Големата надеж на грчката десница

21.11.2015 14:44
Големата надеж на грчката десница

Кирјакос Мицотакис, според многумина, најсериозен кандидат за лидер на Нова демократија

 

Додека Алексис Ципрас пред девет месеци не ја однесе победата на националните избори, со Грција повеќе од деценија речиси непрекинато владееја потомците на семејствата со најцврсти политички врски.

Антонис Самарас, претходникот на Ципрас, потекнува од семејство кое е толку важно што улицата која води до влезот на неговото основно училиште во Атина ја именуваа според таткото на неговата мајка. Јоргос Папандреу, премиерот на почетокот од кризата во еврозоната, е син и внук на премиер. А, Костас Караманлис, кој од таа група најдолго беше на власт, е внук на уште еден премиер кој ја основаше главната партија од грчкиот десен центар, Нова демократија.

„Нова демократија, ако поблиску ја разгледате таа партија, има речиси феудална структура“, вели Мицотакис додека седи без вратоврска во својата атинска канцеларија. „Имате големи политички семејства... големи играчи, стари премиери и сите на некој начин се натпреваруваат за власта. Тоа се глупости.“

Но, Мицотакис – наводно најсериозниот од четирите кандидати за лидерство на Нова демократија – признава дека донекаде е необичен избор. Не само што е син на поранешен премиер, туку сестра му е Дора Бакојани поранешната градоначалничка на Атина и грчка министерка за надворешни работи која пред шест години се натпреваруваше за лидерството на партијата против Самарас.

„Знам дека многумина се скептични бидејќи сум од политичка династија. Знам дека ќе има многу луѓе кои заради принцип нема да гласаат за мене, бидејќи ќе го видат само името“, вели. „Но, исто така знам дека многумина ќе ме препознаат како самостоен кандидат.“

Трката за лидерство на партијата внимателно ја следат и во Брисел и Берлин, каде бледнее уверувањето дека Ципрас ќе ги спроведе ветувањата што ги даде. Сè поголема е недовербата дека поделената опозиција е неспособна да ја победи неговата политичка надмоќ.

Алексис Ципрас, грчкиот премиер во кој Брисел и Берлин ја губат довербата

Пофалбите од ЕУ

Некои ја поврзаа надежта со Мицотакис, кој од надзорник на bailout-от заработи пофалби заради своите понекогаш осамени кампањи против непотизмот, долготрајното вработување во државните служби, додека сè до минатата година работеше како министер на Самарас за административни реформи.

И, иако го поддржуваат од странство, не е јасно дали овој деловен човек со диплома од Харвард, го поддржуваат големите партиски ѕверки – па дури и дали го поддржува неговото семејство. И, навистина, кампањата на Мицотакис за лидерство на партијата се одигрува пред кулисите на интензивното семејно ривалство кое потсетува на британските Милибанд – браќата Ед и Дејвид, кои во 2010 година се бореа за лидерството на Лабуристичката партија.

Покрај трите постари политичари од Нова демократија, сестрата на Мицотакис активно размислувала за сопствена кандидатура, но ја претекнал братот, кој ја најавил кандидатурата неколку часа откако партијата се сложила да ги одржи националните избори за нов претседател.

Наместо да му се спротивстави на братот, Дора Бакојани се повлече во улога на сива еминенција на партијата – и не му ја поддржа отворено кандидатурата. Блиските соработници велат дека таа одлука е прифаќање на политичката реалност на поразот од двете страни; доколку го поддржела Мицотакис, тоа ќе се сметало за задолжителна поддршка на член на семејството; доколку го поддржела ривалот, тогаш ќе му пречела на оној кој би требало да го поддржи.

Но, други партиски доушници велат дека тајно застанала зад моменталниот лидер, Вангелис Меимаракис, симпатичниот партиски ветеран кој го наследи Самарас, но во септември не му успеа да ги поправи лошите анкетни резултати на претходникот.

И додека повеќето тврдокорни партиски линии тајно го направија истото – тврдеше дека само лукав оперативец како Меимаракис успеал да го задржи единството на различните фракции – многумина веруваат дека Дора Бакојани има и друг личен мотив кој семејната сага на семејството Мицотакис ја прават слична на семејствата Кенеди и Милибанд.

Костас Бакојани, синот на Дора Бакојани

Мотивите на мајката

Нејзиниот син, Костас Бакојани, е еден од најефикасните регионални гувернери и признава дека му предложувале да се кандидира за лидерство на партијата, но дека одбил за да го заврши мандатот во централна Грција. „Мојата иднина зависи од тоа дали по четири години зад себе ќе имам нешто што вреди“, вели.

Бакојани, кој минатата година победи на изборите во областа која традиционално се смета за непријателска кон Нова демократија, од сите политички опции доби пофалби за својата неполитичка компетенција.“ „Тој е единствениот веродостоен иден лидер на Нова демократија“, вели поранешниот министер од левиот центар на владата на Папандреу.

Но, многумина веруваат дека ако следниот месец Мицотакис не го освои лидерството на партијата, ќе биде речиси невозможно да го наследи неговиот 37-годишен внук – и секако не пред 2019 година кога му истекува гувернерскиот мандат. Во таа смисла мотивите на неговата мајка во моменталната трка се помалку политички, а повеќе мајчински.

Дора Бакојани одби да разговара за семејните проблеми и изрази задоволство што седи во парламентот како обичен член на опозицијата. „Во моментов не сум кандидат за лидерство на Нова демократија и сите ме сакаат“, се пошегува.

Мицотакис беше подеднакво внимателен кога зборуваше за односите, но инсистира дека несогласувањата се професионални, а не лични. „Блиски сме како брат и сестра, но во минатото имавме различни гледишта“, вели. „Не ја гледаме нужно иднината на партијата низ иста леќа.“

Во грозничавата грчка политичка околина изборот за лидер на опозицијата е во два круга следниот месец, на 22 ноември, и ако ниеден кандитат не освои мнозинство, на 29 ноември – добива атмосфера на итност која не е вообичаено поврзана со таквите избори.

Ризикот за раскол

Во Атина постои страв дека пропаста на изборите, заедно со сè позаострената кампања за лидерство во партијата, би можела да ја подели Нова демократија како одек на она што во 2012 му се случи на Пасок, грчката главна партија од левиот центар, која речиси исчезна како политичка сила пред комбајнот на левицата на Ципрас.

„Заеднички именител е критиката на традиционалните структури на Нова демократија“, вели за загреаната реторика на трката, министерот од владата на Самарас. „Се наоѓаме во речиси нова ситуација за партијата.“

Иднината на поделената и обезглавена опозиција исто така ги загрижува и Брисел и Берлин, каде многумина се надеваа дека политички непорочниот Ципрас ќе го натераат да се смири со еден од своите ривали од средната струја по изборите во септември.

Наместо тоа, Ципрас зајакна уште повеќе откако Сириза се ослободи од своето екстремистичко крило и повторно стапи во коалиција со мала, популистичка партија од десното крило. Со оглед на запаливата интерна динамика на Сириза и тенкото мнозинство на Ципрас од пет гласови, некои велат дека следниот лидер на Нова демократија можеби ќе стапне под рефлекторите многу порано отколку што се очекува.

Вангелис Меимаракис

Млад и згоден

За некои реформистички активисти на Нова демократија во Атина и фрустрираните ветерани за bailout спасувањето во Брисел, Мицотакис е најспособната личност да ја преземе власта од Меимаракис, кој досега не успеа ни да да го чепне оклопот на Ципрас.

Како и Ципрас, Мицотакис е млад (47) и згоден („Можам и да ја извадам вратоврската“, се шегува), но има тешка биографија: две дипломи од Харвард и искуство како банкар и советник на Мекинзи пред да влезе во политиката во 2004 година како член на парламентот и застапник на сè поголемото атинско предградие.

Иако името можеби му го обезбеди влезот, Мицотакис успеа да ја зголеми важноста во грчките реформистички кругови – и меѓу меѓународните набљудувачи на bailout-от – истакнувајќи се во владата на Самарас.

Но, идентификацијата како реформист насочен кон економијата е необична позиција среде постојаниот бес на гласачите заради bailout-от, па дури и обожавателите се вознемируваат, бидејќи се покажува како бескрвен технократ во трката за гласови – за што тој ги обвинува годините лојално служење.

„Првпат, сега кога се натпреварувам за лидер на партијата, се чувствувам сосема слободен да искажам мислење“, тврди. „Постои и друга страна од мојата личност која луѓето треба да ја запознаат. Знаат дека сум компетентен. Знаат дека сум добро образован. Сега мораат да разберат дека сум и страствен.“

Убеден е дека потпишувањето на Ципрас на програмата од 86 милијарди евра во август му дава можност да ја заврши петгодишната битка околу отфрлањето на „меморандумот“ – како што таму го нарекуваат bailout-от – и да ги насочи дебатите кон тоа кој најдобро ќе управува со „тројката“ bailout надзорници за примена на планот.

Без оглед дали таа одлука донесува гласови, неговата надеж дека ќе стане реформист и предизвикувач на Меимаракис против естаблишментот ја расипуваат два неочекувани, помлади кандидати со убедливи надворешни акредитиви: Адонис Георгијадис, 42, поранешниот министер за здравство на Самарас, и Апостолос Цицикостас, 37, релативно непознат, неодамна избран гувернер на централна Македонија.

И, иако внимателно го критикуваат Мицотакис – официјални лица од партијата велат дека кој од нив двајца ќе успее до вториот круг, ќе го поддржи оној другиот – Георгијадис вели дека е единствениот кандидат кој убедливо тврди дека не е играч на постоечкиот естаблишмент.

Адонис Георгијадис

Кој е фаворит

„Многу е тешко да се искачите погоре во Нова демократија ако не сте член на едно од овие семејства“, тврди. „Ми се допаѓа Кирјакос Мицотакис. Тој е многу добар политичар. Но, сакам да испратам јасна порака дека и оној што не е од династија може да стане лидер на конзервативната партија во Грција.“

Исто така, Цицикостас како гувернер чија кадидатура е дури и помалку ортодоксна бидејќи не е претставник во парламентот, отворено се расправа со лидерството на партијата, што му дава убедливост дека не е дел од конфузијата во Атина – иако татко му долго време беше министер во владата.

„Сите кандидати се луѓе што ги почитувам и имаат искуство во политиката, но денес не ни треба промена во годините – треба да го промениме начинот на размислување, дејствување, лидерството на партијата“, вели Цицикостас.

Меимаракис и понатаму го сметаат за фаворит. Партијата стравува дека ако победи некој од предизвикувачите, тоа ќе ја наруши деликатната политичка рамнотежа во Нова демократија и можно е таа да се подели меѓу: Мицотакис, затоа што го претставува само либералното, про-бизнис крило на партијата; Георгијадис, кој на ист начин ја поддржува националистичката фракција; и Цицикостас, бидејќи можеби нема да може да ја контролира парламентарната партија од позиција гувернер во Солун.

Но, ако изгуби Мицотакис, многумина сопартијци веруваат дека тоа нема да биде заради искуството и акредитациите на ривалите, туку повеќе заради мешаното наследство на неговото семејство.

Како Кенеди, кланот Мицотакис има силна мешавина од харвардски дипломи, таблоиден сјај (Костас Бакојани е разведен и излегува со позната телевизиска водителка), доза скандали (Кирјакос Мицотакис во 2008 година го погоди истрагата за неговата помала улога во скандалот со мито и корупција во Сименс), како и трагедијата: 1989 година Павлос Бакојани, сопругот на Дора и таткото на Костас, кој тогаш беше парламентарен гласноговорник на Нова демократија, го уби терористичката група од крајната левица 17 ноември кога влегувал во својата централна канцеларија во Атина.

Кенедиеви го победија наследството на својот контроверзен патријарх, Џозеф П. Кенеди, долга е сенката на 97-годишниот Константин Мицотакис со која тешко се помирува сегашната генерација.

Најстариот Мицотакис како премиер се смета за еден од првите кои се позанимавале со политиките кои долго време ја оневозможувале грчката економија, а потоа во животот стекнал репутација како непријатен говорник на вистината, бил еден од првите кои предупредувале дека Грција ќе заврши во стисокот на Меѓународниот монетарен фонд ако не го промени својот расипнички начин на живот.

Апостолос Цицикостас

Рушењето на владата

Но, историјата се сеќава на Константин по она што Грците го познаваат како „апостазија“ – отпадништво – кога во 1965 година како министер го поведе ројалистичкиот бунт што ја сруши популарната влада на Георгиос Папандреу, што предизвика политички преврати за кои многумина велат дека помогнале да се создадат услови за воен удар 1967 година во Грција.

И, колку таа апостазија на Мицотакис е присутна, јасно се гледа во скржаво уреденото средиште на кампањата во атинскиот централен бизнис кварт, каде стотици волонтери од кампањата работат на телефони за да ја испитаат силата на својот кандидат и ранливоста на потенцијалните гласачи.

Кирилос Папакирилу, долгогодишен сојузник кој набљудува 200 волонтери на телефон, вели дека прво се фокусирал на предизвикување на слабостите на Мицотакис при создавањето јасни пораки за кампањата. Папакирилу откри: „Се работи само за името“, вели. „Ништо друго“.

Ако Мицотакис го мачи влијанието на наследството од неговиот татко во кампањата, тој не го покажува тоа. „Многу сум горд на презимето“, вели. „Него не го сакаат насекаде, но го почитуваат. Многу луѓе велат: ако го слушавме во раните деведесетти, денес во Грција ќе беше поинаку.“

Тоа наследство наскоро ќе го тестираат грчките гласачи. Ако победат или изгубат, тешко дека веќе нема да слушнеме за потомците на Константин Мицотакис.

Извор: Globus, 06.11.2015.