Сфера (2)

18.11.2015 15:02
Сфера (2)

„Добро, стварно немаме ни едно цигарче, ебате беља?“
„Не“, одвраќа Јерц.
„Кепецот е затворен во недела, а?“, прашувам.
„Да, недела му е ден за фамилијарен одмор.“
„Тапа“, кажувам и отпивам малку кафе. Кафето е прегорко и преводлесто.
„Од кај да најдеме цигарче, пичка му мајчина?“, замрморува Јерц. И на двајцата во глава ни се вртат исти работи (колку предвидливо и типично). Проблемот е во тоа што е недела, а најблиската отворена продавница е на некои три километри од кај нас. А ние двајца пушиме ко скинати, па и во тоа е проблемот.

„Ќе ѕирнеш?“
Ги кревам очите.
„А, да. Бројот. Ај да видам.“

Во станот имаме само едно огледало. Во бањата има едно ем мало ем превисоко за човек да може да си погледне долу на грбот. Добри два месеца Весна зборуваше дека стариот ќе ѝ донесе поголемо огледало за во ходникот, но ништо од тоа. Се сомневам дека нејзините се само ветрушки и ништо повеќе.

Јерц станува од масата, од полицата зема блокче и пенкало. Ми се врти со грбот, долната маица ја крева негде до средината на ’рбетот.

„Се глеа ли уште?“

Матурантката има барем убав ракопис. Барем тоа. Некое време се двоумам, не знам што да направам; да излажам или да му го уништам денов. Или цела недела, Јерц е многу осетлив за вакви работи. Можеби ако му кажам пак ќе падне на практична акустика.

„Е ајде, де?“

Ах, сега како би ми дошло едно цигарче, мамичето.
Ништо, излажав. Си го лажам пријателот. А колку што го познавам, веројатно воопшто немаше ни да ѝ сврти.

„Пиши“, одлучно му кажувам. „Нула, три, еден...“
Ми текнува на Уморниот аларм од 2227.
„Два, два... седум...“ Пауза, додека тој чкраба. На памет ми паѓа уште некој број, тоа е нешто најлесно, „четири, еден, три.“

Јерц ги повторува бројките. Задоволен, како во рацете да држи уплатено ливче за лото со седум точни погодоци.

„Така, да, на крајот има четири, еден, три.“
„И тоа е све шо пишува? Вчера ми се причини дека начкраба поише.“
„Си бил пијан, Јерц, пијан.“

Во тој миг ми паѓа малку жал за Јерц – го сожалувам, зашто знам дека ќе се здроби ако стварно се јави. Најверојатно ќе се огласи некој кретен со предлабок глас и ќе го отера негде. А вината секако ќе ја префрли кај матурантката, дека му дала грешен број.

Јерц ми е добар пријател. Овие месеци, имено, откако станавме цимери, бајаги се зближивме. Еден на друг си станавме побратими, немаше нешто што не би си го кажале. Во петоците секогаш одевме негде заедно да кркаме. Јерц е доверлив, разумен и непребирлив тип, не дави како овдешната женска половина од станарите. А има и смисла за хумор, знае еден куп вицови, на пример за култура или за политика, а некои се стварно добри.

Затоа не ми се свиѓа кога Јерц е нерасположен. А ич, па, не сакам, ако се вмеша некоја издрогирана матурантка и слично.

Но, на кратко, еве што стварно му е испишано по кожата:
можда некад у некоја друга сфера, позз М.

Не знам што кур мислела точно да каже со таа сфера. Мора стварно да била ептен хај, сега во градов може да се добијат баш квалитетни екстази. А она М – дали ѝ е од името, или тоа значи нешто како матурантка? Злата Матурантката?

Најверојатно првото.

„Името ѝ е нешто на М“, додавам. После неколкупати си го лизнувам прстот и ги забришувам сите калуѓерски затегнати букви меѓу влакната на крстот на Јерц. Стварно убав ракопис, да ти ебам, нема што.
„Аха, М, добро, добро“, се радува Јерц. „Мислам дека ми кажа како се вика, ама одма забораив. Утре ќе скокнам по картичка за мобилниот и ќе ѝ се јавам.“
„Подобро скокни денес, па донеси ни уште и цигари“, предлагам.
„Нема шанси, морам прво до банка“, вели Јерц. „Неам кеш, све ми отиде за куклево и нејзините редбули. Се надам дека на крај бар ќе ми се исплати.“

Негде долу има бакномати. Мене ми е оневозможено да ги употребувам поради пречекорениот лимит, точно така ми рече месарката минатиот пат на шалтер. А на Јерц му се демагнетизирала картичката на некоја журка, кога кретенов ја ставил во ЦД-плеер. Новата му ја испраќаат од банка веќе неколку недели. Колку типично.

Точаците ни ги дрпнаа уште на почетокот, па и во тоа е проблемот. Ама јас имам уште малку кеш, но три километри пешки до гранапчето е и онака премногу.

„Може нешо друго да пробаме“, заговорливо ми намигнува Јерц, „можда Јања има некое цигарче.“
Можно е, си мислам.
„Е па, ајде.“

Ме потегнува со себе, излегуваме во ходникот и застануваме пред собата на Јања. „Знам кај го чува клучот кога иде дома“, вели Јерц. „Ја видов прошлиот пат.“

Јања секогаш си ја заклучува собата. Вика дека така е навикната од дома. На нас тројца тоа ни изгледа доста чудно, ама си има нешто кај селаните. Чудна фамилија, штом си ги заклучуваат собите. Јерц еднаш ми рече дека тоа е поради ролатите од јајца, дека веќе сите полуделе поради нив. Но, мене ми изгледа поверојатно дека на тоа ги навикнал очувот, кој таму во затворот цело време се плетка со клучеви.

„Да му ебам мајката“, му викам, „стануваш прав удбаш, уште малку за секој од нас ќе знаеш триста глупости.“
„Охохо“, издишува Јерц. Поради консумирањето на јајцата и телефонскиот број, расположението му се крева над нивото на градската канализација.
„За тебе знам највише. Еден куп гомнарии, не само малце.“

И двајцата се насмевнуваме. Кога сме сами, на мене и на Јерц ни е како во војска, сабајле има најмногу смеење. Но, вистина е дека за разлика од овде, во војска добивавме добра храна. И на сто метри од нас имаше кантина, каде што ги продаваа сите можни видови цигари.

Над вратата на Јања има некаков отвор за светлина. Сите врати, освен онаа од бањата, се такви. Затоа што ѝ смета светлината од ходникот, Јања врз отворот има налепено постер со некои кошаркари од НБА. Се пали на кошаркари.

Пред стаклото има тесна малечка полица, на неа – види, види – клучот. Јерц еден, два, три, ја отклучува вратата.

„Ова нека остане меѓу нас“, дополнува.

Да, да, си мислам, секако дека ќе остане.

Цело време додека живеам во станов, во собата на Јања сум бил можеби два-три пати. Никогаш сам, се разбира. Ја има најубавата соба, просторна, со лакиран паркет и со сопствен телефон. Но, вистина е дека, исто така, и најмногу плаќа, а во поглед на прашањето за пари, Јања може да се смести рамо до рамо со кој било посттранзициски олигарх. Вработена е во лабораторија, таму важи пред сѐ за перспективен кадар, кого во кариерата го очекува уште сѐ живо. Работи на магистерска и такви ствари. Ни кажа дека веќе цели две години уплаќа во националната станбена шема. Понекогаш едвај чекам да ѝ се остварат животните сонови и да си купи сопствена гарсониера.

Собата ѝ е уредна, па изгледа како од изложба во продавница за покуќнина. Барем двапати неделно чисти со правосмукалка и на сите им иде на живци, затоа што правосмукалката датира пред нејзиното раѓање и брчи како прастара вршалка од 18 век.

Ѕидовите во собата ѝ се полни со некакви цветни сликички, фотографии од море, кловнови, песни, разгледници и лисја од дрва, а освен тоа одозгора има барем половина од словенечките кошаркари и уште некои странски, како и џиновски периоден систем во боја. Па уште и врамени сложувалки, неверојатно. И некои од господ заборавени музичари, мајко мила.

„Кај мислиш дека може да ѝ бидат цигарчињата?“, прашува Јерц. Јања официјално не се вбројува меѓу пушачите. Само понекогаш пали понекоја тенка дамска цигара. Притоа прави гримаси, а за тоа воопшто не е свесна. Тогаш стварно делува толку дамски, што ти иде да се скинеш од смеење.
„Неам појма.“
„Само пичкава и некои женишта имаат цело време вака средено.“

Тогаш оддолу наслушнуваме сирена, Јерц погледнува низ прозорецот и вели дека на игралиштето повторно има брза помош. Ништо чудно. Сеедно, јас би сакал едно цигарче.

Јерц пребарува по работната маса, таму нема ништо, после погледнуваме во фиоките, во кои наоѓаме само некои листови хартија, документација од симпозиумот за иднината на нешто на б, стуткани записи од факс, мапи, уште некои фотокопии и слични тракатанци. Во долната фиока, под тетратката напипувам некакво кутивче и го извлекувам.

Неверојатно – кондоми! Отпакувани. Со вкус на банана.
„Види, види“, вели Јерц, „па не била девица.“

Се погледнуваме – Јања лаже!

„Моеш да си замислиш?“, прашува Јерц. „Нашата Јања да ти имала бајаги разуздан живот. Сто посто се клецаат таму у лабораторија, у шпајзот со средства за чистење.“
„Конечно станала жена или што...“, промрморувам. „Кондомиве мирисаат многу добро. Ако у меѓувреме затвориш очи, се осеќаш ко да дупиш банана.“

Јерц ме лупнува по рамо и се закикотува. „Будала си“, ја криви фацата. Еден од кондомите си пикнува во џеп, вели дека ќе му треба за утре. За Злата Матурантката.

Продолжуваме да бараме. Двајцата се тресеме по никотин, една цигара сега би ни дошла како кец на десетка. Кога веќе сме тука, би било глупо да не погледнеме уште во орманите – иако веќе сме речиси убедени дека сто посто нема да има ништо, зашто кој чува цигари по ормани.

„Може ќе најдеме уше нешо интересно од меандрите на нејзиниот таен сексуален живот“, се надева Јерц. А во двата ормана нема ништо друго освен облека. Меѓу нив и зимска, па и таква каква што јас и Јерц никогаш претходно не сме виделе. Јерц си става крзнена шапка на главата и се клати.
„Уше вотка и цигарче и ќе бидам прав Русин, ебате беља“, вели и се клати како конечно да настапил земјотрес. Тоа сега би било стварно забавно, земјотрес, посебно ако имавме уште и вотка.

И цигари.... Ох!


Се воозбилуваме. Сега нема време за заебанција, потребно е да се најдат цигари. А лошо изгледа, сѐ живо да му ебам!

„Цигарче тука не наоѓаме, брат, нема шанси.“
„Да, изглеа стварно нема.“

Седнуваме на нејзиниот кревет и гледаме по собата. По сите насмеани кошаркари во дресови, по глупите кловнови, по нејзиниот тепих, па по цвеќињата. По џиновскиот периоден систем во боја. Кој би помислил дека постојат толку елементи во системот. Стануваме нервозни, посебно зашто овде е толку суредено, мајку му! Стерилно како чекалница во клиника. Права досада.

„А бе, еј, дали уопште моеш да си замислиш дека више не е девица?“
„Никако.“ Јас, исто така, размислувам околу тоа.

Јерц сѐ уште ја носи крзнената шапка, стилски му одговара на излижаните чорапи со животното. Потоа Јерц го пали телевизорот. Стискајќи по далечинското ги врти сите канали (кај Јања ги фаќа сите, но никој не знае зошто. Можеби затоа што оваа соба гледа на другата страна од блокот?) и после се враќа на мисата. Уште не завршила, кој кур.

Таму пурпурниот свештеник сега ги прашува насобраните луѓе дали се одрекуваат од злиот дух.
Велат дека се одрекуваат.
Потоа прашува дали се одрекуваат од суетата.
Велат дека се одрекуваат.
Потоа прашува дали веруваат во Христос и велат дека веруваат. Потоа камерата покажува транспарент таму одзади, каде што пишува дека Христос е спас за Европа.

„Будала си“, бавно кажува Јерц и менува на прегладнетите мечки, кои се шеткаат покрај водата, таму негде во Финска или кај и да е. Се гледа дека уште им иде добро. Ги гледаме уште само некоја секунда, два кадра, додека си кркаат лосос. Тогаш Јерц го гасне телевизорот и повторно сме сами. Врз јорганот на Јања, во просторната соба на Јања. Со пола кошаркарска репрезентација на Словенија, која го набљудува периодниот систем во боја.

Јерц ја прекинува тишината и ме прашува дали сакам да слушнам виц за културата, кој вчера му го кажал некој тип од влада на шанк. Му велам дека повеќе би сакал цигара, но тој без оглед на тоа почнува: „Знаеш што е тоа културна перцепција?“

„Хммм...“, завлекувам, „па не, не баш.“
„Така и си мислев“, се насмевнува Јерц. „Сепак ќе ти кажам, да знаеш, ако случајно те прашаат на разговор за работа. Е па... Културна перцепција е кога две порции прасечко идат на отварање на изложба за нов примитивизам, па првата порција ѝ вика на другата ’еј, а бе ти конташ нешо од ова‘, а другата ѝ вика не, па првата вика ’ваљда зашто си ебано глупава свиња‘.“

Сега се смее само тој и тоа кратко. Мене она со разговорот за работа, сепак, веќе не ми е толку смешно како некогаш.
Не знаеме што да правиме. Поточно: да, знаеме – ама што, кога ни снема.

Во тој миг негде кај надворешните скалила, веројатно близу до нашата врата, зацвилува некоја жена. Хистерично, речиси прасечки. Потоа Јерц ми кажува дека во овој блок сите се збрлавени. И уште дека отсега натаму треба да ги дрпнувам светилките по скалилата.

Во секој случај, ако го занемариме вресокот, неделите сѐ уште се најдосаден ден. Се влечат како тенија низ газ. Посебно ако во близина нема трговски центар и ако останеш без цигари. Неделите се само магла, снег и изобличен звук, па иако надвор пече ран септември.

Јерц сега молчи, сто посто е во мисла за златната М.
Јас би сакал да пушам, да ти ебам.
Не преостанува ништо друго. „Јерц, слушај, не ми е по ќеф, ама останува само последната и единствена можност... Па, знаеш која, а овојпат си ти на ред.“

„Зошо не ти?“, вели Јерц, зачуден како лилјак во сок. Одеднаш живнува.
„Не, друже“, му возвраќам, „последен пат во четвртокот отидов јас. Можеш да видиш на календарчето, зашто си обележав.“

Нешто промрморува. Му објаснувам уште еднаш. Му ги заредувам фактите и крај. Потоа се согласува, нема друг избор. Аргументот си е аргумент, посебно кога си е црно на бело на календарчето во кујната. Станува, оди кон вратата, таму уште еднаш се завртува и ме погледнува: „А ти за тоа време испржи ни уште по едно јајце, важи? На око, ајде, еднаш нека биде по твое!“

„А ти глеј да не се вратиш со помалце од четири цигарчиња“, се издерувам.

Јерц се упатува до игралиштето за да се изгребе цигари. Тоа го правиме наизменично, по договор – така како со излижаните чорапи со животното – што е стварно чесно. Ги гребеме копиљаците качени на скутер. Понекогаш пушат скриени меѓу дрвјата за да не ги видат загрижените мајки. Затоа што веќе нѐ познаваат, некогаш треба поостро да ги стегнеме. А тоа знае да уморува, затоа јас и Јерц осеќаме толкав отпор кон сето тоа. Затоа и ги мразиме ваквите денови, кога ни снемува цигари.

Сега нешто пак ме тера накај сон, назад во прегратката на влакнестата топлина. Но, овојпат идам до крај. Задремувам во креветот на Јања, еден, два, три ме совладува. Нејзиниот јорган е толку мек. И енергетски, го купила преку каталог. Сѐ уште мириса на прашокот од онаа реклама, во која настапуваат автомеханичарот и неговата џетсет жена.

Потем, сонувам дека сум во друга сфера со М. Со матурантката. Сѐ е позлатено, на почетокот и таа. Горе е соблечена, нема ништо, а јас ѝ ги милувам напнатите златни матурантски гради. Во меѓувреме, од пластичен тањир сркаме грав и еден со друг нежно си се раниме. Во чорбата, наместо гравчиња, пливаат таблетки екстази со мотив од јинг-јанг, а М. постојано се смее.

„Ние двајца сме јинг и јанг“, ѝ кажувам, па ја бакнувам. Кон неа чувствувам силна љубов, а тоа е најверојатно поради гравот, откај да знам.

После се наоѓаме во просторот за инвалиди пред Културниот дом. На суровиот градски асфалт. Се соблекуваме голи до даска, единствено јас си ги задржувам патиките. Си ставам кондом со мирис на банана, па потоа матурантката и јас гласно водиме љубов. Убаво е. Колениците ми ги збоднуваат камчиња и од негде во далечина залајува куче, ми се чини...
Живот... а јас сум тука баш онака. Таков сум.

(крај)

Кон првиот дел


од збирката раскази „Дизниленд“ (2005)

Превод од словенечки: Давор Стојановски
Слики: Yorch Miranda

Матјаж Брулц (1976, Ново Место) е словенечки писател. Дипломира историја на уметноста на Филозофскиот факултет во Љубљана. Од крајот на 90-тите години соработува со различни медиуми како слободен новинар и критичар на уметноста, пишувајќи претежно за современата ликовна уметност и култура. Ги објавил книгите кратка проза „Дизниленд“ (2005) и „Како да нема да се случи ништо“ (2009), како и збирката песни „Балади за кучето и првут“ (2006). Ја освојува првата награда за кратка проза на конкурсот на магазинот „Раст“ (2009) и наградата на Словенечките денови на книгата за најдобар краток расказ (2011). Член е на Друштвото на словенечките ликовни критичари и на Друштвоото на словенечки писатели.

Слични содржини

Книжевност
Книжевност
Книжевност
Квир / Книжевност
Квир / Книжевност

ОкоБоли главаВицФото