За „Лаокоон“, сликата на Ел Греко

23.11.2015 14:12
За „Лаокоон“, сликата на Ел Греко

Ел Греко, Лаокоон (околу 1610/14), Национална уметничка галерија, Вашингтон

 

Сликата Лаокоон на Ел Греко е предмет на различни толкувања коишто првенствено се занимаваат со начинот како овој сликар ја обработил античката легенда за Лаокоон и Троја. Хеленските мермерни скулптури се откриени во Рим за време на ископувањата 1506 година, а овој мотив оттогаш бил често уметнички обработуван. „Формулацијата на настаните на Ел Греко секако мошне се разликува од другите можни узори. Освен тоа, треба да се напомене дека кај двете фигури на десниот раб на сликата главите се сметаат за пентимент (слика која се појавува под слоеви на понови слики, т.е. подоцнежни исправки што ги правел самиот сликар) и дека затоа тој дел од сликата не игра улога при толкувањето.“ (Beaufort‒Spontin, 2001)

Различноста на прикажаните машки тела почива на важечките телесни концепти на 16 век и на времето околу 1600 година. Враќањето кон таквите концепти за телото води кон една поинаку осмислена димензија. Сликата може да се гледа така што погледот ќе ја следи спиралната патека тргнувајќи сосема одлево, преминувајќи преку позадината и мажот што лежи, кон нејзиниот десен крај и во средина. На нејзе се прикажани четири главни животни стадиуми на еден маж и првенствено тематизираните премини помеѓу нив. Во раниот нов век имало случаи на прикажување и до дванаесет животни фази или степени, но четирибројот сепак претставувал основа за нивно прикажување. Значењското рамниште на животните стадиуми на мажот е во совршен склад со „очигледното“ рамниште на античката приказна, т.е. овие два значењски слоја еден на друг не си противречат. Впрочем, обете рамништа се погодни за разновидни студии на актови, кои едновремено се присутни на сликата.

Премините меѓу животните стадиуми во автобиографиите до 18 век често метафорички се прикажувани како умирање/смрт и повторно раѓање. За ова ќе ни посведочи и „крунскиот сведок“ од 16 век, Бенвенуто Челини. Следнава интерпретација се потпира на таквите сфаќања, но и на современите учења за телото и за животните периоди или стадиуми. Станува збор за конвенционални сфаќања, широко распространети во 16 и 17 век, кои биле дел од општиот, популарнонаучен или популарнолитературен корпус на знаења за мажот „како таков“ и биле репродуцирани во голем број.

Ел Греко, Лаокоон (околу 1610/14), детаљ 

Покрај мотивите на коњот, градот, машко‒женскиот пар и трите машки лика од легендата за Лаокоон и Троја, Ел Греко употребува и две змии. Тие змии треба да се разберат како алегорија на смртта, односно на умирањето. Во ранонововековната амблематика познати се многу можности за толкување на симболот змија, но змиите на Ел Греко не поседуваат ниеден од оние атрибути, кои би можеле да им дадат такви различни значења. Нивното значење затоа најпрвин би требало да го бараме во нивното потекло, во митот за Лаокоон. Дали имаат и други значења, ќе видиме подоцна. Трите машки лика се ослободени од својата вплетканост, како што биле прикажани на античката скулптура, и поставени се во различни позиции ‒ кои претставуваат животни фази. Фронталната фигура од лева страна претставува „сè уште момче“, „недопрено“ момче пред кого е растењето. Тој е единствената машка фигура која кон посматрачот е свртена фронтално, така што можат да се видат неговите гениталии. Оваа нетабуизација е дозволена бидејќи момче на таа возраст, според тогашното учење за телото, не поседува за создавање способно „обликодавачко семе“ и бидејќи не може да се повлече остра граница помеѓу неговото и младото женско тело (спореди ја женската фигура сосема десно која исто така е фронтално поставена). Топички е тоа „недопрено момче“. Борбата со змијата укажува на смртта која наскоро ќе настапи, но тоа е секако метафоричка смрт, премин во следната животна фаза. Коњот симболизира „passage“, градот друго „место“ ‒ било метафорички или реално ‒ откако ќе се изврши „passage“. Другиот син, десно од таткото, не е прикажан во борба со змија, т.е. во процесот на премин, туку е мртов. Нему семиотички може да се припише двополниот пар на десната страна од сликата. Кај синот што лежи навестени се срамните влакна во гениталниот предел, но самите гениталии се табуизирани. Станува збор за млад, полово и за брак зрел маж, кој се одвоил од таткото ‒ во уште една животна фаза метафорички обликувана како смрт и повторно раѓање. (Сликарско‒технички недовршениот) пар упатува на брак, следната животна фаза на повторно родениот маж ослободен од таткото. Женската фигура го врти погледот надесно; таа е само атрибут на целината ‒ главен предмет на сликата се животните фази на мажот. Конечно, во средината се наоѓа таткото кој со змијата се бори на живот и смрт. Неговото тело јасно се разликува од телата на двајцата синови на различна возраст. Носи брада како симбол на зрел маж, неговото тело е пошироко, а гениталиите му се сосема табуизирани (како и кај машката фигура на парот). Ова одговара на начинот на раскажување на мажите во нивните автобиографии (кај Челини, на пример) во врска со брачната сексуалност која претставува табу. Брадата е бела, косата седа ‒ ова очигледно претставува алузија на староста и, во комбинација со змијата, алегорија на смртта, алузија на реалната смрт при крајот на животот.

Ел Греко, Лаокоон (околу 1610/14), детаљ  

Парот понекогаш се толкува и како Адам и Ева, бидејќи машката фигура во левата рака би можела да има некаков заоблен предмет ‒ јаболко, како што се мислело (истиот пар во значењското рамниште на легендата за Лаокоон и Троја, поради истиот атрибут, може да се поистовети и со Парис и Елена). Сликовното укажување на прародителскиот пар во ситуација на грешен пад само би ја истакнало животната болка која се отсликува во мрачната атмосфера, а змијата дополнително би упатувала на негативната конотација на сексуалноста, како што укажуваат одредени толкувања на приказната за грешниот пад.