Се гаснат светлата во Европа

18.11.2015 16:28
Се гаснат светлата во Европа

Ноќта во петокот кон саботата, на 13 и 14 ноември 2015 година почнаа да се гаснат светлата во Европа (нималку случајно ја користиме фразата на шефот на британската дипломатија од почетокот на Првата светска војна). На седум локации во Париз, главниот град на втората најзначајна држава од Европската унија, нападнаа терористи, според информациите достапни во моментот на пишувањето на овој текст, припадници на таканаречената Исламска држава. Нецелосен биланс од терористичките напади без преседан – повеќе од 140 мртви и мноштво ранети. Непосредна последица: прогласување вонредна состојба во Франција, затворање на Француските граници, прекинување на сообраќајот на подземните железнички станици и затворање на аеродромите во француската метропола, суспендирање летови од САД во Франција и речиси 1 500 војници со автоматски пушки на улиците во Париз. Со засилени мерки за безбедност на белгиско-француската граница.

Првите реакции на демократскиот Запад беа очекувани: вџашеност, осуда и порака „Тие нема да нè тероризираат, ниту ќе потклекнеме“. Звучи добро, уште да беше вистинито. Бидејќи, горката вистина е – наспроти звучните фрази – дека џихадистите уште сега и тоа како ја тероризираат не само Франција, туку со ширењето атмосфера на страв и несигурност во цела Европа, всушност и целиот свет. И уште нешто: тој свет веќе потклекна пред заканата со која не е во состојба да се соочи, со прогласувањето вонредна состојба во Франција, распоредување војска на улиците, прекинување на виталните сообраќајни врски. Потклекна и со прифаќањето, а сето тоа во согласност со законите на демократијата, на јакнењето на екстремната ксенофобична десница на која ништо друго не ѝ е на ум, туку докинување на демократијата под паролата борба за нејзина заштита (од другите и поинаквите). Меѓутоа, она што не го направи тој свет, а изгледа дека нема ни да го направи, е да престане со санирање на симптомите и насочување кон реалните причини на меѓународниот тероризам кој во ликот на таканаречената Исламска држава ја доби својата досега најопасна варијанта.

Западот мора да признае дека сам го создаде монструмот кој сега се насочува против него, облечен во облеката на верскиот фундаментализам. Западот мора да признае дека не само што ги дестабилизираше, туку и ги рушеше, со воена сила – директно, или со испорака на оружје и пари на домашните незадоволници, но и странските авантуристи, платениците – режимите (вистина е: недемократски според западните стандарди, но стабилни) кои не беа според волјата на ненаситните апетити на наднационалните структури гладни за енергенси и желни за да владеат со нив. Западот мора да признае дека многу споменуваната борба против меѓународниот тероризам со години ја користеше за остварување на своите економско-финансиски интереси, одржувајќи ја само привидна борбата за воспоставување демократија во државите во кои дотогаш се владеело со цврста рака. И Западот мора да признае дека не направил апсолутно ништо за да го спречи создавањето глобална опасност олицетворена во таканаречената Исламска држава, иако во голем дел таа е негов производ, бидејќи неселективно вооружувал секого кој ја прифаќал борбата против сирискиот претседател Асад, човекот кој љубоморно ги чува нафтените и изворите на гас во својата земја од рацете на глобалните енергетски компании. Најпосле, Западот мора да признае дека и понатаму не прави ништо за да ја прекине трговијата со нафта на таканаречената Исламска држава, која е нејзин важен извор на приходи, како ни вооружувањето на бунтовниците во Сирија што ги нарекува умерени, а кои по правило – со модерно оружје – преминуваат на страната на џихадистите.

Дали Западот ќе го признае сето тоа? Речиси е сигурно дека нема.

Дали Западот ќе го прифати руското сојузништво, можеби дури и водечката улога во борбата против меѓународниот тероризам, откако руските удари врз целите на ИСИС во Сирија за малку повеќе од половина месец постигнаа повеќе од оние што САД со неколку сојузници ги води веќе една година? Дали Западот ќе ја притисне Турција која во голема мера е одговорна за ширењето на вооружениот бунт против Асад во Сирија, така и за повеќемесечната плима бегалци што од камповите во Турција ја преплавуваат Европа? Речиси е сигурно дека нема!

И што ќе се случи тогаш? Што се случува со тешко болниот кај кого лекарите упорно ги лекуваат симптомите, не препознавајќи, или не сакајќи да ги признаат вистинските причини за болеста? Едноставно: болниот умира. Што ќе се случи со проектот за обединета Европа и борбата против меѓународниот тероризам (само) во режија на Западот? И повторно едноставно: обединета Европа е на најдобар пат меѓу своите членки да изгради утврдени граници (ако веќе трајно не ги затвори), и да ги утврди надворешните граници, претворајќи се во „тврдина Европа“, а борбата против меѓународниот тероризам која и понатаму ќе го ограничува сузбивањето на терористичките акти, но нема да се занимава со нивните причини, најпосле ќе остане неуспешна. Што со други зборови значи дека терористите ќе зајакнуваат, дека подрачјето на своето дејствување сè повеќе ќе го пренесуваат во Европа, па и подалеку. Со еден збор: ќе победат.

Дали Западот има државник кој ќе смогне храброст и ќе ги прифати тие едноставни и непобитни вистини? Нема! Овие денови починатиот, исклучително популарен (западно) германски канцелар Хелмут Шмит пред неколку години (и тоа токму во разговор со рускиот претседател Путин) многу отворено рече дека денешна Европа нема државник по формат. Совршено точно. „Малите“ државници, всушност политичарите-извршители на бизниси не се повеќе од чиновници со кои непречено манипулираат крупниот капитал и финансиските центри, а воено-индустрискиот комплекс (за кого поодамна, но залудно, предупреди американскиот геренал-претседател Двајт Ајзенхауер) и да не ги споменуваме.

Кој, освен проектот за обединета Европа, освен отворените граници и демократијата (што неминовно ќе отстапи пред налетот на десничарите – националисти и шовинисти) ќе биде најголемата жертва на тероризмот кој „ги гасне светлата во Европа“ (веќе се зборува и за очекувани напади во Лондон)? Тоа ќе бидат токму оние кои во илјадници и стотици илјади бегаат пред терористите, барајќи засолниште од нив на Запад, кој ги создаде истите тие терористи. Ноќта по нападите во Париз пламна бегалскиот камп во францускиот крајбрежен град Кале, а според непотврдени вести запален е во знак на одмазда. „Потврда“ за својата ксенофобична политика ќе добијат сите „а ла Орбан“ чија „мода“ за подигнување нови „железни завеси“ во облик на ѕидови и бодликави жици на границите добива сè повеќе следбеници (па и кај нашите соседи Словенците). Тоа ќе биде ветер во едрата на сите кои се сомничави, да го употребиме најблагиот можен израз, кон сите луѓе од друга нација, раса, вера или убедување. Бегалците кои спасуваат голи животи ќе почнат да ги третираат како потенцијални терористи, политиката за давање азил ќе биде заострена, но и постапката за присилно враќање во земјите од кои бегаат (па дури и ако таму ги чека ножот на касапите на ИСИС). Европа сè повеќе ќе тоне во нов мрак, тешејќи се дека на тој начин го спасува светлото на демократијата. За жал, ќе се гаснат светлата што ги запалија оние кои по завршувањето на Втората светска војна сакаа да постават темели на една нова, поинаква и подобра Европа. Изгледа дека сме подалеку од целта за остварување таква Европа отколку во кој било момент откако е основана Заедницата за јаглен и челик, предвесник на идеите и практиките (која се претвора во својата спротивност) на Европската унија.

Стравот ќе завладее во Европа. Несигурноста ќе надвладее во светот. Различностите кои можеа да нè збогатуваат, ќе се претворат во непремостливи пречки во меѓусебните односи на народите и државите. Сценарио за судниот ден? Не мора да биде, ако Западот се соочи со вистината за себе и промашеноста на своите политики. Шансите за тоа се многу мали, но сепак не се исклучени. Барем да се надеваме дека не се. Веруваме дека некое светло во Европа ќе остане запалено.

Фотографиите се снимени во Париз во ноќта на терористичкиот акт на 13 ноември

Извор: http://www.portalnovosti.com

ОкоБоли главаВицФото