Иконокласти и модернофоби

24.11.2015 01:50
Иконокласти и модернофоби

1.

Не знам, не сум сигурен дали исходиштето на насилството може да се бара (и) во предрасудите, но не мислам да ја разглобувам таа теза понатаму. Како и да е, еден дел, нека е и мал, а не е мал, во тоа насилство, манифестирано на различни начини, сигурно е производ и на предрасудите. На предрасудите од различен тип: етнички, културни, верски, политички … И сите ни се добро познати, и низ историјата на ова тло, и денес.

Предрасудите пак, главно, ги дефинираат како однапред создаден, неоснован во реалноста и по правило негативен суд/став за некоја личност, пол, раса, класа, етничка заедница... И секоја предрасуда во принцип произлегува од незнаење, непознавање, неискуство. И кога речниците и енциклопедиите тоа така убаво ќе ви го објаснат, уште да почнете и да го разбирате, ако не оправдувате. Се разбира дека предрасудите кон човекот, особено оние што се манифестираат низ насилство, се врвот на нетолеранцијата и секогаш добиваат поголема доза осуда. Кај нас виреат сите по ред, особено денес, но (за среќа) поретко кулминираат во насилно однесување, иако и тие форми не ни се непознати.

Не знам и дали предрасудите ги опфаќаат односно можат со тој назив да се наречат и разните фиксации, патологии, стереотипизирања насочени и вон стриктно човечкиот род и неговите активности. На пример „предрасуди“ кон сегашноста или иднината, кон одделни уметнички форми, кон одделни научни толкувања итн.

А зошто не би можеле, кога и тоа се неразумни ставови кон нешто, вообичаено отпорни на разумни влијанија и објаснувања?!

Во таква светлина се обидувам да ги согледам актите на насилство насочени кон, на пример, археолошките локалитети од страна на џихадистите, но и истите (или слични) манифестации кон еден современ град т.е. Скопје.

 

2.

Се разбира, не се повлекувам од тезата дека во основата на таквите манифестации – оние во Палмира, или во Авганистан, но и овие во Скопје – лежи (и) омразата. Можеби омразата е посилна од предрасудите, или е нејзин производ, или...?! Мислам дека овде се наталожиле повеќе негативни чувства и опсесии/фиксации/патологии, низ чијашто призма можат да се (со)гледаат таквите „активности“.

Не можеме баш сè да сведеме на една од констатациите на CNN дека уништувањето на Палмира е само уште еден акт на привлекување на светско внимание и регрутирање на нови симпатизери. Во еден дел – можеби, но сепак. И дали истото важи и за „Скопје 2014“? Можеби, но повторно делумно, односно ако се гледа како обид да се обединат сите мрачни сили кои едноставно го мразат овој град – таков каков што е?!

Сепак, за Палмира постојат и други објаснувања. Едното го спомнав минатиот пат и лежи во религиските корени на исламот и неговата иконокластична борбеност против сите човеколики претставувања. Од таа призма (и) Палмира би била идолатрија од некаков вид, иако датира многу пред исламот. Иако, велат, дека иконоклазмот не е измислица на исламот туку тој бил запишан уште во Библијата, значи многу пред чинот на отстранувањето на идолите од Кааба во Мека.

А сепак, некои аналитичари сметаат дека Палмира како цел нема врска со потенцијалната репрезентативност на нејзината уметност, туку повеќе заради познатата (некогашна) отвореност, мултиетничност на градот, толеранцијата кон другите култури и религии и сл. Таквиот симбол денес, на тие простори, како самиот да си ја бара(л) бељата!

 

3.

Но, каде лежат корените на нашево современо модернофобство, на нашиве полуписмени бароконосци кои со „оган и меч“ успеаја да девастираат цел еден град? Знам, многумина ќе забележат дека компарациите на иконоклазмот на исламот со ова нашево туткунско модернофобство можеби и не се соодветни. Веројатно не се, зашто исламот е сериозна религија со објасниви корени, а нашево е шизофрено современо безумие. Ама, некако носат (навидум) слични печати. Иако овие нашиве бароконосни печати „жежат и печат“ дури посилно, зашто се производ на сите мрачни сили собрани на едно место.

Кај нив нема ни светост ни филозофија, ни религија ниту пак ум – тие се напојуват само и исклучиво на изворите на омразата, предрасудата, незнаењето. Инаку, кому му пречеше, на пример, објектот на Муличковски, и зошто? Затоа што беше симбол на некогашниот комунизам? Глупости. По таа логика треба континуирано да се уништуваат (или префасадираат) едно чудо згради, палати, дворци низ светот што биле симбол на некакво друго, поинакво, па нека е и омразено минато.

Или, зошто им пречи ГТЦ? Еве, тој не е симбол на ништо. Ама – сепак е, ГТЦ е (повторно) симбол на она омразено нешто – на модернизмот – кон кој тие имаат сто и една предрасуда, кој апсолутно не го разбираат. Тој во нивните очи „монструм“, ниту бил израз на т.н. политички тоталитаризам ниту пак бил/е репрезент на некакви скриени значења. Тој бил и е само еден прекрасен архитектонски/уметнички израз на едно време, репрезент на еден градски, урбан, модерен светоглед којшто сељачанава научена на кал и опинци не може да го разбере. Како впрочем и објектот на Поштата, што подеднакво му се гадеше на другоно сељаче-филозофче па ќе го ставаше на маици! Тоа се такви типови – од мали врзани во клупче, неизлезени од дома, уштоглени, конзерви, кратковиди и тесногради… ама денес се сите „џезери“ во барокно руво!

Затоа мислам дека кај нас има од сè по нешто, но највеќе страв, омраза и предрасуди од/кон непознатото, нелагодност од незнаењето, комплекс од неразбирањето. Зашто, да доаѓаш секој ден и да седиш во еден таков објект, треба да го разбираш неговиот концепт, неговата „порака“, да ја разбираш Модерната, и не само неа туку и она што ѝ претходело и тоа што ја наследило. А шутрациве не разбираат – ништо. Ни едното, ни другото, ни третото. Бегале од часови, уличареле, препишувале и научиле – тапа! Затоа и сето она околу нив им изгледа чудно, нејасно, не можат да ги дешифрираат кодовите, уште помалку знаат како да се однесуваат кон нив. А ги мразат и оние кои умеат сè што тие не знаат и не умеат. Затоа и уништувањето им оди од рака, бидејќи е јасно мотивирано.

Истите проблеми се рефлектираат и во нивните „разбирања“ на културата и уметноста. Џабе им се и одењата до Париз и Лондон, Њујорк и Токио кога (повторно) таму разбираат уште помалку отколку тука. (И) таму буљат ко слепци и ептен ништо не им е јасно. Каква фајда што и овде, на пример, имаат Музеј на современата уметност, со еден Пикасо и уште по некој великан, кога тие ништо од тоа не разбираат. Ним им требаат сликички – руски и украински по можност, оние кичовидни разгледници низ кои што ќе шетаат комити и Турци, ќе се бијат битки и ќе се слават измислени победи. Затоа и си направија музеј и затоа истураат толку пари во него. Затоа и пред извено време го спомнав перформансот на големиот Бојс, „Како да му ги објасниш сликите на мртвиот зајак“! Иста приказна.

 

4.

Затоа нашава современа беда и јад доби таков замав и богами популарност кај одреден број луѓе. Зашто тупавиот не можете преку ноќ да го образувате, уште помалку да му го објасните сето она што го пропуштал толку децении. Незнаењето, неразбирањето, комбинирано со предрасудите и власта во раце води кон избувнување на сите насобрани бесови, на сите запаметени и некои подзаборавени потсмевања и резултира во миг на одмазда, на враќање „мило за драго“, payback time! Демек, е сега ние ќе ви покажеме што е вашиот град за нас. Ќе ви направиме „поубав“ град, од стиропор, и ќе ве оставиме да уживате во него.

А избраниот „модел“ – таканаречениот барок или неокласицизам, се веројатно сосема случајно избрани „од тепка“ примери, нешто што запаметиле шетајќи по продавници низ Европава и им се видело „поразбирливо“ од другото. Или пораскошно, побуржоаско, а тие, пустите, секогаш мечтаеле да бидат буржоазија. Со смрдливи чорапи ама – буржоазија, на балкански начин. Нема врска што нашиов „барок“ и „неокласицизам“ само „поминал“ покрај некаков сериозен барок или неокласицизам. Важно е да се реализира сонот од младоста, да се тргне ноќната мора наречена модернизам, па и по цена на овој стиропор.

А цената – висока. На стиропорот мислам. И расте од ден во ден, со секој анкес договор. Зашто, видоа, можело и така: ем одмазда, ем богатење! (Модерно)фобијата се трансформира во (бароко)филија со акцентиран мирис и шушкавост на парите!

Извор: teodosievskiumetnost.wordpress.com
Фотографии: Иван Шопов

ОкоБоли главаВицФото