Вашиот систем не е мој

20.11.2015 16:43
Вашиот систем не е мој

„Нашиот систем не го препознава тоа...“, гласеше еден загрижен коментар за состојбите во државната администрација после именувањето на министри и заменици со право на вето, од страна на опозицијата. Всушност, овие решенија, усвоени со договорот од Пржино, се толку туѓи што, сега, „ Господ да ни е на помош“, беа завршните зборови. Точно. Но, погрешно е да се мисли дека „нашиот систем“, било кога, ќе успее да препознае демократски решенија, па оттаму нужноста системот да се менува. „Нашиот систем“, производ на ијадагодишна традиција, под кој живееле генерации и генерации наши претходници, е дел од нашето авторитарно политичко наследство. „Нашиот систем“, имено, е дел од „Источната традиција“ која ја карактеризира силна држава со многубројни дискрециони права и слабо општество; традиција во која реформите, со солетија наназад, се иницираат „одозгора“, па оттаму нивниот краток домет; традиција во која тешката рака на бирократијата ги прекинувала промените секогаш кога тие почнувале да ја загрозуваат нејзината позиција, значи, кога ја минувале границата на „дозволената слобода“; традиција која оставила траги врз верувањата и вредностите на поединците, формирајќи еден специфичен измамнички „источен“ менталитет; традиција која на државата, без оглед на нејзиниот идеолошки карактер, гледа како на институција која го обезбедувала саканиот степен на безбедност и благосостојба за поединецот, по далеку помала цена отколку што тоа го нудела независната економска или политичка активност; традиција во која привлечноста да се биде во државата, со столетија наназад, била производ на сознанието дека не постојат сериозни демократски ограничувања околу начинот на освојувањето на власта или нејзиното користење за лично богатење. Ете, на кусо, тоа е „нашиот систем“: од Византија и Јустинијан,преку Отоманската империја и Сулејман, нашето комунистичко минато, па до она што ни се случува од „прогласувањето“ на демократијата на почетокот од деведесеттите до денес.

Но постои и еден друг систем, Западниот, кој почива врз една поинаква традиција: традиција која, со столетија наназад и не без сопствено жестоко искуство со авторитарните форми на владеење, произвела плурализам и фрагментација на власта; традиција во која личните слободи се последица на еден столетен судир помеѓу државата и црквата, помеѓу кралот и лордовите, помеѓу католиците и протестантите; традиција на англиската Славна револуција од 1688 и на Француската револуција од 1789; традиција за народен суверенитет, на буржоаска демократија, на контрола и поделба на власта; и, конечно, традиција на човековите права.

Директен премин од една во друга традиција, не е можен, а тоа го потврдува нашето кусо искуство со демократијата. Ние мислиме дека ова што досега ни се случуваше во Македонија е „криза“, а дека она што ќе следи е „решение на кризата“. За жал, јас мислам дека влегуваме во уште поголема криза која, нужно, ќе го зафати целото општество и ќе трае многу, многу долго. До крајот на нашите животи и на животите на нашите деца. Она што следи е отфрлање на нашата авторитарна традиција не само во државната структура,туку и во целото општество. Зашто, иако од најголемо значење и пример за поведение на сите граѓани, државата е само една од институциите чии одлуки ги чувствуваме. Постојат и други, какви што се политичките партии, економските претпријатија, синдикатите или универзитетите во кои луѓето го поминуваат својот работен век, кои боледуваат од истата болест од која боледува и државната структура: авторитарност, нетранспарентност во носење одлуки, корупција, отсуство на сериозен внатрешен дијалог, насилство на мнозинството врз малцинството, прекумерна политизација на сметка на работата... Со еден збор, со целото општество доминира Источната традиција.

Веќе е јасно: средбата на Источната и Западната традиција, ги трауматизира двете страни. Во контекст на актуелната повеќегодишна македонска криза, кога не успеавме самите да се справиме со неа, Западните држави интервенираа со арсеналот на демократски инструменти кои ги препознаваат нивните политики, но кои нашиот систем не ги препознава: вистинита и темелна анализа на ситуацијата (во веќе напишаниот извештајот на Прибе), формирање собраниска анкетна комисија, истрага на новоформирано Специјално јавно обвинителство, споделување и контрола на власта преку учество на министри и на заменици од редовите на опозицијата, во владата на Македонија. Но, за проблемот на непрепознавањето да биде уште поголем, покрај овие, за секоја демократија нормални, институционални аранжмани, Западот инсистира и на нивните вредности, на пример дека „зборот е збор“ што е особено тешко за општество со толку патолошки лажговци.

Вистина е, притисната однадвор, принудени сме да се менуваме. Старото и извесното, да го замениме со новото и неизвесното. Зашто, добро знаеме дека сите овие демократски инструменти кои треба да ни помогнат да стасаме до вистината, која кај нас и не е на голема цена, се извор и на нестабилност во политичките институции и во општеството. Отпорот кон тие институционални аранжмани произлегува и оттаму што навестуваат збогување со лесното владеење со државата, но и со другите институции на општеството. Во отпорот кој го пружаме често негираме дека воопшто има некаква криза во политиката и во општеството, зашто од искуство знаеме дека вистинска криза во нашите односи настанува во моментот кога некој ќе се осмели да бара суштински промени. Иако слабите домашни гласови против „нашиот систем“, кои, во овие години на независност, па и порано, бараат демократски промени, денес се зајакнати со барањата на Западот да се менуваме, не треба да бидеме еуфорични околу брзината на демократските промени.

Сепак, моменталната кризна ситуација наложува, бргу да профункционираат „непрепознатливите демократски тела“ вградени во нашиот автократски систем и „непрепознатливите демократски вредности“ кои ги отфрла нашата авторитарна свест. Слобода,одговорност, контрола, вето, соработка, вистина, опстојување на дадениот збор, дијалог, компромис, споделување на политичката моќ, работи што нашиот автократски систем досега не ги препознаваше, никогаш и нема да ги препознае . И да повторам, затоа го менуваме системот. Системот? Всушност,не постои „систем“ вон од луѓето кои го сочинуваат, било да се работи за политички систем, за систем на образование, за информативен систем или за било кој друг систем. Во тој прост факт, во луѓето, лежат нашите големи стравувања, но и нашите големи надежи. Македонија, имено, мора да сврти нова страница во својата демократска историја и со новоакумулираната енергија на „интернет генерациите“, да направи преврат во вредносниот систем на земјата. Оттаму важноста веднаш да се утврди вистината: дали политичарите од самиот врв на власта, на чело со премиерот, се инволвирани во криминал и други форми на злоупотреба на власта, мерено со стандардите на западната демократија. Демократскиот пример ќе биде заразен, зашто, ако највисоката власт во државата може да одговара, може секој да биде повикан на одговорност. На одговорност можат да бидат повикани и оние познати кочничари на слободата распослани ширум македонското општество, за кои сите знаеме дека на своите престижни функции дошле преку темните коридори на византиските интриги, а не на демократски и транспарентен начин.

Да завршам со еден парадокс: ако сакаме да останеме верни на идеалите на слободата на нашите татковци, мораме дефинитивно да се збогуваме со вредностите на нивниот автократски систем, производ на Источната авторитарна традиција. Зашто, за да се обезбеди континуитет во борбата за слобода,понекогаш е нужен прекин со методите на поведение на нашите претци. На актуелните владетели и на нивните приврзеници, бранителите на „нашиот систем“, еуфемизам за популистичката варијанта на новата автократија, пак, македонскиот граѓанин треба да им рече в лице: Вашиот систем не е мој, а вашата моќ не ја сметам за прифатлив авторитет. И така, кога еден по еден, ќе смогнеме сила да се исправиме и да ги изговориме овие зборови, ќе го промениме и целото општество.

Слики: Свирачиња
Извор: Плус инфо

ОкоБоли главаВицФото