Франција: упатство за употреба, 2015

14.11.2015 18:11
Франција: упатство за употреба, 2015

Страшен е билансот од симултаните терористички напади извршени синоќа во Париз и Сен Дени. Мртвите сè уште се бројат, но има повеќе од 150 жртви. Нeкои од сведоците во концертната сала Батаклан ги слушнале терористите како пред да отворат оган викаат на француски: „Ова е одмазда за сето зло кое Оланд им го нанесе на муслиманите ширум светот!“

Требаше да знаеме дека Шарли Ебдо беше само увертира во нешто многу полошо.

Пред десетина години, издавачката куќа Ренде (во која тогаш работев како уредник), во соработка со Беополис, Фабрика књига и тогашниот Културен центар на Франција (денес Француски Институт) органзираше фестивал на нова француска книжевност и стрип со име „Франција, упатство за употреба“, парафразирајќи го насловот на славната книга на Жорж Перек - „Живот, упатство за употреба“. Тогаш, во 2006 година, бевме под силно влијание на побуната на младите имигранти од втората генерација во предградијата на Париз и другите француски градови. Побуната беше мотивирана од негативната перцепција и дискриминацијата на сиромашните имигранти од арапско и супсахарско потекло, главно од исламска вероисповед, насочена против авторитарната полиција, нејзини главни виновници беа припадниците на отуѓената младина на втората генерација, автомобилите и дуќаните гореа од ноќ во ноќ, а филмовите како тогаш веќе десет години стариот „Омраза (La Haine)“ на Матие Касовиц од 1995, ни се чинеше, прецизно ја отсликуваа комплексната состојба во француското општество. Да се потсетиме, во „Омраза“ тројца тинејџери (француски Евреин, Арап од Магреб и африкански црнец) од мултиетничко гето на различни начини го рефлектираат насилството во кое живеат и кое е дел од нивното секојдневие, борејќи се воедно и со зададените улоги во општеството кое не го чувствуваат како свое, а немаат друго. Идејата која филмот најсилно ја промовира е дека заедничкото чувство на гето и изолираност е посилно од сите партикуларни идентитети и дека токму тоа ги држи заедно овие тројца младинци.

Ах, света наивност!

Исплашени граѓани бегаат во близина на концертната сала Батаклан во центарот на Париз. Фото: Маја Видон-Вајт

 

Во таа смисла, секако, вознемирувачкиот роман „Покорување“ на Уелбек значително подобро ја прикажува состојбата во француското општество денес од „Омраза“, кој и покрај својот начелен песимизам, со тек на време се испостави дека е преполн со надеж во едно бизарно подобро утре. Владејачката парадигма, тврди Уелбек преку својот обезнадежен протагонист, е дотраена и изморена, декадентноста резултира со недостиг од вера, па и страст, и стариот свет без многу врева се крши под бранот на новиот. За да стане Франција исламска држава сосема легитимно, преку слободни избори, нема да треба многу, се испоставува во романот. Тоа ќе биде дури поедноставно отколку што некој би можел да претпостави.

Од наивноста на „Омраза“ до декадентната дистопија „Покорување“, од лудистичкото дивеење по предградијата, до болната прецизност на самоубиствените напади на исламските терористи - тоа е патот кој го поминавме во претходната деценија или две.

Во Франција, но и во целиот свет, граничниците кои ги раздвојуваат идентитетите денес се само подлабоки и повисоки од порано. Секако, некои спремно влетуваат во поставената замка. Го застапуваат и бранат исламот или европско-христијанските вредности. Фрлајќи бомби, пукајќи врз невините, шират терор и самите гинат во име на измислени богови или креваат ѕидови, гласаат за десничари, веруваат во тврдината Европа и светото право на западниот свет да ужива во богатството на грбот на остатокот од исцрпената планета.

Денес, во 2015, нема повеќе отстапување од каква било зададеност.

Се чини дека дека идентитетите конечно нè надвладеаја.

Пар патики оставени во близина на концертната сала Батаклан. Фото: Шарл Платио

 

Извор: Фејсбук профилот на авторот

ОкоБоли главаВицФото