Деца ко деца, од кај знаат што заслужуваат

16.11.2015 04:06
Деца ко деца, од кај знаат што заслужуваат

 

Реакција на македонското друштво на релативизатори по повод изјавата на кампањата „Заслужуваме подобро“ дека заслужуваме пристојни училишта за нашите деца

 

Почитувани,

Стандардот е категорија која во секое време и систем била различно перцепирана.

Прво, сакаме да ѝ објасниме на нашата јавност дека не секој сака да има и има деца, тоа значи дека не секој има право и заслужува пристојни училишта за децата.

Можеме слободно да кажеме дека она што за некого е пристојно за друг не е и обратно; од друга страна, пак, зошто мора сите деца да одат на училиште? Зарем училиштето ги прави децата попаметни? Зарем тоа што во некои училишта покривот пропушта вода влијае на содржината на знаењето на еден ученик? Па и да протекува покривот, зарем не би требало да размислат надлежните дека паѓањето на дожд е природна појава која ниедна институција не може да ја контролира?

Знаете дека една од мисиите на нашето Друштво е да покажеме дека сè во животот е прашање на лична перцепција, па од таа позиција сакаме да истакнеме дека она што за некого е пристојно, за друг не е и обратно. Затоа сакаме да замолиме за повеќе стрпливост кај родителите кои сметаат дека училиштата каде нивните деца учат се непристојни, бидејќи можеби за нив не се, ама за некои се, и обратно.

Затоа што на крајот на денот, деца ко деца, од каде да знаат што е пристојно а што не?

Срдечно

ДМР