Кога не мора да ги убиваат - ги умираат!

23.11.2015 17:31
Кога не мора да ги убиваат - ги умираат!

Еден критичар на власта помалку. Уште еден ГЕМ-овец замина. Горан Софески. Не секогаш со доследна мисла, ниту со раскошен талент за пишување, уште помалку од оние хиперактивните на Фејсбук. Но, бездруго човек кој одлично го познаваше својот занает – военото разузнавање. Како и матните зделки на режимот.

Поранешниот воен разузнавач Софески утринава е пронајден мртов. Истрагата, која е во тек, најверојатно ќе покаже дека некаде во кичевските кории откажало срцето на Горан. Или му се случила некоја друга несреќа. Нема да добиеме одговор на прашањето зошто Софески со години е малтретиран, зошто му е намален чинот и зошто е испратен во единица за која е потребно човек да е добро физички подготвен, а не да има болно срце.

Истрагата најверојатно ќе докаже дека Софески не е убиен. Кога не мора, режимот не ги убива своите противници. Едноставно, ги умира. Ги доведува луѓето до работ на нивните физички и психички способности, а потоа е потребна само мала несреќна околност работ да се пречекори и човек да се струполи во бездната.

Софески веројатно не е убиен, но тој е жртва на овој режим. Како што жртви беа и Роберто Беличанец и Никола Младенов. И многу други несреќни луѓе, чии имиња никогаш нема да ги дознаеме и да ги спомнеме. Кој е следниот?

Извор: Плусинфо, 23.11.2015.