Анаморфоза - „Амбасадори“ на Ханс Холбајн

17.11.2015 01:24
Анаморфоза - „Амбасадори“ на Ханс Холбајн

Глетката изгледа премногу наместено. Двајцата мажи облечени во некакви раскошни одежди од некое минато време, стојат мирно, како да позираат. Меѓу нив, на едноставно парче мебел, покриени со турски килим, поставени се астрономски, хронометрички и музички инструменти. На горната површина на масата, покрај небесниот глобус гледаш цилиндричен сончев часовник. До него лежи квадрант и полиедричен сончев часовник со магнетен компас изработен од слонова коска. Последниот инструмент десно е торкветум, служел за одредување на положбата на небеските тела. „Во долниот дел стои некаков непознат предмет, некаков облик што лебди допирајќи го подот, издолжено дијагонално, нешто што на прв поглед не може да се препознае, како силно забрзана блескава молња. Бидејќи овде не постојат безимени предмети, тоа значи дека предметот кој тука е присутен доаѓа од некоја друга стварност, и може да се види од некоја друга перспектива, од некој друг агол“. (Л.Ш.)

Тоа се Холбајновите „Амбасадори“, истите оние амбасадори од еден сон, што како патетична Шопенова етида се јавува одвреме-навреме, потсетувајќи те на нешто далечно и засекогаш загубено.