Македонија како приватна стопанска комора

23.11.2015 11:53
Македонија како приватна стопанска комора

Го гледам оној по малку изнасилено оптимистичен собир пред некој ден, во некој од скопските поголеми хотели, каде што водачот на ВМРО-ДПМНЕ го најави својот нов „изборен поход“ за „нов изборен триумф“. Значаен е тој собир, ако за ништо друго, тогаш како сведоштво, па и доказ со направените групни фотографии на сите клучни луѓе на ВМРО-ДПМНЕ, кои ја доведоа државава до таму каде што сега се наоѓаме. Ќе се објавува и ќе се преобјавува тоа табло во годините и децениите што доаѓаат, ќе стигне да се печати и во историски учебници и политички прирачници, со долги легенди под фотографијата за тоа кој е кој на неа и кој за што бил одговорен, а и кому колку му е пресудено и кој колку одлежал. Кога ќе се направат телевизиските документарци за оваа власт, како на одјавните шпици на холивудските „тру-стори“ филмови за тамошната мафија ќе следуваат приказните за нашите сегашни функционери – на пример: „Зоран Ставрески, министерот за финансии, кој ја задолжи Македонија со 5 милијарди евра и кој никогаш за десет години ни приближно не успеа да го погоди економскиот раст на земјата, познат по своите инспиративни телефонски разговори, денес живее на Мајами, откако...“ итн.

Имавме можност да ги видиме највисоките партиски функционери, министрите и нивните заменици, градоначалниците, пратениците, врвните советници и другата „поситна боранија“, сите собрани на купче, здружени, можеби за последен пат. Дури и Миле стегнат и свежо избричен, спремен за испраќање; заедно со Гордана, стегната и свежо нашминкана, спремна за сведочење. Навидум опуштени, сите некако ми делуваа напнати, како и самите да се свесни дека повеќе би сакале да се на некое друго место. Ама, таксират, ќе мора да ја делат заедничката судбина, до крај. На заедничкото табло.

ЌОРАВ НАРОД...

Едно време помислив дека не се работи за партиски собир, туку за состанок на најголемата неофицијална стопанска комора во Македонија. Во салата седеа сопствениците или тајните содружници на бројни фирми и корпорации, бизнисмени што во последните десетина години завладеаја со огромен дел од македонската економија и на национално и на локално ниво – од здруженија за такси-превоз и паркинзи, до софистицирани брокерски, банкарски, технолошки и консултантски компании. Не се тоа само бизнисмени, бидејќи еден број од присутните функционери на ДПМНЕ, или нивните кумови, кумашини, синови, браќа, сестри, братучеди и побратими, се сопственици и на десетици илјади квадрати станбен простор во државата (многу од нив имаат и станбен простор вон Македонија, се разбира) и илјадници хектари обработливо земјиште и шуми ширум татковината. Тие се нашите современи латифундии. Големите патриоти својата љубов кон татковината ја изразуваат со кумулирање голем имот – колку поголем имотот, толку поголема љубовта кон Македонија! А во слободно време, меѓу два бизниса, се политичари и државни функционери.

Тоа е екипата за која Груевски најавува дека ќе ја предводи Македонија во недогледна иднина. Тоа е денешната испеглана, наконтена, налицкана елита на ДПМНЕ. Признаваат, им недостасуваат идеи како да владеат понатаму, па отвораат предизборен процес за народот да им ги каже. Всушност, сакаат народот да продолжи да биде немиот соучесник во нивното натамошно владеење со најголемата приватна стопанска комора на Балканот – Македонија.

„Ќорав народ, моја среќа!“, наводно повремено велел Никола Пашиќ, најпознатиот српски радикал и државник од преминот на 19 и 20 век. Па, нели ние некако потекнуваме од оќоравената војска на цар Самоил...

МАЛЦИНСТВОТО ВЛАДЕЕ

Е, тој „народ“, според податоците од последната анкета на ИРИ, во мнозинство (52 отсто) мисли дека Груевски не заслужува повторен премиерски мандат; високи 35 отсто, пак, мислат дека заслужува, иако личниот рејтинг на Груевски меѓу граѓаните, според ИРИ, изнесува скромни 18 отсто! Сега, помалку ми е важно што тој личен рејтинг на Груевски е два ипол пати поголем од оној на Заев (според ИРИ, личниот рејтинг на Заев е само 7 отсто), колку што живо ме интересира кои се тие 17 отсто граѓани (од спомнатите 35 отсто) кај кои Груевски не ужива личен углед, но ужива доверба за продолжување на премиерскиот мандат?! Да е таа разлика 1-2 процента, ќе помислам дека некој бил пијан за време на анкетата или дека намерно ги зафркавал анкетарите за да внесе забуна во анкетните анализи... Но, 17 отсто граѓани, во апсолутни бројки, би требало да се меѓу 100 и 200 илјади луѓе, па тој тип аномалии – под претпоставка да верувате на вакви истражувања на јавното мнение – мора да говори за некаква сериозна, патолошка состојба во општеството во која голем број луѓе мислат дека на премиерот Груевски не би му го довериле ни полевањето на цвеќињата додека се на одмор во Грчка, ама затоа би му ја довериле државната каса за да им донесе подобра иднина?! Па, дури, таа поддршка за Груевски од сегашните 35 отсто е зголемена за 3 проценти во споредба со претходната анкета на ИРИ, кога 32 отсто од испитаниците мислеле дека е тој успешен премиер!

Едно од можните објаснувања на овие весели статистички показатели е дека поддршката за Груевски расте како резултат на тоа што голем број од оние кои не го сакаат – всушност, според официјалните статистики, десетици илјади годишно – се иселуваат од Македонија. Со оглед на темпото на заминување, мислам дека анкетите на ИРИ во следните 3-4 години опасно ќе се приближат до процентот од 100 отсто поддршка за Груевски за нов, осми или тринаесетти мандат за премиер, бидејќи, како што стојат работиве, во државава за некоја година ќе останат само оние 35 отсто од сегашните граѓани кои мислат дека сегашниот премиер треба повторно да биде реизбран на чело на извршната власт во Македонија. И најголем дел од нив ќе бидат членови на најголемата приватна стопанска комора во Македонија, ВМРО-ДПМНЕ.

ОЛИМПИСКО БОГАТСТВО

Не им завидувам на личното богатство на милионерите од ДПМНЕ. Она што ми е криво е што многу повеќе луѓе во Македонија не можат ни да сонуваат да ги достигнат височините на личниот и семејниот стандард на првите стотина луѓе од оваа власт, обезбедени и за идните неколку поколенија. Дополнително, за да ги достигне олимписките височини на своето богатство, власта ја задолжи земјата со милијарди евра, лажејќи ги граѓаните дека тоа го прават за нивно, народно добро. Всушност, како што тие се обезбедија за неколку свои генерации, така уште неколку македонски генерации ќе мора да ги отплаќаат долговите од нивното богатење. Добро, не отиде сè по приватни оф-шор сметки, нешто се потроши и на споменици, капии, рингишпили и големиот имот со кој самата ДПМНЕ се стекна („легално“, како што велат од партијата) во последната деценија. Па, која стопанска комора во светот нема атрактивни канцеларии во центарот на столицата?

Паметиме, пред да дојдат на власт, некои од ударните популистички тупаници на Груевски држеа прес-конференции на Водно, пред капиите на вилите на „црвената буржоазија“ произлезена од времињата на социјализмот и од редовите на СДСМ. Денеска „пајташите“ на Груевски поседуваат најмалку три-петини од имотот на некогашната „црвена буржоазија“, а Груевски, во слободно време, им ги премерува плацевите на Водно и по телефон во детали дискутира со Јанакиески како да им изгради потпорни ѕидови, пристапни улици, приклучоци за струја и вода и високи огради, бидејќи им е другар и сака да им помогне на своите многу зафатени познаници кои му ја движат економијата. Таков е човекот, народен, ништо не може да го спречи да помогне за подобар живот на разни претставници на нацијата, поединечно.

Затоа и велам дека сликата од скопскиот хотел во кој минатата недела се беа собрале врвните претставници на владејачката ДПМНЕ, за нивниот лидер да им најави уште еден успешен изборен поход кон власта, ќе се чува и памти како сведоштво за неверојатните поединечни успеси на тие луѓе. А, најголемиот дел од нив, до пред десетина години, не можеа да ја најдат ни зградата на тој хотел во Скопје во кој сега предизборно ги слават своите идни изборни победи.

Слики: Свирачиња
Извор: Слободен печат