Возвишеното е сега (и овде)

18.11.2015 04:40
Возвишеното е сега (и овде)

„И во тоталната апстракција и во тоталниот реализам надворешното што одвлекува (внимание) е елиминирано, што истовремено значи генерирање на чувство на внатрешна нужност. Тоталната апстракција (длабока тишина во искуството на светот) и тоталниот реализам (алхемиско преобразување) го инволвираат истиот процес на редукција на „уметничкото“ на минимум. Уметноста која изгледа „чиста“ во своето суштествување повеќе не „претставува“, туку „е“, како субјективна индикација на внатрешната нужност и како радикална „објективност“.
(Donald Kuspit , Concerning the Spiritual in Contemporary Art)

 

„The Sublime is now” декларираше Барнет Њумен (Barnett Newman). Возвишеното е сега. Возвишеното се случува сега... „Предмет - материјал за обликување во креацијата е хаосот... Се вели дека сликарот денес работи со хаосот, не само во смисла дека тој ракува со хаосот на белото поле на платното, туку исто така и дека ракува со хаосот на формата... Во неговата волја да го востанови редот на вистината, што е израз на неговиот однос кон мистеријата живот-смрт, може да се каже дека уметникот како вистински творец се нурнува во хаосот“, вели Барнет Њумен. Од хаосот се обликува ред. Кога ќе се погледне оваа слика, навистина зрачи со ред. Црвен ред на некакво случување сега...

Начинот на нанесување на бојата, во повеќе транспарентни слоеви, значи не пастуозното туку многуслоевитото лазурно сликарство, ја дава прозрачноста, и светлината на чистата боја избива од длабочината.

И не само тоа. Оваа слика не е само тоа што го покажува. Бидејќи повеќе отколку што покажува, таа означува. Oзначува нешто што се случува во заднината, каде што се одвивал цел еден процес (на обликување на хаосот во ред) и како резултат на таа нова состојба на ред е насликана. Или, насликана е за да предизвика состојба на ред, потоа. Може да се нарече концептуално дело и покрај тоа што е насликана во 1951 година. Бидејќи нејзината вредност и значење произлегуваат и се потврдуваат единствено од длабочината на животното искуство на сликарот и длабочината на искуството на восприемачот!

Но, ...според Лиотар и во неговиот есеј Њумен: Моментното (1984), во ова дело на Њуман „речиси ништо не постои за да се 'консумира'“, зашто во неговото дело нема ништо што би стоело отаде самото дело, не постои некоја скриена длабочина, ниту пак некоја скриена порака треба да се дешифрира. Предметот на делото е самото дело и токму тоа е она непретставливото, и токму таму се наоѓа онаа возвишена самореферентност на самото дело, и токму таму се откриваат модерното и постмодерното возвишено*

...присутното значење е интуитивно препознавање... во тишина. Во длабока тишина...

Сепак, би било добро да се напомене дека во овие суптилни исчитувања на делото се крие и опасност од мистификација дека неговата сушност - возвишеното е нешто недофатно, оти, отаде, далеку од нас (настрана што е и неискажливо и непреносливо со зборови!); втора опасност е отворање на можноста делото да се сведе на надворешна форма - на убаво парче уметност без длабочина! (постојат и други опасности: херметизам; тавтологија)... ако немаме Тишина...

Психолошката заднина на делото, тој живот што се одвива(л) зад делото и комуникацијата меѓу уметникот/делото и рецепторот на тоа ниво „индуцира стремеж кон заедништво и контемплација... еквивалент на тоа што се нарекува религиозен живот: искрено и понизно потчинување кон духовниот објект, искуство кое не се добива автоматски, но бара подготовки и чистота на духот“.** Тишината и чистотата се услов за вистинско восприемање на делото, инаку заглавуваме во формалистичка естетика или мистификација на возвишеното!

Субјективистичките аспекти (животот, личноста на уметникот) и објективистичките аспекти (алхемијата во делото) се во фузија во творечкиот чин, во моментот на креација, но и потоа кога делото се изложува. Уметничкото дело е случување, настан... во тишина. Алхемија во материјалното дело и тишина во восприемањето.

Возвишената самореферентност и „присутноста“ на делото, овде и сега, посебно во минималистичката уметност, се восприема во тишина, со будност. Нема зборови. Сакам да кажам дека ако нема комуникација-заедништво, тоа не може да се надополни со зборови... ако, пак, постои заедништво, тогаш и со малку зборови ќе се искаже и разбере сè.

Кај постмодерните естетичари како да постои дилема околу претставливоста и непретставливоста на возвишеното во ликовната уметност. Возвишеното е непретставливо (за интелектот?), а во ова уметничко дело токму тоа се претставува! Парадокс и јаз!!

Но, ми се чини дека јаз ќе има кога идејата за нештата (дали можат или не можат да се претстават) се претпоставува на чувството! Тој бином е несуштински за естетиката! Оти, вистински ништо не може „да се претстави“. Ако тоа упорно сакаме да го направиме, или сме илузионисти или имитатори. Единствено нештото може да се почувствува, да се доживее, та тоа некако да се претстави. Значи, дури и чувството, искуството, не може „директно“ да се претстави, туку, медиумот го пренесува, го означува и така го прави нештото „претставливо“.

Во тој процес, БИТНО е дали е тоа успешно реализирано, значи, дали ги исполнува потребите на душата и на кое рамниште тоа се случува. Потребата на душата, внатрешното битие, за уметност, естетика, е себеисполнување, себесмирување и радост. Значи станува збор за инструментализација, спроведување на „нештото“ низ уметникот преку неговото дело, а тоа „нешто“ има одреден уметнички, естетски квалитет.

Во Капелата на Ротко во Хјустон, просторот каде што се изложени сликите на Ротко е специјално проектиран за тие слики и по негови инструкции. Дали во овој октагонален простор се чувствува свечената возвишена атмосфера? Ова дело Ротко го смета за врв во своето творештво!

Исто така го сметам за концептуално! Ротко своето ателје во Њујорк го прилагодил за овој проект, обезбедил дневно осветлување кое на платната паѓало под одреден агол за да се добие точната нијанса на боја и за конечниот „ефект“! Сета композиција на слики во целина како дело претходно била добро осмислена!

Дали во оваа капела обитава Тишината? Дали монохромните слики се нешто повеќе од тоа што ни изгледаат на прв поглед? Одговорот е само во самиот животот на Ротко, исто како кај Њумeн.

Монохромно сликарство, мазно обоена површина на границата на монотонијата... дали отсликува дух или формалистичка естетика? Одговорот е во животот на авторот, кој, дефинитивно, ќе зрачи или не од сликите и во целиот ентериер.

Концептуалата во широка смисла, како уметност како идеја, уметност како процес-случување, уметност како авторефлексија, уметност како перформанс, е и „дејствување“ во разни скриени сфери и невидливи за нас светови, во една длабинска реалност, наизглед далеку отаде, но, сепак, суштински, многу блиска до пулсот на животот; со заложување на животот на уметникот како материјал за обликување на нешто ново (под услов сето тоа да не стане премногу „сериозно” и премине во патологија).

Но, мојот критериум за едно дело го оформувам не врз основа на „сериозноста“ која ја доживувам, туку врз основа на радоста. Ако едно дело ме радува, на тој начин допира до мене. Без разлика дали е концептуално дело, скулптура или слика, цртеж или инсталација или амбиент, ако ме радува, ме исполнува. Јас сум од тие луѓе кои сакаат да ги радува уметноста и да ги исполнува со позитивни чувства и убавина. Сликите на Ротко ме радуваат сè до моментот кога тој станува многу „сериозен“, за жал, како резултат на неговата болест во 1969 година. Многу ме растажува цела таа и следната година од неговиот живот. Сето негово сликарство, почнувајќи од 1949 година, кога се ослободува од линијата и започнува прво да ги слика Multiforms, а уште повеќе потоа, кога достигнува крајна едноставност во изразот, сликајќи само со боја и потег и поле, чисто и силно, би реклa, кога започнува да го слика „високиот астрал“, ме радува. Сликите во последната година од неговиот живот ми создаваат немир, некаков бунт, предизвикуваат негативни емоции...
Дури и овие слики во капелата во Хјустон, кои Ротко ги смета за врв во својата кариера, малку ме збунуваат, по малку ме прават да се чувствувам сериозно. Можеби таа свечена атмосфера така дејствува... како токатите на Бах, музиката на оргули...

Дали Vir Heroicus Sublimus на Барнет Њумен е навистина херојско дело? Ако е така, таа слика навистина е револуционерна, оти она што зрачи од неа е Дух во црвена боја. Ред и Хармонија, овде и сега, црвено како крв, интензитет на животот, страст, сè се држи под контрола.

Без сомнение големо дело, херојско! Но, да бидам искрена до крај, оваа црвена боја и покрај тоа што спаѓа во топли бои, мене лично ми дејствува малку ладно. Дали затоа што нема ништо препознатливо, нешто органско? Не! Што да кажеме за сликите со полиња на Ротко? Немаат никакви препознатливи облици! Но, има органско во потегот!

Дали кога нешто во еден момент престанува да има во себе трага од органското, макар во структурата на потегот, станува ладно, бидејќи е премногу интелектуализирано, и токму тоа е тоа на што јас не се радувам? Веројатно и ова е одговорот. Но не е правило. Можеби топлината е главниот критериум? Не мислам на бојата, туку на чувството. Она што е топло (мислам топла емоција) ме радува, она што е ладно (ладна емоција) не ме радува. Веројатно и ова е точно.

Оваа слика на Џ.О’Кифи нема топли бои, ниту има некаква органска или друга препознатлива форма, дури и мазно е насликана, па не може да се види структурата на потегот, и пак мене ми зрачи со топлина, убавина и светлина. Ме радува.

Сепак, ако добро се загледаме во сликата се препознава потегот, тоа е органското во сликата, линиите не се повлечени со трака - строго геометриски! (но можеби и ова е прашање на личен избор кој се должи на фактот дека повеќе сум наклонета на експресијата отколку на геометријата!)

Дали овие сликари навистина успеале да го средат хаосот во својот живот? И дали хаосот им послужил како материјал за обликување на Хармонија и Ред, за Возвишеното, Тишината, да обитаваат во нивните дела, сега и тука? Се разбира дека успеале! Тие, секој на свој начин, и многу други уметници покрај нив, успеале во тоа и тоа е големиот придонес, како кон ликовната уметност, така и кон проширување на човековата свест воопшто...

__________________________________________

*Иван Џепароски, Естетика на Возвишеното, (Кон естетиката на постмодерното возвишено: Жан Франсоа Лиотар), стр.56

**Meyer Schapiro, Resent Abstract Painting, цитирано во есејот Concerning the spiritual in Contemporary Art од Donald Kuspit

Слики:

1. Барнет Њумен, Vir Heroicus Sublimus, 1950-51
2. Ентериер на Капелата на Марк Ротко, Хјустон, Тексас, 1967
3. Медитација во капелата на Ротко, Хјустон
4. Скуптурата на Барнет Њуман „Сршен Обелиск“ пред Капелата на Ротко во Хјустон, Тексас
5. Џорџија О’Кифи, Небо над Белите Облаци I, 1962

ОкоБоли главаВицФото