Глиста на асфалтот!

16.11.2015 13:41
Глиста на асфалтот!

Да не е најголем злосторник во повоената историја на Европа, тој би бил ужасно смешен. Злото му ја уништи смешноста. А можеби смешноста му го роди злото! За да се одмазди на самата себе.

Будала!

Вака е, можеби, тажен. Тагата, меѓутоа, не е ниту во него ниту во нас, тагата е во празнината, таа го исполнува етерот, тагата е медиум на нашите комуникации, мислам дека тој се уште не ја разбира длабочината и вистинските димензии на драмата во која нè втурна сите, а и својата не ја разбира во целата полноќа за да биде тажен. Ние, пак, сè уште немаме одговорност кон општите работи за да можеме да бидеме тажни поради тоа што сме учествувале во градењето на ваква епохална катастрофа, искрено и длабоко тажни, на нивото на импутите што нè заплиснуваат од сите страни и секој миг. Не, тагата е автономна резонанца што се раѓа меѓу неговото неосвестено зло и нашата неосвестена одговорност. Добра е затоа што ја амортизира агресијата и лоша е затоа што ја пригушува страста без која нема ништо!

Кон тие чувства и чувствувања придонесува процесот на карамелизирање на политичкиот шеќер во Македонија: на момчево му ја сменија целата влада, тој се лигави како маж на кого пред очи му ја силуваат жената, а тој не им дава на силувачите да си ги избришат алатите од неговите чаршафи, ги стиска во прегратка и не ги дава, каков човек, каков маж, каков војвода, каков комита е тој кога сиот материјал што го остава за споменикот што утре треба да му се подигне, е материјал за Глиста на асфалтот! Ниту, пак, на повидок е некој кој ќе го убие, политички или физички, сеедно, повикувајќи се на изворните принципи на организацијата што тој ги реафирмираше пред девет години! Не знам, можеби не го ликвидираат затоа што не е отклон тој од стандардот на изворниот вмровец туку изворниот вмровец е дијаметрален отклон во однос на нашите претстави за него!

Феноменалната паралела со последните денови на нацистите во Берлин што ни ја приреди Љупчо Поповски, е на штета на нацистите, се разбира, овие тука се говњари! Но, да, додека мислев на степенот на духовната, институционалната, културната и материјалната разореност на државата и на општеството, додека ја гледав сликата на Елена Героска на херојот на нашето време во собраниските клупи, додека го читав Поповски, добивав енергетски цензус да се телепортирам во „Бетовеновата сала“ во Берлин, во април 1945 година и заедно со нацистичката врхушка да ги слушам Вагнер и Брукнер и да гледам дека и маршалите Жуков и Коњев се доволно блиску за да ги слушаат фантастичните интерпретации на Берлинските филхармоничари: немаше што да ги сопре нотите во разорениот град! На секој што ќе успее да се префрли во разорениот Берлин, веднаш му станува јасно дека тука имаме гајдаџиски концерт на македонските злотвори комбиниран со волшебната идеја на бриселските и вашингтонските жукови и коњеви, со злосторничките говњари кои не оставија камен на камен во оваа земја, да ја трасираат светлата иднина на Македонија! Во таа смисла нашата ситуација е погротескна од нацистичката!

Социјалдемократскиот сојуз, пак, скокна во лонецот во кој Брисел и Вашингтон го мешаат карамелот за прелив врз својата торта, реално тие се во кохабитација со Злото, сега и во владата како и во таканареченото собрание, тие се откажаа од опозицискиот статус, демек, за да ја уриваат власта од внатре, како мангупите на Ленин, но тоа е само лажњак, процесот на уривањето на власта е несопирлив и за таа работа не беше нужно, дури беше и лошо, СДСМ да влезе во власта, но трансферот на власта без многу грмотевици и, особено, без суштински промени, без оперативно и хемиско отстранување на хромозомите на самоуништувањето, без епиката на неопходната катарза, без ризикот на промената не на власта туку на системот, тоа да, тоа е таа функција и смислата на целото умочување на убавиот акварел што беше почнал да се оцртува некаде во мај, тоа се зрнцата шеќер на нашата надеж што се мешаат во општиот карамел на ништото. Со други зборови, од фактор на промените, тие се претворија во фактор, можеби не на статус квото, можеби не во фактор против промените, но во фактор против промените кои од Македонија можат да направат нормално, модерно и пристојно општество - сигурно!

Тие покажуваат дека Македонија сè уште не ги има искористено сите шанси да се поглупира, да талка, да се влече, пред да се исправи и да тргне напред!

Функцијата и последиците на тоа карамелизирање може да се видат во општата атмосфера. Луѓето заборавија на своите улоги во борбата за слобода и им се препуштија на очекувањата од Пржино. На јавната сцена се бистри погледот врз поткопаните темели на режимот, луѓето кои под него страдаа и чекаа да замине, или оние што на еден или друг начин се бореа, имаат основи да бидат задоволни, да поуживаат во оваа сатисфакција, да го гледаат тоа мачење на главните злотвори, тоа е така разбирливо, но не гледам некоја позитивна енергија, луѓето почнаа да се задоволуваат и да тонат во задоволството од тоа што Груевски ќе падне, не гледам некоја атмосфера што над падот на режимот ќе влее основи за оптимизам, сдсмовските визии се чисти глупости, да не се нивните членови или оние што имаат некои непосредни очекувања од смената на власта не би можеле да заинтригираат никого, тие се однесуваат како доктори кои на подразбудениот пациент му вбризгуваат нова доза на глупост за да не вика и да не крчи додека спие, тие се неподносливо аут со својата идеја, лексика, резон, рефлекс, со се’!

Ситуацијата е идеална за нормалните, но фактот дека одбиваат да се организираат како политичка сила покажува дека и тие не се нормални. Ивон Величковски се профилира во идејна и доктринарна смисла, би рекол, прилично добро, Фродем е компромитација на третиот пат по дефиниција, има уште слободни и некомпромитирани луѓе со идеи и посветеност, на кои им недостасува повеќе некоја иницијалност отколку енергија, а кои би можеле да се нафатат да ја остварат максимата на професорот Марјановиќ за Македонија како пристојно место за живеење.

Затоа, јас претпочитам да тонам во наивата, мислам дека тоа е добра терапија за загрозената нормалност. Еве, тука, ви пренесувам едно искуство: Катице, имаш ли молив кај себе? „Даааа....!“ Тогаш, пиши: предметите што ти се предадени истовремено и приоритетно се еклатантни докази, индиции, основани сомневања, траги, илустрации, досиеја за единствениот предмет кој би можела да го заведеш како „Злосторничко здружување против народот и државата: Злосторничкиот потфат на власта во Република Македонија!“ Не си дозволувај да потонеш во докажување на изборниот грабеж, на тоа каква боја биле вреќите што ги отворале Сашо и Миле кога додавале или одземале гласови, дали зиповите биле зелени, колку души од Пустец може да собере еден двособен стан во Чаир на денот на гласањето или во докажување на одговорноста за уривањето згради (Космос) и системи (здравството, образованието, судството, културата, урбанизмот, парламентаризмот) без да ја имаш предвид проекцијата и методологијата кои ти налагаат тој грабеж и таа општа и евидентна деструкција да ги земеш и како доказ за Злосторничкиот потфат на Злосторничкото здружување на власта!

Нам не ни е важно само да ги смениме и да ги испратиме в затвор, нам ни е битно да формираме свест за големината на нивното недело, за димензиите на нивното зло, низ правните, сициолошките, националните, политичките и други импликации на твојот судир со македонската драма, со нејзините извори, форми, манифестации и последици! Епиката е битна, на епските работи се формираат митологиите, културата, свеста, филозофијата на една заедница, тие аспекти не се против правните димензии на битката против злото, не, тие се суштински аспект на правната димензија, тие се поврзани, тие го формираат амбиентот во кој ти работиш и кој ти не можеш да го игнорираш со какви и да било правни образложенија и интенции!

Слики: Свирачиња
Извор: Слободен печат