Сфера (1)

17.11.2015 17:05
Сфера (1)

Ги отворам очите и што здогледувам најпрво? Екранот. Телевизорот бил пуштен цела ноќ, да ти ебам. Кога малку од малку си доаѓам на себе, прво го барам далечинското. Ми успева да го најдам и да го извлечам од под клопчето чаршафи, го рокнувам телевизорот погласно. Затоа што уште не ми се станува, поубаво ми е да се ѕверам во екранот.

Таков сум.

На прва го повторуваат документарецот за животот на мечките во Финска, на втора почнува пренос на миса. Каналите ги менувам низ малиот процеп под ќебето, од кај што ми виси раката заедно со неопходното далечинско. Изветвената монотоност на говорителите, на ревењето и на оче наш, ме тера пак на дремка, во прегратката на влакнестата топлина на милиот кревет. Нo, сепак, не ме носи до крај, останувам буден, деновиве главно сум многу добро наспан. Наизменично менувам помеѓу мечките и духовниците. Ги разликувам по боите, првите се кафеави, а вторите се црни и пурпурни. Во старо време, духовниците и мечките дури и настапувале заедно, се сеќавам дека тоа го гледав предминатата среда, кога на втора имаше документарец за дружењето во Стариот Рим.

Немаме сателитска во станов. На оваа страна од блокот, каде што ми е собата, фаќа само прва и втора. А кога надвор дува – уште послабо. Наводно во блоков има доста слични проблеми. Кога се вселив тука, пробував со различни собни антени, а сегде само магла, снег и изобличен звук. После се навикнав на ограничените можности, сега прва и втора ми се сосем доволни.

Ми станува прежешко. Ги исклоцувам ќебето и овие историски слоеви чаршаф од себе. Го вдишувам воздухот во собава и ми базди, ме потсеќа на миризбата на војничките складишта, помешана со мирис што потсеќа на пармезан. Морам да го отворам прозорецот, да излуфтирам. Или да си запалам цигара. А гледам телевизија, но не долго, зашто набрзо ми здосадува, ненапната досада. Го ставам телевизорот на mute, се испружувам до наткасната, мерак ми е да си го пуштам касетофонот. Не сака. Ја вртам касетата на другата страна, па проработува. Првата нумера на Б-страната е баш Уморниот аларм од 2227. Ептен соодветно.

Ја пуштам на цел глас. Човек само така може вистински да се разбуди.

Се буди и Јерц. Не поминува ни пола минута, а тој веќе мава и треска по мојата врата, се дере дека не сум нормален. Но, јас само му враќам за претходниот пат – така и му ветив дека ќе направам. Го игнорирам. Јерц пцуе уште малку, па после го слушам како ги лупнува вратата од купатилото и капакот од шолјата.

Ах, Јерц.

Зјаам во млачните одблесоци на собата. Низ отворите на пластичните ролетни се гледаат белите флеки на светлината однадвор. Полутемнината ми е подрага, сега веќе не ги ни подигнувам ролетните. Иако не ни можам, поебани се. Затоа не може ни нормално да се излуфтира. Во собава имам два ормана, едниот е со полици, а другиот со облека. Имам наткасна, кај што се касетофонот и касетите, па и понекоја книга, имам кревет и една столица, која е крш и врз која е сместен телевизорот. Тежок неред. Во ќошот се свиткува пренатрупаната маса, покрај радијаторот – празен аквариум. Насекаде има малечки предмети, работи донесени од бувљаци, од градилишта, од кабасти отпади, што знам од каде уште не. Изгледа како во оној беден киоск некогаш, сѐ само некои дребулии и кутивчиња од цигари, да ти ебам.

Јерц се враќа од купатилото. Кога се буди прво оди таму. Ќе си измие заби и ќе се измоча, без да испуши една или да испие кафенце пред тоа. Во тоа сме ептен различни. Кога поминува покрај собава, уште еднаш затреснува по вратата. А 2227 си трештат.

„Ееј, алооо?“, затегнува со утринскиот глас, па пак треснува по вратата.
Најпосле го стишувам касетофонот и му враќам со дерење: „Дај остај ме на мира, гнасо – сакам да спијам!!!“

Преку викенд јас и Јерц сме сами во станот. Јања и Весна конечно пак си отидоа дома. Кога тие две не се тука, во станот има мир како во внатрешноста на прегорена светилка. Нема раздрдорени посети, вечни телефонски разговори, фенови, правосмукалки, хрватски поп, вести. Тогаш сѐ е само наше, а ако ни Јерц не е тука – само мое. Признавам дека тогаш е најдобро. Касетофонот ми е цело време до даска. Затоа понекогаш комшијана збеснат како бик се убива од мавање по ѕидот.

Полека си навлекувам некое парче облека и се довлечкувам до кујната.

Еве го, Јерц веќе стои таму, покрај шпоретот. Само по долна маица и по гаќи со дезен со парни и електрични локомотиви. Се гледа колку е навистина сув и потечен. Како посрана метла. После на нозете му ги приметувам оние излижани чорапи, кои се стварно закон, да ти ебам! Чорапите се на Весна, во облик на некое лизгаво животно со очи и со рилка. Ама многу се меки и удобни. Кога сме вака сами во станот, понекогаш ги носи Јерц, понекогаш јас. Прашање на договор. И двајцата ги обожаваме.

Јерц си пржи јајца за доручек. Со дрвената лажица меша по тавчето и нешто се напнува, демек се труди. Ако го тргнеме настрана благиот мирис на свинска маст, во кујната е баш свежо. Имено, преку ноќта ги оставаме прозорците во кујната отворени. Само тука можам некогаш понормално да подишам. Свежиот кислород ме живнува, ме заострува.

„Добро утро“, го поздравувам со вовед како ништо да нема да се случи. Заседнувам покрај масата, мижуркам ненавикнат на сончевата светлина, која ме утепа во кујнава. Земам воздух со полни плеќи, зевнувам, па широко се растегнувам, да почувствувам како ми крцка градниот кош.

„Да бе, добро – ако не ме разбудеше твоето музичиште.“ Јерц се завртува, дури сега го здогледувам каков е. Лицето на Јерц ме потсетува на пола парче леб, кое преку ноќ си го оставил накиснато во млака вода. Очите му паѓаат надолу, како да се песочни. Поспан е, згрутчен, леплив. Одма ми е јасно дека е мамурен.

„Музиката е заради минатиот пат“, му давам до знаење.
А тој: „Иди еби се!“
„Океј.“
Па после: „Ќе јадеш?“

Нема веќе јајца. Веќе цел викенд Јерц ни пржи ебани јајца со шунка, кромид и сирење. На работната маса веќе има планина од лушпи од јајца. Од некое од нив ѕирка и по некој отпушок. Иако во заедничките простории на станот не пушиме, ама кој ги ебе, и онака ни двете не се тука.

Уште еднаш одмавнувам со глава за јајцата.

„Кога дојде дома?“
„Еј, појма неам“, рече. „У четири, пет.“
„Опа.“
„Или шес, шо знам, откај да знам.“

Ноќва не го слушнав. Некое време гледав телевизија, па после заспав. Бегло ми се причинува дека еднаш се разбудив во меѓувреме; кога се слушаше некаков џагор од долу. Можеби копиљаците од блокот, можеби само сум сонувал. А после тоа – црна темница, ништо до сабајле, кога по екранот се проврткаа финските мечки, а одма после нив и духовниците.
„Значи вечерва си спиел малку“, кажувам со толку обѕирен тон, што ме погледнува како финскине мечки.
„Ајде, де... и онака морам да учам“, вели за некоја секунда. Сака да испадне дека јас, демек, сум му направил услуга, дека Уморниот аларм му дошол како порачан. Му ги знам финтите на Јерц, сѐ е тоа дел од нашата игра.

„Ако сеа стварно идеш да учиш“, ставам рака на срце, „за доручек ќе ги изедам сите овие лушпи од јајца.“
„Не – слушај, ич не се заебаам! Жими све најмило. У четврток иам испит по практична акустика.“
„Што, толку брзо?“

Јерц испушта долго мхммм.

Аха, тогаш стварно ќе учи, си мислам. Понекогаш подзаборавам кој месец е, сѐ некако ме одминува. Таков сум.

„Се надевам дека овојпат ќе ти тргне од рака со тоа резонанцата, или што и да е, у курац.“
„Ќе биде, ќе биде“, вели додека истресува лажичка вегета во јајцата.

Јерц е од некое селце во Штаерска. Овде дошол во средно. Вели дека со неговите оцени и со таквата парична состојба можело да го примат само тука. Тој и Весна се речиси соученици, единствените студенти во станов. А најверојатно и во целиов блок. Ми изгледа смешно некој да дојде да студира овде, во овој град. Обично сите одат да студираат негде надвор од градов. Зашто тука не е само студентскиот живот отиден у курац.
Океј, освен во петоците, тогаш обично сѐ се подобрува.

Ги набљудувам парченцата од полустврднатите јајца, кои за време на пржењето на Јерц му одлетуваат како комети врз ринглата. Добро, де, па и вака и онака веќе целата е лом. Уште пред да се вратат Јања и Весна, некој ќе мора комплет да го среди шпоретот. И кујната. И уште полно други ствари. Цел викенд никој не го изнесе ѓубрето, сега веќе си го оставаме на работната маса. Вистина е дека проблемот е во тоа што Јерц не стави ебана ќеса во кантата. После некој од нас двајца би можел само да ја зграби ќесата и да ја џитне во ѓубрето кога ќе се симне. Но, сега никој не сака да оди нагоре-надолу со цела канта, специјално заради тоа.

„Се јавија, бе, овие две?“ праша Јерц додека мешаше.
„Не.“
„Фала курцу, се надам дека нема да се вратат бар до вечер.“
„Да, до вечер следната недела.“

Јајцата се готови. Од под неизмиените котлиња го извлекува бамбусовиот подметнувач со цикцак шара и на него го става тавчето. Сето тоа го принесува до масата, се враќа по леб и млеко, па почнува. Од јајцата чади, по некаде ѕиркаат неколку изгубени парченца шунка, кромид и сирење. Од тоа може да се разбере каков тип посетители сум имал пред два дена – и што сѐ испазариле од гранапчето.

„Јајцата ми се разлеаја, па ги замешав. Сакаш?“, Јерц одново ми понудува.

Одмавнувам со глава. Кулинарнава екстравагантност на Јерц сега веќе стварно ми ги крева влакната по кожа. Јајцата божем ги пржи на око, а секогаш му се разлеваат. Секогаш. Кршењето јајца не му оди. После конечно ги меша во тавчето, зашто и онака не му преостанува нешто друго. Па така, секогаш прави некаков загорен качамак, во кој околу стопеното сирење се набираат дебели жолто-бели кнедли, некакво изблуено стадо штотуку родени пилиња.

Нигде не може да се мацне со леб, тоа е проблемот со јајцата на Јерц.

„Знаеш, битно е како ќе ги разбиеш... Колку пати сум ти покажал. Со лушата мора повеќе да пазиш... Кога ја тргаш и така“, пробувам да му објаснам уште еднаш, додека тој меле.
„Аха... ра... збирам“, ги задушува зборовите со полна уста. Притоа прета со вилушката, како да ждере првпат во живот. Јерц јаде брзо, најбрзо од нас, поточно – гнете. И зад себе остава полно трошки и остатоци по масата, по работната маса, по подот. „Да, бе... знам... да.“

Се кладам дека и следниот пат пак ќе ги разлее.

Но, јајцата се вкусни, домашни. Јања ги носи од дома, зашто нејзините вријат од кокошки. Мајка ѝ со јајцата ги обезбедува сите роднини и комшии, секој втор ден пече ролат со јајца. Освен тоа, дома имаат уште и мала фарма со мисирки. За месо, не за јајца. Нејзиниот очув, кој работи како чувар во затвор, тоа си го одбрал по малку како попладневно хоби, а по малку како извор за да спечали дополнително. Студиите на ќерката стојат во место, кој кур, треба да ѝ се помогне некако.

Месо од мисирка овде начекуваме многу поретко или воопшто не начекуваме. На Јања од дома ѝ ги даваат само јајцава, што во суштина и не е така лошо. Со Јерц сме ѝ ептен благодарни.

„Вчера“, изговара Јерц со полна уста, „вчера за малце ќе ебнев, за влакно фалеше.“ Освен трошките на сомелената храна, во тој миг, од Јерц бликнува и задоволство од самиот себе. Во зборовите му се сокрива желба за одобрување и пофалба. Познанството со жени, имено, на Јерц му оди исто како и неговото пржење јајца – повеќето му се разлеваат. А после само му преостанува таков утепан да се соочи со нешто налик на полупржени чварки, наместо да може нежно да го макне мекото од лепчето.
„Една средношколка, брат, матурантка. Да збеснеш ама е јака. Ми се топеше коа ја гушнав, златна. Мислам дека беше на ексери.“
„О, екстази, наводно од тоа збрлавуваат.“

Потпрен на лактите го гледам како голта. Ме интересираат деталите.
„А бе, шо знам, малце се лижевме, горе, доле, после ја снема. Наеднаш нигде ја немаше.“

Потоа дополнително се возвишува: „Ама – ѝ го иам бројот!“

Тоа е добар знак. Ако ѝ го има бројот, тоа значи дека Јерц, можеби, пак ќе има каква-таква врска. Веќе од пролет наваму збудалува од што е попален. Еднаш го начекав како ја шпионира Весна низ клучалката на вратата од бањата. Дојде тотално восхитен да ме побара во соба за да ѕирнам и јас. Судејќи по неговата возбуда, очекував којзнае што, гола Правесна, иконографски аранжман на словенска богинка, која митски ги раширила нозете на подот помеѓу мијалникот и машината за перење.

А во реалноста, таа отсустно си седеше на шолјата и си го бришеше газот. Го загледуваше речиси секое покакано хартивче од тоалетната. Помеѓу колената ѝ се гледаа неколку скудни влакненца, и тоа беше сѐ. Прснав да се смеам, Јерц едвај ми ја затна устата и ме одвлече настрана. После тоа, Весна стана нешто сомничава – оттогаш натаму во клучалката на вратата од бањата е напикана изгризена тапа од плута.

Потоа, Јерц уште два месеца фантазираше за одредени делови од голата кожа на Весна. Затоа ми се чинеше дека мора да е малку морничав од сексуална апситененција. Ама сега, штом го има бројот од синоќешната мувачица, може сѐ ќе биде подобро.

„Сеа ќе ми треба твоја помош“, додава Јерц.
„Со што? Нема јас да ѝ вртам. Онојпат, ти текнува, со типкана од Камник, каков хаос беше, да ти ебам! Ма, нема шанси!“
„Не, не, не, шо ти е, не ми за тоа, слушај“, смрморува Јерц, кој во секој момент треба да се дојаде. „Ми го напиша бројот на грб. Над кичма, демек да нема шанси да се избрише“, покажува со вилушката негде зад рамо, при што со тоа одново му одлетува парченце од јајцата врз подот.
„Паметна девојка“, велам. Надишан од свежиот воздух и од авантурите на Јерц, сфаќам дека е време за по едно тазе кафе. И Јерц сигурно ќе сака, секој ден си пиеме. Со таа разлика што јас го обожавам на празен желудник и со првата цигара, а Јерц на најадено, но и тој со првата цигара. После пак навлегува во матурантските детали од синоќа, бар на онолку колку што се сеќава, јас разбирливо турам вода и во неа сипувам малку шеќер. Така, Јерц завршува со исхранувањето, тањирот го бутка до сред маса. Гледам како, додека дави за пичката, со рака си ја забришува масата, трошките и парченцата од јајцата си ги подбутнува во малечко купче, кое после го шмукнува со уста.

Кога ги нема оние две хиени, можеме со мирна душа да си дозволиме ваков тип олеснување на чистењето по дома. И уште многу други ствари...

„Така ти викам за матуранткава, брат“, рече и се потпре наназад. „Е, баш се наждрав ко свиња.“

Се гледа – околу устата му светка од маста.

„Сеа добро би дошло да счуриме една. Имаш?“, ме прашува додека стоејќи чекам да зоврие водата.

Зошто секогаш доаѓа до компликации со цигарите? Кога ти се чини дека денот си тече нормално, без потресување, без нервирање, одеднаш ти се случува ова, да му ебам мајката!

Го загледувам во збунка. Огорчен, зашто истото прашање ми беше на врв на јазик веќе неколкупати, ама чекав да прекине со јајцата и со матурантката. Одеднаш ме мава наполно јасна, несопирлива и неодложна гола желба за никотин. Веројатно зашто сега знам и дека сме останале без цигари.
„Немам, со последната вчера вечер направив џоинт“, му кажувам.
„О, да ти ебам.“
„Ни ти немаш?“
Водата врие. Од тегличката го сипувам целото кафе, едвај има по нешто, помешувам, го тргам ѓезвето. Цигари, цигари, се качува по мозочните центри за каење, кога како капак на сѐ ме мавнува мирисот на кафе. Кафе – цигари. Наебавме; едното не оди без другото. Двете шолји полни со кафе ги треснувам на масата, седнувам карши Јерц. Некое време поминуваме во издишување.

(продолжува)

Превод од словенечки: Давор Стојановски

Скулптури на сликите: Timothy Hyunsoo Lee

Слични содржини

Книжевност
Книжевност
Книжевност
Квир / Книжевност
Квир / Книжевност

ОкоБоли главаВицФото