат што и како се случува(ло) во Македонија? И тоа го знаат, ама мислам дека очекуваа(т) елементарна култура – барем од министерката за култура – елементарна почит кон Генералната конференција и информација (нека е и дозирана, сечена, лепена …) за сите наши скандалозни состојби (и) во културата.

На пример, спомнувајќи го ИЗИИС како центар на УНЕСКО од втора категорија (а божем тоа е заслуга на Министерството!), министерката не кажа ништо за Охрид – за авионската писта среде езеро, за марината, за коцкарниците, а Охрид е, нели, град под заштита на тоа УНЕСКО? Министерката за (не)култура се пофалила и со впишувањето на две нематеријални добра од Македонија во листата на УНЕСКО. Ама не спомнала зошто Македонија нема ниту едно културно добро, ниту едно, па ни Кокино, на листата на недвижно културно наследство?

Или, можеше да каже нешто за дерогирањето на законските ингеренции на институциите во културата во ликовната уметност? Сигурно ќе ги интересираше како тоа Министерството си презема нивни надлежности само за да прикаже некаква своја активност! Веројатно делегатите ќе сакаа да слушнат и за конкурсите во националните институции, за местењето на партиските директори, за тотално незаконското пролонгирање на одлуките, дури и по една година? Министерката за (не)култура не кажа ништо ни за повеќегодишната тотална партизација на култура, за бирократското ускратување на културните права на сите што не се симпатизери на нејзината партија, за промовирање на правилото дека средства од тоа Министерство може да добие само проверен „верник“ и војник во/на Преродбата.

4.

Во крајна линија, ако не повеќе, можеби можеше, како потврда на нејзините залагања за македонската култура, да го пушти познатиот дијалог со Милета околу т.н. Музеј на Тоше Проески. Чисто од причина делегатите да имаат увид како најпростачки се политизираат и умрените. Или оној дијалог со еден од ТВ мегафоните кога си нарачува вести? И тоа ќе беше посластица за присутните.

Вака, можеби повеќето ја видоа, ама не ја слушнаа. Нема што да каже, кутрата. Барем да им спомнеше за струјата во Националната галерија. Па веднаш, на лице место да побара помош за да не откажуваме (странски договорени) изложби!

Извор: teodosievskiumetnost.wordpress.com
Слики: Свирачиња

Слични содржини

Став / Култура
Став / Култура
Став / Култура
Став / Култура
Став / Култура
Став / Култура
Став / Култура

ОкоБоли главаВицФото